Финансии / Банкарство

Марек Дитл: Централна Европа со потенцијал за силен раст

Автор: Марек Дитл, главен извршен директор на Варшавската берза на хартии од вредност

фото: Викимедиа (Wikimedia)


Во текот на пандемијата, кога пристапот до заеми е уште потежок, бизнисите со добри изгледи имаат подобра шанса на берзата на хартии од вредност каде инвеститорите носат одлуки базирани на потенцијалот на компанијата и на нејзиниот бизнис модел, а не на минатото како што тоа го прават банките


Економиите и пазарите на капитал ширум светот започнуваат нова деценија на 21-виот век во услови на неизвесност предизвикана од пандемијата со корона вирусот. Колку и да звучи тоа контроверзно, оваа неизвесност, поттикната од последователни непознати настани како што се оние поврзани со мутациите на вирусот, се покажаа корисни за пазарите на хартии од вредност. Факторот неизвесност беше тој што иницираше движење на пазарите на капитал што долго не е видено, при што Варшавската берза на хартии од вредност (ВБХВ) е пример за истакнување. Во 2020 година ВБХВ стана втора берза на хартии од вредност во Европа во поглед на растот на ликвидноста.

Во 2021 година Варшавската берза на хартии од вредност прославува јубилеј. На 16 април 2021 година ќе прославиме  30-годишнина од првата сесија на берзата, реактивирана после децениски долга пауза означена прво од војната, а потоа и од комунистичкото заробеништво.

Бројките најдобро го покажуваат големиот скок што Варшавската берза на хартии од вредност го направи во овој период Беа потребни 28 години за да може ВБХВ да се подигне од нивото на маргинален пазар до нивото на развиени пазари. За споредба, за овој процес на Јужна Кореја и’ беа потребни 55 години. ВБХВ е очигледен лидер во регионот во поглед на капитализацијата, со предност од речиси 12 милијарди евра во однос на Виенската берза на хартии од вредност и јасно отскокнува од другите пазари на хартии од вредност во Централна и Источна Европа (ЦИЕ). ВБХВ исто така е помеѓу топ лидерите во однос на процентуалниот износ на пазарот на капитал во однос на БДП (25,4%). Капитализацијата на компаниите на ВБХВ надминува 235 милијарди евра. Инаку, пред три децении ВБХВ ја заврши 1991 година со 9 котирани компании чија капитализација во денешна вредност изнесуваше само 0,04 милијарди евра.

Денес силата на Полска и на целиот регион на ЦИЕ во голема мера се согледува преку бројот на брзо растечки технолошки компании. Како што тие се развиваат така им е потребен капитал. Според проценките на Полскиот фонд за развој и „Dealroom co“, стартапите од регионот на ЦИЕ оствариле речиси петкратен раст во поглед на т.н инвестиции на ризичен капитал (venture capital) во периодот 2015-2019 години, до износ од 1,8 милијарди американски долари. Ова е потврда дека како што големите инвеститори го перципираат огромниот технолошки и економски потенцијал на регионот на ЦИЕ така тие очекуваат големи приноси веќе во блиска иднина.


фото: Викимедиа (Wikimedia)

Вреди да се истакне дека банките продолжуваат да финансираат 90% од економијата во нашиот регион. Меѓутоа, тие претежно одбираат компании од т.н.р. традиционални сектори додека ЕУ фондовите се првенствено предвидени за развој на инфраструктурата. Ова го ограничува пристапот до средства за нови компании кои што се’ повеќе се вртат кон пазарот на капитал. Ова особено се однесува на т.н.р. Ковид-победници, односно производителите на игри и секторите здравство и технологија. Во текот на пандемијата, кога пристапот до заеми е потежок, бизнисите со добри изгледи имаат подобра шанса на берзата на хартии од вредност каде инвеститорите носат одлуки базирани на потенцијалот на компанијата и на нејзиниот бизнис модел, а не на минатото како што тоа го прават банките.

Централна и Источна Европа има потенцијал да расте многу побрзо од целата ЕУ, но голем предизвик останува да биде големата фрагментација на пазарот. Тие се премали за да се натпреваруваат индивидуално против пазарите во Западна Европа. Потребна е интеграција за да се привлечат првокласни институционални инвеститори во нашиот регион. Јас полагам голема надеж во Унијата на пазарите на капитал на ЕУ која што го поддржа закрепнувањето на пазарите на капитал од 2014 година. Друга голема шанса е Иницијативата Три мориња од 2015 година, чија цел е да се зацврсти соработката на полето на дигитализацијата, енергијата и транспортот помеѓу земјите од областите помеѓу Јадранско море, Балтичко море и Црно море.  

Јас верувам дека ВБХВ, како еден од 25 најразвиени пазари во светот, треба да игра главна улога во промоцијата и поддршката на развојот на нашиот регион. Со години ние ја проширувавме соработката помеѓу берзите на хартии од вредност на земјите помеѓу Трите мориња преку организирање и ангажирање во настани што се клучни за зголемување на атрактивноста за инвеститорите. При крајот на 2019 година, го воведовме ЦИЕплус индексот базиран на вредноста на портфолиото на најголеми и најликвидни компании котирани на соодветните пазари на хартии од вредност од Вишеградската група како и од Хрватска, Романија и Словенија. Понатаму, во септември 2020 година организиравме конференција на берзите на хартии од вредност од Трите мориња под почесно покровителство на претседателот на Република Полска Анджеј Дуда.

Растечкото значење на ВБХВ наоѓа потврда и во податоците објавени од Федерацијата на европски берзи на хартии од вредност. ВБХВ е рангирана втора помеѓу европските пазари на хартии од вредност во поглед на растот на ликвидноста мерена преку вредноста на тргуваните акции регистрирани во книгата на налози. Исто така, и во поглед на ликвидноста мерена преку прометот на портфолија надминавме некои од европските берзи на хартии од вредност. Заедно со други развиени пазари како што е тој во Швајцарија ние водиме пред другите европски берзи на хартии од вредност во однос на вредноста на прометот. Кај ВБХВ тој се зголеми за 52,5% во третиот квартал на 2020 година наспроти 33,2% во соодветниот период во 2019 година. 

Причината заради која го кажувам сето ова е тоа што има многу компании во регионот што се доволно зрели за да се појават на пазаерот, тука мислам како на т.н.р. еднорози така и на оние со потенцијал да станат тоа во наредните неколку години. ВБХВ е одлично место за нив за да дојдат до капитал и да го продолжат развојот. ВИГ 20, како главен индекс на Варшавската берза на хартии од вредност станува сличен на оние што ја рефлектираат структурата на економиите на САД или Јужна Кореја, каде технологијата е во фокусот на интересот.  Од последниот октомври ние сме и светски лидер во однос на бројот на котирани компании од индустријата за производство на видео игри, бидејќи ја преминавме берзата во Токио. Вкупната капитализација на полскиот сектор за игри достигнува повеќе од десет милијарди американски долари.

Фактот дека полскиот пазар на капитал, вброен во групата на развиени пазари, го привлекува вниманието на глобалните инвеститори најдобро се илустрира преку дебито на Алегро (преку 2 милијарди евра), најголемо во рамки на ЦИЕ во повеќе од една деценија и едно од најголемите во светот минатата година. Високите валуации, присуството на странски технолошки фондови кај инвеститорите и континуираната ликвидност на тргувањето со акции само потврдуваат дека ВБХВ е целосно развиен пазар.

За крај, Варшавската берза на хартии од вредност има уште една предност, таа нуди пристап до широк и диверзифициран инвестициски капитал по трошок кој е многу помал одошто е тоа случајот кај деби на голем странски пазар на хартии од вредност. Трошокот од воведување акции за тргување и котирање на ВБХВ е неколку пати понизок од тој на Лондонската берза, Наздак или Еуронекст.

Акумулацијата на потенцијал, апетитот за успех, иновативниот пристап и атрактивните финансиски услови претставуваат здрава основа за пазарите на капитал во регионот во неизвесни времиња.


 

Текстот е објавен истовремено во полскиот месечник “Wszystko Co Najwazniejse” во партнерство со Варшавската берза на хартии од вредност. Текстот е објавен во „Економија и бизнис“ со дозвола и во соработка со амбасадата на Република Полска.

ПРЕПОРАЧАНО