Економија

Боријан Борозанов: Инвестициите и растот ќе бидат условени од нивоата на продуктивност каде што има многу што да подобриме

Автомобилската индустрија во Република С. Македонија

Боријан Борозанов, (Аптив, менаџер на фабриката - заклучно до февруари 2021г)

Автомобилската индустрија се соочува со сериозни предизвици и огромна трансформација паралелно со ефектите на нестабилност предизвикана од ковид кризата. Покрај цикличната замена на платформи и концентрација на ОЕМ-те, индустријата го менува миксот со зголемен акцент кон т.н. погонски технологии со пониски емисии и зголемена понуда на содржини од ниво 2 и 2,5 на автономно возење и софтверски апликации. Традиционалната парадигма на автомобилот како производ (hardware) се менува во мобилност како услуга (mobility solutions).

Во изминативе 11 месеци сме сведоци и на екстремна флуктуација и на страната на побарувачката и на страната на понудата главно предизвикани од мултикратните lockdowns при што глобалните синџири на доставување се целоснo растегнати надвор од димензионираните капацитети. Дополнително, брзото „V“ опоравување во Кина и понудата на поголема содржина на стандардна електронска опрема во новите модели доведе до криза кај доставувачите на микропроцесори, што навестува крајна нестабилност во наредните 9 до 12 месеци.

Аптив Македонија не е изолиран од овие трендови, но како дел од Аптив корпорацијата е во многу подобра позиција од многу конкуренти. Успеавме да изградиме релативно избалансирано портфолио на производи меѓу различни ОЕМ-и и диверзифицирана изложеност на различни региони. Во комбинација со започнување на сериско производство на 2 нови генерации на производи, очекувам дека ќе продолжиме со максимална искористеност на капацитетите и раст над пазарот.

Покрај стабилизација на производството во контекст на глобална волатилност, главни приоритети остануваат надградба на вештините и на искуството на нашите тимови. Кризата ја засили конкуренцијата и ја наметна потребата за дополнителни вложувања во развој на знаења каде што Македонија очигледно е во заостанување. На долг рок, инвестициите и растот ќе бидат условени од нивоата на продуктивност каде што има многу што да подобриме.

(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО