Општество

Тилев: Резиме 2020 година, европеизација 2021 година

Драган Тилев

Авторот е државен советник за европски прашања

На почетокот на годинава со задоволство прифатив да пишувам за „Економија и бизнис“. Чест ми е. Договорот беше да ги следам настаните и промените поврзани со евроинтегративниот процес на земјава и да се обидам да го демистифицирам, колку е тоа можно, процесот на пристапни преговори.

Резиме 2020 година (Чудна година)
На почетокот на годинава, процесот на проширување што беше извесно време во ќор-сокак беше одблокиран со усвојувањето на новата методологија за зајакнат пристапен процес. Се прашувавме дали станува збор само за „нова методологија“ или нешто многу повеќе. Внимателното препрочитување нè наведе на заклучокот дека промените се длабоки и долгорочни, и дека од сега натаму овој приоритетен државен проект ќе бара безрезервна политичка посветеност. Во март, долгоочекуваната одлука за почеток на пристапните преговори за полноправно членство во Европската Унија конечно беше усвоена и додека се подготвувавме за почеток на пристапните преговори се случи пандемијата како предизвик за човештвото непознат во последниве стотина години. Нашата ЕУ-перспектива стана заложник на пандемијата и нè стави во дилема, да се радуваме за напредокот во процесот или да стравуваме од последиците од смртоносниот вирус.
Во пристапниот процес во кој сме долго научивме дека има и такви одлуки кои не зависат од нас, туку исклучиво од членките на Европската Унија. Секогаш некој може да каже „не“ во која било фаза од пристапниот процес. Никогаш не било и нема да биде лесно, ќе има уште многу предизвици. Но, по одлуката за почеток на пристапните преговори, нема назад. Не е прашањето дали, туку кога ќе ги започнеме пристапните преговори. Маратонот може да започне, ние сме спремни. Познавачите велат дека вистинските преговори нема да се водат во Брисел, туку ќе се водат дома. Едно е сигурно, ништо нема да дојде само по себе.
Преговарачката рамка е само уште едно камче во мозаикот кој го составуваме над две и пол децении. Факт е и дека дефинирањето на Рамката е последен момент кога земја членка има можност да наметне свој став и да инсистира на него, дури и под закана со вето. Ние директно не учествуваме во дефинирањето на Рамката, но важно е да одржиме серизно ниво на политичка дебата дома, но и низ дипломатски канали, дијалог со сите наши пријатели. Со процесот на европска интеграција не почнуваме денеска, ниту ќе завршиме утре. Над две и пол децении преку упорна сизифовска работа се обидуваме да го европеизираме нашиот политички и економски систем. Нема скратени агли, нема прескокнување на фази, аманетот вели дека секоја одлука мора да ја донесеме ние самите. Ниту сите секогаш може да добијат сè ниту секој може подеднакво да биде задоволен со сите одлуки.
Пек Вон дер Лејен на нејзиното годишно обраќање пред Европскиот парламент успеа да ја дефинира геополитичката ориентација на ЕУ во само една реченица, „Западниот Балкан е дел од Европа, а не само попатна станица на Патот на свилата“. Географијата е неменлива, неа не можете да ја „преуредите по сопствена волја“, но затоа пак политичката ориентација која ќе ја одберете е прашање на зрелост, на визија и на здраво рацио.
Дилемата дали крајот на годината ќе ни донесе радост или разочарување останува неодговорена. Да оставиме маглата да се расчисти за да не ја изгубиме ориентацијата и да не направиме некоја фатална грешка. Европските работи историски гледано никогаш не биле едноставни и еднострани, но навистина би било голема штета, пропуштена можност и историска грешка доколку Европската Унија не собере сили и не ја усогласи и усвои Преговарачката рамка за почеток на преговорите со нас. Уште поголема штета би било за Бугарија да ја пропушти неповторливата можност да ги постави темелите на нашите билатерални односи на трајна здрава пријателска основа, градејќи стратешко партнерство, денеска во рамките на НАТО и утре во рамките на ЕУ.

Европеизација 2021 година (Година за докажување)
Пред нас е 2021 година, искрено се залагам да ја прогласиме за година на европеизација. Ни требаат европските прописи и европските стандарди поради европеизација на општеството, независно од тоа кога формално ќе ги почнеме преговорите. Решавањето на домашните проблеми е пред нас и тие не зависат од интегративниот процес, тие зависат од тоа колку си ја сакаме државата, во каква држава сакаме да живееме ние и нашите деца, внуци. Европеизација значи борба против корупцијата и организираниот криминал, а дали ги има, и тоа многу. Европеизација значи и изборни реформи, дали ни требаат и дали сега, да, и тоа многу. Европеизација значи конечно и попис, дали ни треба сега, да, и тоа многу. Дали ни треба европеизација на политичките партии, на медиумите, на администрацијата, да, и тоа многу. Ако успееме да ги европеизираме политичкиот систем и администрацијата, и економијата ќе се европеизира неминовно.
Во 2021 година ќе треба да донесеме многу одлуки. Одлика на зрели политичари, на држави, на народи, на граѓани е одлуките да ги базираат на факти. А кои се фактите? Факт е дека како држава сме стратешки определени кон евроатлантските структури, факт е дека сме веќе рамноправна членка на НАТО и соседи со три земји членки на НАТО, факт е дека, како земја и регион, сме геополитички приоритет на ЕУ, факт е дека сме дел од процесот на проширување, географски ѝ припаѓаме на Европа и политички ќе бидеме дел од ЕУ, факт е дека сме дел од надворешната и безбедносната политика на ЕУ, факт е дека имаме Одлука за почеток на пристапните преговори, факт е дека сите земји, наши непосредни соседи, се ориентирани кон ЕУ, а две се веќе и членки на ЕУ, факт е дека над 70 % од нашиот трговски промет е со ЕУ, факт е дека имаме околу 4 милијарди евра трговски промет само со Германија, факт е дека над 65 % од населението е за членство во ЕУ, факт е дека повеќе од две децении без никакво петно ги имплементираме сите преземени договорни обврски со ЕУ, факт е дека над 33 % од европското право го имаме веќе пренесено во нашиот правен систем, факт е дека имаме прифатено над 25 000 европски технички стандарди кои ги дефинираат нашето производство и нашата економија, факт е дека 2/3 од странските директни инвестиции се од земјите членки на ЕУ во износ од преку 2 милијарди евра, факт е дека најголема помош за забрзување на нашиот економски развој добиваме од ЕУ, преку ЕУ-фондовите и на билатерална основа, во износ кој само последниве дваесетина години надминува 2 милијарди евра. Ова не се само голи факти, туку и непобитни показатели и доказ за нашата европска ориентација и стратешка поврзаност со ЕУ. Земајќи ги предвид сите овие факти, под претпоставка со здрав разум, одлуките си се пишуваат самите.
Силно верувам дека треба да продолжиме со подготовката на нашите институции и планови како да ќе ги почнеме преговорите утре за да не бидеме изненадени и да не се најдеме затекнати и неспремни кога ќе дојде денот, а ќе дојде многу брзо. Политички одлуки може да се донесат во миг, но масовниот институционален механизам бара навремени темелни подготовки и му треба време. Добрата подготовка е половина завршена работа. Ќе бараме од Европската комисија да продолжиме со билатералните скрининзи дури и пред да случи првата Меѓувладина конференција за да го задржиме интересот кај администрацијата, и не само поради процесот, туку пред сè поради градење на подобра држава, систем, економија, општество по европски терк. Зарем тоа не е предизвик вреден да се вложиме во него? Јас велам, да.

(Економија и бизнис, печатено издание, декември 2020/јануари2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО