Економија

Поповски: Уверени сме дека презентираните решенија и правци во студијата ќе дадат голем придонес во тоа

Научна студија „Големата слика: македонската економија на среден и долг рок“, поддржана од Фондацијата „Фридрих Еберт“

Никола Поповски, универзитетски професор

Научна студија „Големата слика: македонската економија на среден и долг рок“, поддржана од Фондацијата „Фридрих Еберт“

Речиси цел еден век фискалната и монетарната политика и нивната координираност се основните инструменти за макроекономска регулација на пазарните економии. Нивните мерки ја одредуваат и ја насочуваат економијата кон нејзина подобра ефикасност и структурни промени на краток, среден и долг рок, обидувајќи се да постигнат динамичен раст и ублажување на деловните циклуси во економијата, особено рецесиите, како и да обезбедат целосна вработеност на производните фактори, пред сè на работната сила. Таа задача воопшто не е лесна и рутинска и зависи од нивото на познавањето на економските законитости, нивното почитување и разбирањето на спецификите на секоја национална економија со нејзините сопствени економски, но и општествени цели, приоритети и задачи што се поставуваат во конкретниот период.

Оттука обидот да се врамат и да се презентираат фискалната и монетарна политика соодветни за посебностите на македонската економија на среден и долг рок не е нималку наивна и лесна задача. Периодот што ни претстои, како и често пати до сега, ќе биде одбележан со исклучителни и сериозни предизвици и глобални економски трансформации кои ќе треба многу подготвено и внимателно да ги дочекаме. Авторите на студијата се зафатија со тој проблем, навестувајќи ги и храбро предлагајќи ги главните правци и детали на примена на фискалната и монетарната политика во иднина, познавајќи ја македонската економија и прифаќајќи ги нејзините добри и слаби страни, но и можностите што се пред нас за подобар економски напредок. Уверени сме дека презентираните решенија и правци во студијата ќе дадат голем придонес во тоа.

ПРЕПОРАЧАНО