Економија

Узунов: Извозната структура треба да еволуира кон извоз на стоки и услуги со поголема домашна додадена вредност

Научна студија „Големата слика: македонската економија на среден и долг рок“, поддржана од Фондацијата „Фридрих Еберт“

Ванчо Узунов, универзитетски професор

Научна студија „Големата слика: македонската економија на среден и долг рок“, поддржана од Фондацијата „Фридрих Еберт“

За РСМ најсоодветна е развојната стратегија на извозна експанзија која се спроведува преку: подобрување на квалитетот и функционалноста на институциите, добро регулирање на пазарите, подобрување на квалитетот на човечкиот капитал, поддршка на квалитативните аспекти на работењето на фирмите и инвестиции во ИКТ-инфраструктура, транспорт, енергетика и „зелената агенда“. Кај институциите не станува збор само за воведување на најсовремени техники на раководење и за намалување на бројот на државната и јавната администрација, туку за реформирање на целокупниот општествен и политички „сет-ап“. Многу битно е да дојде до брз исчекор од постојната конкурентност базирана на евтин труд кон квалитативна конкурентност во дејности и индустрии со (барем) средно ниво на технолошка опременост. Фирмите од РСМ да бидат први следбеници на технолошките лидери. За тоа се потребни подобри квалификации на работната сила и пораст на иновациите. Образованието треба да дава знаења и квалификации што ги носи дигитализацијата и тие ќе стануваат сè побитни. Технолошката модернизација на домашните фирми треба да биде поддржана од Владата, како и со привлекување на СДИ со производство што е компатибилно со можностите на домашните фирми за вклучување во нивните вредносни вериги. Комплементарно на тоа е вклучувањето на домашни фирми во регионалниот – во иднина заеднички – пазар, и во меѓународните вредносни вериги. Извозната структура треба да еволуира кон извоз на стоки и услуги со поголема домашна додадена вредност.

ПРЕПОРАЧАНО