Општество

Како најбогатите за време на пандемијата станаа енормно богати?

Љупчо Поповски

авторот е новинар

Кога сите други страдаат најбогатите се збогатувале – петнаесетте најбогати Американци лани во март вределе 846,1 милијарда, а во декември 1 322,8 милијарди долари, што значи дека богатството само кај овие 15-мина се зголемило за фрапантни 56 проценти.

 

Не треба да се биде економист, статистичар или друг научник за да се види како пандемијата на корона вирусот ја подигна до хималајски височини неедаквоста во светот. Не е само овде, во сиромашната Македонија, ниту кај нашите сиромашни соседи, ниту во Африка, туку се чини најмногу токму кај најбогатите, како САД или Австралија, на пример.

Видете што се случува на берзата во Њујорк. Во време кога светската економија се тетерави и само Кина успеа да стигне до пораст од 2,4 отсто во минатата година, сите други економии контрактираа, особено оние најбогатите. А индексите на Вол стрит стигнаа до рекордни височини, незабележани во историјата. На прв поглед изгледа нелогично, но економистите имаат свои толкувања и научни и пазарни објаснувања. Но, тоа се прашања за големите економисти. Да ги видиме фактите.
Во време кога даноците во САД се на рекордно ниско ниво, милијардерите станаа енормно побогати. Од почетокот на пандемијата, во март 2020 година, 651 милијардер во Америка го зголемил своето богатство за 1 064 милијарди, велат податоците заклучно со декември. Тоа претставува зголемување на богатството за 36 проценти.

Според пресметките, сите тие милијардери можат своето новостекнато богатство за време на пандемијата да го поделат така што ќе испратат чек од 3 000 долари на секое лице во САД (маж, жена, дете) и нивните пари да останат на истото ниво од пред март 2020 година. Само овој податок покажува колку богатите се збогатувале во време кога сите други страдаат. За тоа време, 20 милиони Американци останале без работа, 8 милиони паднале во сиромаштија, 26 милиони се гладни.
Во Астралија, според извештајот на „Оксфам“, има 31 милијардер и тие го зголемиле своето богатство за 85 милијарди американски долари за време на пандемијата. Во извештајот на „Оксфам“ се вели дека на една медицинска сестра која е во изнемоштувачка борба со корона вирусот и спасување на пациентите ќе ѝ требаат 259 години да го заработи она што го добива еден извршен директор на голема компанија за една година. Или поинаку: еден извршен директор ја заработува годишната плата на медицинска сестра за само 1,3 дена. Или уште поинаку: ова ново богатство на милијардерите ако се распредели на 2,5 милиони најсиромашни Австралијанци секој од нив би добил еднократна исплата од 33 300 долари.
Но, зошто богатството преку поправедни даноци да се распределува кога може да се калапи?

Погледнете ја табелата 1 на зголемувањето на богатството на петнаесетте најбогати Американци од 18 март до 7 декември 2020 година, во времето кога САД имаа близу 400 000 починати од ковид-19 и 20 милиони заболени. Првата графа се однесува на март 2020 година, а втората на декември 2020 година.



Вкупно овие милијардери лани во март вределе 846,1 милијарда долари, а во декември 1 322,8 милијарди, што значи дека богатството само кај овие 15-мина се зголемило за фрапантни 56 проценти.
Како изгледа оваа нееднаквост кога ќе се претстави на американското општество? Вкупното богатство на милијардерите изнесува 4 000 милијарди, што е два пати повеќе од целото богатство на втората половина од американските граѓани, која изнесува 165 милиони луѓе. Тие сите заедно вредат 2 100 милијарди долари.

Никогаш порано во Америка немало толку акумулирано богатство во толку малку раце. Додека десетици милиони Американци страдаат од здравствените и економските последици од пандемијата, неколку стотици милијардери како да не се обѕрнуваат на тоа. Тие би можеле да ги платат сите пакети за помош за кои во Конгресот се водат тешки политички битки меѓу републиканците и демократите и да не изгубат ништо од своето богатство. Па, сепак, не сакаат да го сторат тоа. Не треба да се има докторат по етичка филозофија за да се елаборира дека ова не е време на емпатија, на сочувствителност кон страдањата на другите. Ова е трка на најбогатите како да се искачат некое скалило погоре, на височини кои изгледале незамисливи до пред само три-четири години.

Џеф Безос и неговата поранешна сопруга Мекензи Скот заедно имаат богатство од една четвртина од 1 000 милијарди поради нивното сопствеништво на „Амазон“. Џеф Безос одбиваше дури да ги подобри условите на своите 810 000 вработени, а ако им исплатеше на секого годишен бонус вреден 88 000 долари пак немаше да биде „посиромашен“ од пред девет месеци.
Или Илон Маск. Од март до декември неговото богатство се зголемуваше со ракетна брзина исто како и неговиот вслеленски брод SpaceX: од 24,6 се искачи на 143 милијарди долари. Тој пораст на неговото богатство од 119 милијарди е пет пати поголем од годишниот буџет на НАСА кој изнесува 22,6 милијарди долари за 2020 година.

Пораст на богатството од 96 отсто има Марк Цукерберг, од 54 на 105 милијарди долари. А нјаголем скок од 543 отсто има шефот на Quicken Loans, Дан Гилберт, кој во март вредеше 6,5 милијарди, а во декември 41,8 милијарди долари.
Новиот претседател Џо Бајден уште во изборната кампања најавуваше дека треба да има поинакво оданочување за најбогатите да придонесат за колку-толку подеднаков развој на општеството и за подобрување на јавните услуги. Големо прашање е дали тоа ќе биде возможно да го направи.

Во годините по Втората светска војна, богатите Американци плаќаа маргинална даночна стапка меѓу 70 и 90 отсто. Со таквото собирање даноци можеше масивно да се инвестира во изградба на инфраструкурата, образованието, здравството и истражувањето. Тогаш и се создаде најголемата и најпродуктивната средна класа што светот ја беше видел дотогаш, а и оттогаш. Но, со доаѓањето на Роналд Реган на власт на изборите во 1980 година сето тоа го снема. Неолиберализмот го потчини капитализмот. Даноците почнаа забрзано да се намалуваат за под претседателството на Доналд Трамп да се сведат на речиси симболичка стапка. Како резултат на тоа Америка се повлече од јавните инвестиции. Резултатот може да се види во драматичната борба со корона вирусот – здравствената заштита и јавниот здравствен систем се речиси дисфункционални; инфраструктурата е застарена, многу малку се градат нови автостради. Дури и научното истражување, што беше американски заштитен знак, оди со стабилни чекори назад. Продуктивноста падна на ниски гранки.
Во извештајот на „Оксфам“ пред почнувањето на Светскиот економски форум во Давос, кој годинава ќе биде виртуелен преку дигиталните платформи, се вели дека пандемијата ја предизвика најлошата криза во вработувањето во последниве 90 години. Стотици милиони луѓе се или недоволно платени или останале без работа. Меѓу нив најпогодени се жените и етничките малцинства. А богатството на најбогатите поединци е еднакво на економската помош во пандемијата на сите дваесет држави од елитната група Г20.

Оние што страдаа повеќе пред појавата на вирусот ќе страдаат уште повеќе на патот на закрепнувањето кога ковид-19 ќе биде зауздан. Никој не знае колку долго ќе трае опоравувањето на најбогатите, а дури ни во доменот на шпекулациите не се предвидувањата како и кога сиромашните би можеле да се вратат на некое подносливо сиромашно ниво.

Тоа најдобро се гледа во целата рашомонијада за вакцините. Сѐ се случува онака како што предвидуваа многу економисти и филозофи уште летоска, кога се работеше на развивањето на вакцините. Нивните укажувања дека најбогатите ќе го земат првиот и најголем колач на вакцините, а сиромашните ќе бидат оставени да страдаат, се покажаа целосно точни. Дури и пострашни. Кога ни Европската Унија не може да ги добие навреме вакцините кои ги плати уште лани летото, кога со предвремените уплати го финансираше истражувањето, што може да очекуваат сиромашните? Ништо, или по некоја трошка, или пак, руски и кинески вакцини кои не се добро регулаторно проверени и нивната ефикасност не е поткрепена со детални анализи.

Тоа е времето – сега е време на технолошки феудализам. Големите комуникациски компании го диктираат наративот и секојдневието во светот; нивната одговорност е речиси никаква, а богатството како Монт Еверест. Нема ни емпатија, ни поправедна распределба, ни чувство за заеднички развој од кој корист ќе имаат сите, па и оние што сега енормно се збогатуваат. Ништо.

(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО