Економија

Огнен Цубалевски: На автомобилската индустрија и претстојат две револуционерни промени

Автомобилската индустрија во Република С. Македонија

Огнен Цубалевски, ОДВ Електрик, менаџер на фабриката

Во моментов, од септември 2020 година наваму, побарувачката во автомобилската индустрија е буквално експлодирана. Од октомври 2020 година, па сè до денес сите погони на ОДВ Електрик во Европа работат со максимален капацитет, работејќи ги сите работи. Има големи проблеми во синџирот на доставувачи (supply chain) кои, во помала или поголема мерка, не можат да ја задоволат побарувачката на крајните клиенти.

ОДВ Електрик во септември 2020 година донесе одлука да ја доврши својата втора хала во ТИРЗ Струга, која беше стопирана во септември 2019 година, поради намалената побарувачка на пазарот и надоаѓачката криза во автомобилската индустрија и вкупната економија воопшто. Најдоцна до крајот на јануари 2021 година, проширувањето на производните капацитети ќе биде завршено и ОДВ Електрик ќе располага со двојна производна површина (9 000 м2) која очекуваме дека ќе биде исполнета барем 75 % до крајот на 2021 година.

Во автомобилската индустрија постојат во моментов поголем број предизвици. На генерално ниво, проблемот е напливот на евтини пари, што е резултат на ултра-експанзивната политика на светските централни банки. На краток рок, овој наплив на пари доведува до тоа фирми што не се во состојба да опстанат под пазарни услови, да „живуркаат“ на пазарот благодарејќи на евтиниот капитал и изобилството пари што мора некаде да се инвестираат. На долг рок, оваа политика неминовно ќе доведе до голема инфлација.

Од специфичните услови, на автомобилската индустрија ѝ претстојат две ревулуционерни промени (disruptive innovation) – тоа е промената на погонот од фосилни горива (бензински и дизел двигатели) кон погон од обновливи извори на енергија (електрични или водородни – fuel cells – двигатели). Втората промена е таканареченото автономно возење кое може да донесе драматични промени во културата на употреба на автомобилите и промена на начинот на употреба на автомобилот како превозно средство.

На локално ниво, во Република Македонија се соочуваме со недостаток на високообразована работна сила, генерално низок квалитет на средните и универзитетските технички образовни институции, како и очекуван скор недостаток на неквалификувана работна сила, што ќе доведе до растеж на цената на работната сила.
Од страна на ОДВ Електрик имаме политика на интерна обука и изградба на нашите кадри, како и на вложување во нови/усовршување на постоечките технологии и процеси, со цел да се зголеми капиталната интензивност на производството и да се намали зависноста од цената на работната сила.

(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО