Економија

Џатин Такрар: Индустријата ќе се промени на краток рок за да се насочи кон нови хибридни и електрични возила

Автомобилската индустрија во Република С. Македонија

Џатин Такрар, Поранешен менаџер во Џонсон Мети, од влезот на компанијата во земјава во 2008 година, па до 2016 година

Автоиндустријата во моментов минува низ тежок период, со пад на побарувачката поради кризата предизвикана од ковид-19, при што продажбата падна кај сите реномирани автомобилски компании до 20 %. Ова имаше верижна реакција со забавување на продажбата за индустријата за автокомпоненти. Како резултат на кризата, доставувачите на компоненти веројатно не би биле во можност да ја задоволат побарувачката во никој случај поради „затворањето“ на земјите и други ограничувања на синџирот на снабдување. Автоиндустријата поминува и низ промени со преструктурирање и спојување на некои големи компании, а исто така бизнисот се движи кон електрични возила. Има толку голема загриженост за животната средина поврзана со емисиите кај моторите со внатрешно согорување, што постои желба да се заменат сегашните технологии со хибридни или целосно електрични возила, иако дизајнот на автомобилот и возот поминаа низ огромни промени, а моторите денес се поефикасни во емисијата на штетни гасови и моќност во споредба со пред 30 години.

Индустријата ќе се промени на краток рок за да се насочи кон нови хибридни и електрични возила. Ова ќе значи дека некои компоненти ќе имаат потреба од нови делови, а други постепено ќе се намалуваат.

За Северна Македонија има голем број предизвици, особено во однос на одлуките за политиките и во однос на поедноставување на административните барања:
• Да се обезбеди конкурентска предност на постојните бизниси.
• Да се реформираат увозните давачки за суровини и компоненти за да се овозможи директен бенефит во трошоците за производство. Северна Македонија има многу стапки на увозни давачки од Поранешна Југославија. Нормално, една земја воведува повисоки давачки за да ја заштити локалната индустрија, но во повеќето случаи во Северна Македонија такви индустрии не постојат. Во најмала рака, потребно е барем да се усогласат давачките со оние во ЕУ.
• Оданочување на вработените (персонален данок и трошоци за социјално осигурување) заедно, ова е највисоко во однос на која било европска земја. Особено е многу регресивно за луѓето со ниски примања. Општо земено, во други европски земји ќе имате минимален износ барем за живејачка пред оданочување. Тука оваа неоданочена вредност е многу ниска во споредба со соседите Србија и Бугарија. Дури и луѓето со среден приход плаќаат голем дел од својот приход како данок. Објавената даночна стапка е 10 %, но забораваат да ги споменат дополнителните 27,5 % за социјално осигурување. Ненадејните промени во износите на даноците се непредвидливи и не даваат доверба. Треба да постои долгорочна правична даночна политика.
• Странски директни инвестиции − дадените придобивки и инфраструктурата во зоната треба да се подобрат. Исто така треба да се намалат трошоците за услуга за зона бидејќи има повеќе компании.
• Локални административни реформи − ова треба да се поедностави и да се дигитализира. Во моментов се троши многу хартија и се губи многу време за доставување на документи. Дигитализацијата ќе овозможи да се создаде евиденција и ќе ги подобри транспарентноста и отчетноста.
• Грижа за странските директни инвестиции − последователната грижа е исто така важна, постои голема потреба да се подобри грижата за постојните и новите инвеститори.
• Конечно, во една фаза имаше кампања насочена кон тоа дека странските директни инвеститори ќе ги искористат придобивките од стимулациите и потоа ќе си заминат. Компаниите за кои сум работел плаќаат значителни износи на данок и имаат долгорочен план да останат тука. Дадените стимулации беа во форма на даночни повластици и ако го погледнете опортунитетниот трошок, тој е нула. Во реалноста, ако компаниите не беа тука, тогаш данокот немаше да биде генериран во Македонија и затоа не е реален трошок за земјата. Од друга страна, плаќаат голем износ на данок на профит, обезбедуваат огромен број вработувања и раст за локалното население, овозможуваат подобрување на вештините и ги поддржуваат локалните индустрии. Единствениот трошок што го направила земјава е уплатениот капитал како грантови за вработување или капитални расходи.

(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО