Економија

Зоран Јовановски: Само квалитетна долгорочна економска стратегија обезбедува одржлив развој

Научна студија „Големата слика: македонската економија на среден и долг рок“, поддржана од Фондацијата „Фридрих Еберт“

„Карантинска миопија“ е името на една од последиците по здравјето на луѓето што научниците ја идентификуваа во врска со пандемијата предизвикана од вирусот ковид -19. Се работи за значително зголемување на кратковидоста поради тоа што пандемијата доведе до „затворање“ на цели општества во домовите и луѓето поминуваат многу време во затворен простор, постојано гледајќи предмети што се во непосредна близина и екрани на телевизори, таблети, телефони итн. Сепак, со завршувањето на пандемијата ќе се среди и работата со „карантинската миопија“.
Но, што правиме со кратковидоста на нашето општество која трае со децении, а се однесува на македонската економија и економските политики? Кратковидоста која го изнедри популизмот на пиедесталот како врвен приоритет ја постави политичката битка и нејзиниот исход. Во такви околности, повремените блесоци на некои обиди од минатото за внесување долгорочен поглед кон работите и градење на долгорочна економска стратегија не ја донесоа посакуваната промена во пристапот. Причините не можат лесно да се идентификуваат. Дали таквите обиди беа само автентичен индивидуален порив на ентузијасти, дали го немаа потребниот експертски габарит на авторите, дали ја немаа искрената поддршка од политичките елити, не беа квалитетно изработени или можеби причината беше нешто сосема друго?
Без оглед на досегашниот неуспех во македонското општество да се наметне како тема долгорочната димензија на правците и механизмите за развој на македонската економија, надежта не смее да се изгуби. Напротив, секој напор, секој обид во таа насока секогаш треба да добие максимална медиумска и општествена поддршка. Во тој контекст, научната студија „Големата слика: македонската економија на среден и долг рок“, поддржана од Фондацијата „Фридрих Еберт“, заслужува да се најде во фокусот на општествените дебати за тоа како да се дојде до економски раст и развој кои се одржливи на долг рок. Без оглед на можните идеолошки разлики, преку дебата заснована на научни студии можеме да дојдеме до појасна слика за тоа што е всушност целта на македонското општество, да се организираме и забрзано да се движиме кон таа цел.

Кои се клучните пораки на оваа научна студија?
Најпрвин, студијата ја става македонската економија надвор од двете вообичаени групи, либералната пазарна економија и координираната пазарна економија, и ја позиционира во групата на „зависни пазарни економии“ поради нејзината зависност од трансфери од странство во форма на дознаки и прилив на странски инвестиции. Тезата е дека ова долгорочно не е добро за македонската економија и со структурни реформи таа треба да го напушти ова „место“. Потребно е да се промени политиката на привлекување на странски директни инвестиции со насочување кон такви кои ќе произведуваат финални производи. Во тој контекст, неопходна е поддршка за домашните фирми во насока на нивно технолошко модернизирање, со истовремено користење на поинакви инструменти за поддршка. Решението се гледа во модел на раст базиран на извозот каде што извозот во поголем обем би содржел повисока домашна додадена вредност.
Студијата покажува дека генерално растот на македонската економија речиси во целост има трудоинтензивен карактер и произлегува од придонесот на работната сила. Во периодот 2006 – 2018 година продуктивноста се зголемувала просечно годишно само за 0,2 проценти за разлика од вработеноста која во истиот период се зголемувала за 3,1 процент просечно годишно. Со оглед на тоа што се предлага моделот за раст да се потпира на извозот, а тој не треба да се потпира само на евтина работна сила, потребно е многу поголемо внимание да се посвети на вложувањата во истражување и развој и обезбедување подобро образование и наука. Тука, меѓу другото, се мисли на преоценка на состојбите во високото образование со заострување на критериумите за избор во научно-наставни звања и поврзување на универзитетите со бизнис-секторот и стимулирање на тоа поврзување преку национални грантови за научни проекти.
Научната студија го истакнува големото значење на потребата од подигање на квалитетот на институциите. Таа го посочува поразителното сознание дека во периодот 1996 – 2018 година, од шесте индикатори на Светска банка за квалитетот на институциите, земјава има остварено напредок само кај „ефективност на владата“ и „квалитет на регулативата“, а нема напредок кај „гласност и отчетност“, „политичка стабилност“, „владеење на правото“ и „контрола на корупцијата“. Во основа се укажува на потребата да се подобрат квалитетот и функционалноста на институциите и дека досегашната „де јуре“ промена на поставеноста на институциите не произведува и нивна „де факто“ зголемена функционалност.
Еден од клучните столбови на научната студија е нејзиниот поглед кон „споделувањето“ на придобивките од долгорочниот економски раст и развој внатре, во рамките на македонското општество. За таа цел, студијата се залага за прогресивност на даноците и зголемување на расходите на државата. Се укажува на фактот дека вкупните буџетски расходи на општата влада во последниве години кај нас се движат меѓу 30 и 31 % од БДП за разлика од Србија со 41 %, Хрватска со 46 % и Франција со 56 %. Студијата се залага за тоа да не се воведуваат пониски даночни стапки за одредени сектори и да се воведат нови даноци на загадување. Се залага за воведување нумерички фискални правила и формирање фискален совет. Зголемените расходи на државата би се насочиле кон поголема социјална заштита на населението.
Се разбира, клучниот збор од кој зависи придонесот на која било научна студија кон градење на долгорочна стратегија за развој на македонската економија е зборот „консензус“. Тоа е консензус на граѓаните испорачан до политичките елити кој тие само треба со текот на времето да го реализираат. Така ќе ја избегнеме ситуацијата постојано со секоја нова политичка гарнитура да ни се случуваат „нови почетоци“ кај економските политики. Научната студија поддржана од Фондацијата „Фридрих Еберт“ е добра стартна основа да почнеме општествена дискусија. Така полесно ќе дојдеме и до потребниот консензус.

(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО