Општество

Дипломатски сеќавања

Лидија Георгиева

Авторот е дизајнер, редовен професор

Секогаш се радувам кога имам можност да прославам некој роденден или да одбележам одреден јубилеј. Бидејќи навлегувам во деветтата година од нашата дружба, решив првиот број, воедно и роденденски, да го прославиме со дипломатски избор на тема. Убаво ќе беше да можев да отпечатам или да овозможам да се материјализира 3Д-шампањ при читање на овој текст − многу е подобро со тие славни меурчиња.
Како и да е, секогаш можете и самите да се послужите со аперитив, да се опуштите и за кратко да се потсетите на она што, за жал, сè уште не е достапно (а да се надеваме дека наскоро ќе биде) – вистинска дружба! А токму тоа е на некој начин, дел од нивната работа.
Во изминативе неполни 30 години од независноста на нашава земја, тие беа фигурите од кои очекувавме позитивна порака и помош кога не можевме со сопствени сили да си ги решиме проблемите на млада земја. Неретко нашите очекувања од нив беа нерални, па мислевме дека со некое магично стапче, или како деус екс макина, ќе ни помогнат да отплеткаме некој јазол и да ги надминеме нашите транзициски искушенија. Се надевавме, ги коментиравме нивните изјави, особено ако се работи за амбасадори на влијателни земји како Франција, а секако тука беа неизбежни и Германија и САД.
Каде се тие денес и во какво сеќавање им остана престојот во нашава постојано турбулентна земја? Три поранешни амбасадори и две прашања:
Кој е вашиот најдраг спомен, што ви остана во најубаво сеќавање?
Што најмногу ви недостасува?


 

 

Еден од најдобрите спомени за мене е моето назначување за почесен граѓанин на Крива Паланка, тоа многу ме трогна

Н. Е. г. Кристијан Тимоние,
Моментално амбасадор на Република Франција во Црна Гора, беше амбасадор во РС Македонија од септември 2016 година до октомври 2020 година.

Еден од најдобрите спомени за мене е моето назначување за почесен граѓанин на Крива Паланка, тоа многу ме трогна. Воедно тука е и односот создаден со пријателите − градоначалникот, наставниците по француски јазик, студентите по француски јазик, избраните членови на Советот и дамите на женското здружение кои ми ги подготвија омилените јадења.
Она што најмногу ми недостига се пријателите и особено емоциите споделени со нив за да се унапредат нашите заеднички надежи за подобро европско утре за Македонија. Сигурен сум дека мојот наследник ќе продолжи и ќе придонесе да се остварат.


 

Она што најмногу ми недостига, особено и уште повеќе денес, во пандемијата, се моите македонски пријатели

Н. Е. г-ѓа Лоренс Оер
Моментално амбасадор на Република Франција во Букурешт, беше амбасадор во РС Македонија од јануари 2013 година до август 2016 година.

Мојот престој, кој започна во јануари 2013 година, а заврши на крајот на август 2016 година, беше одбележан со бројни убави моменти. Така, во февруари 2014 година, беше повторно отворен Музејот на современа уметност во Скопје, во март 2015 година беше поставен камен-темелник на Меморијалот во Битола, а Фестивалот на браќата Манаки во Битола го посетија познати француски актерки како Џулиет Бинош во 2014 година, која дојде по Изабел Упер во 2013 година.
Но, ако треба да изберам еден спомен, тоа би била посетата на францускиот министер за европски прашања, Харлем Дезир, на 2 септември 2015 година. Со оваа посета, која се случи во екот на мигрантската криза, беше одбележан значаен чекор кон европскиот пат на земјата. Беа остварени средби на високо ниво, воспоставена конвергенција во регионалната интеграција и пред сè потврдена реципрочна и решително европска ориентација.
Она што најмногу ми недостига, особено и уште повеќе денес, во пандемијата, се моите македонски пријатели. Тие се претприемници, лекари, професори по француски, планинари, дизајнери, а секој од нив ме одбележа со својата креативност и решителност. Тие придонесоа да ја разберам вашата земја во сите димензии и да ги откривам богатствата. Меѓу нив има многу извонредни жени, што беше од непроценливо значење во мојата билатерална работа.


 

Се приближувам кон крајот на долга 44-годишна кариера и, без сомнеж за мене, Скопје би било тоа што најмногу ме одбележи во мојата работа

Н. Е. г. Бернард Валеро
Моментално генерален директор на Агенцијата градови и територии на Медитеранот Авитем (AVITEM) во Марсеј, беше амбасадор во РС Македонија од ноември 2003 година до септември 2006 година.

Тоа е речиси невозможна мисија бидејќи спомените се многубројни, силни и неизбришливи. Се приближувам кон крајот на долга 44-годишна кариера и, без сомнеж за мене, Скопје би било тоа што најмногу ме одбележи во мојата работа.
Најдоброто сеќавање за Македонија во текот на трите години во кои работев во Скопје беа три години во служба на француско-македонските односи и европските перспективи на земјата, три години богати со незаборавни средби со Македонци, три години откривање на историјата, географијата и културата на една исклучителна земја за која човек лесно се приврзува.
Во овој контекст, имам многу силен спомен од првата комеморација на крајот на Првата светска војна на француските воени гробишта во Битола, заедно со, исто така за прв пат, мојот германски колега и македонските власти. Оваа симболична церемонија го истакна сеќавањето на Фронтот на Ориентот и присуството на Франција на земјите на Балканот. Додека рамо до рамо присуствуваа амбасадорите на Германија и на Франција, засновани врз помирување, меѓусебно почитување и обединета посветеност за градење заедничка иднина, тие со погледот свртен кон напред на свечен начин ги илустрираа вредностите на Европската Унија.
Има толку многу работи што ми недостасуваат што би било премногу долго за да ги набројам. Но, како и да е, имам намера да се вратам наскоро во Македонија. Пред сè, сакам пак да ги видам моите пријатели, но и повторно да се најдам на прекрасните планини Галичица и Шара, да го остварам патувањето пеш меѓу Скопје и Битола преку планините на Солунска Глава, Крушево и Прилеп.
Македонија е бисер што сакам повторно да го доживеам многу скоро.


 

(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2021г)

ПРЕПОРАЧАНО