Општество

Гордан Георгиев: А зошто да немаме план Б?

Гордан Георгиев

Авторот е политиколог

Се случи вето, уште еден црн бисер во тешкиот ѓердан што го носиме откако „со мака се родивме“. Оптимизмот на премиерот овој пат се сруши врз неговите плеќи, токму врз него, поштедувајќи ги сите останати. Тој се потруди и да го „одработи“ таквиот оптимизам со спектакуларното интервју за Бгнес, со право дочекано на нож од широката добронамерна и злонамерна јавност. Велат некритичниот оптимизам е грев кон знаењето. Токму така. Не толку самата содржина на интервјуто, туку начинот на кој тоа беше дадено, мизансценот, тајмингот и молечкиот тон на интервјуто се работите кои длабоко нè изнервираа и нè погодија. Па добро, до кога ќе коленичиме ние пред некои други?!? Има ли крај на нашето понижување? Што уште треба да направиме за да влеземе во заедницата која сè помалку содржи нешто заедничко и која рапидно се претвора во својата спротивност? Инаку, ах да, содржината на интервјуто. Таа е толку спорна колку што се спорни и многу работи од нашето минато, фризирани низ годините, неметнувани како вечни вистини кои владеат само од Табановце до Богородица, од Деве Баир до Ќафасан. За содржината вреди да се дискутира, но со ладни глави, низ еден подолг период на отрезнување, осознавање, себепреиспитување. Одвојте ја историјата од политиката, политиката е брзонога коза која оди по карпест терен, со секојдневни можности козата да наиде на расклатена карпа и да се слизне низ провалијата. Историјата е мирна река која бавно се влева во морето или океанот на непознатите води, се меша со други води, си го бара патот...

Некритичниот оптимизам е добар сопатник на политиката, но тој е неверен сопатник. Ќе ве напушти зад првиот агол, во потрага по нов муштерија. И сега, откако се судривме со реалноста дека Македонија нема да почне преговори уште барем една година, ајде да се свртиме кон себеси и да проговориме за еден друг некритички оптимизам кој го негуваме барем дваесетина години: почеток на преговори на Македонија за членство во Европската Унија, или нашиот единствен план А!
Просто иритантна е тезата дека Македонија нема план Б. Иритантна и опасна од повеќе аспекти. Таквиот пристап ја покажува слабата позиција на државата и воопшто логиката на постоење на една држава. Еве, одлучивме (и ни олесна) дека не сакаме по оваа цена да влеземе во ЕУ. Дури и многуоспоруваниот премиер ги изненади патриотите кои секојдневно му бараат „предавнички“ супстрат во неговото поведение. Ете, ни тој не попушти. И сега? Во целава ситуација, во моментов имаме две држави кои се сосема осамени на меѓународната сцена: тоа се Бугарија и Македонија. И двете се осамени од сосема различни причини. Не паметам некогаш да постоел таков консензус во ЕУ во поглед на неразумното однесување на некоја членка. Ни Словенија против Хрватска, ни Грција против Македонија, ни ЕУ против Орбанова Унгарија. Ова ја прави бугарската позиција неверојатно слаба и веројатно неодржлива на подолг рок. Таа е осамена и таква ќе остане. Македонија е исто така осамена. По тешкиот компромис со Грција и враќањето на надежите за остварувањето на планот А, македонската позиција станува трагично осамена. Тврдоста на бугарското вето не ни овозможува дури ни да сонуваме за некаков влез во Унијата. Напротив, ни создава чувство на помирување со судбината која не изгледа добро.

Затоа Македонија мора да стави нов чип на коцкарската маса наречена ЕУ-перспектива. И автентично да го изиграме тој чип. Ок, не нè сакате во ЕУ, си имате свои причини, не можете да ги скротите немирните дечиња во своите редови?!? Ок сме со тоа, слободно дозволете ѝ на Албанија да почне преговори и ние ќе ве поддржиме во тоа. Членка на НАТО сме, доволно ни е тоа, па ќе видиме понатаму. Овој пат навистина времето работи за нас, особено ако почнеме да го мериме времето по други аршини, а не по глупавиот аршин дали ќе добиеме датум и кога ќе добиеме датум. Ете, останавме Македонци кои зборуваат на македонски јазик. Цел свет го дозна тоа. Освен Бугарија веројатно. Нашиот однос со ЕУ е таков каков што е: таму нашиот македонски јазик ќе биде со фуснота, повторно бугарска фуснота. Сега останува да не се претргнуваме премногу, да ги оставиме Бугарија, регионот и неговата стабилност да се печат на тивок оган, а ние со нашата стаменост и љубезност, и нашиот реактивен и резигниран пристап да долеваме по малку на тој оган. И да почекаме ветото да стане навистина неподносливо за сите околу нас (сосе оние отаде Барата) и со тоа да си ја подобриме преговарачката позиција.

Значи, остана народот и јазикот, да видиме сега што остана и што ќе остане од државата. Државата денес се нарекува Северна Македонија, или како што си ја нарекуваме нагалено (за по дома) Македонија. Главното прашање сега е дали има сила и отпорност македонското општество и за која котва би можела да се фати македонската држава. Тука на располагање ни стојат САД, парадоксално и Грција, можеби и некаква Турција, Кина, Индија. Му благодарам на Бога, имаме време за размислување и за правење стратегии. Се надеваме дека ќе нè разберете, драги пријатели. И онака некако скиснува европскиот идеал кој го негувавме во толку големи проценти сиве овие години наназад. А со Бугарија што ќе правите? Ќе продолжите да преговарате?, можеби ќе нè прашаат. Ах, да, да, секако ќе продолжиме, тука сме ние, немаме каде да бегаме, затоа и не брзаме. Кога ќе има нешто ново повикајте нè, секако ги знаете нашите позиции. Знаете кои сме и на кој јазик зборуваме, нели?

Но, тука повторно, и по не знам кој пат, се отвора прашањето за кадарноста на нашите политички елити да ја изиграат оваа партија покер. Особено кога сите знаеме дека никој од нив веќе не располага со никаков „кец во ракавот“. Зоран Заев нема многу опции за дејствување, освен да продолжи по досегашниот пат, колку и да е трнлив и ризичен, за него и за сите нас. Незамисливо е Заев преку ноќ да стане Груевски и да влезе во националистички наратив, тоа е просто смешно. Но, оваа елита нема да ја донесе „Европа дома“. Како што ни другата елита, која претендира да ја замени постоечката, нема да ни ја донесе Европа дома. Треба ли воопшто да се анализира ова? Па тоа сите го знаеме, а очајничкото врзување за планот А ни е постојан потсетник за немањето волја, знаење или капацитет всушност да се донесе Европа дома.

Затоа, во недостаток на подобри времиња и подобри луѓе, осиромашени за главниот папагалски повторуван наратив „ЕУ, ЕУ, ЕУ“, барем да не го губиме времето на бесмислени пароли и внатрепартиски препукувања и да направиме неколку работи.
Прво, кога се гледаат Бугарија и Македонија од птичја перспектива, во Бугарија постои монолитен блок (транспартиски), со ставен „потпис“ на Меморандумот изгласан во Парламент. Тоа изгледа како „бетон“ позиција. Плус јавното мислење таму во голем процент стои зад овој блок. Кога се гледа Македонија од птичја перспектива повторно имаме сериозна поделеност во „македонското ткиво“. Тоа беше проблем со Грција и Договорот од Преспа, овој пат може да биде уште поголем проблем. Сосема ми е јасно дека можеме да спориме колку е шарен таборот на опозицијата, ама тоа е и таква е македонската опозиција. Затоа да се обидеме да направиме некаква декларација, макар и заедничка изјава, базирана на само неколку точки врз основа на кои не само што не може да се преговара туку и дека е апсурдно да се спомнуваат воопшто. Тие точки би биле: македонскиот јазик, правото на самоопределување и сопствена интерпретација на историјата. За сè друго подготвени сме да разговараме.

Второ, да се организира една „питома“ дипломатска турнеја низ Европа (САД евентуално) на која ќе се објаснува позицијата на државата и евентуално ќе се обезбеди поддршка/изјава од претставници на земјите членки на ЕУ во прилог на нашата позиција. Добро е таа поддршка да дојде од главните градови низ Европа, со физичко/виртуелно присуство на наши претставници (премиер, МНР итн.). Ајде да ги ставиме нашите партнери во малку понелагодна позиција бидејќи некои од нив удобно се беа затскриле зад германската фронтменска улога во целиот процес.

Сето ова да се изоди ќе биде ѓаволски тешко бидејќи ќе биде врзано со некакви изборни циклуси во Македонија (веќе следната есен), а ваквата „питома“ позиција може да го спушта легитимитетот на Владата, а со тоа и рејтингот. Тоа е реална „затка“ бидејќи доаѓањето на ВМРО--ДПМНЕ најверојатно ќе значи дополнително замрзнување на спорот. Затоа, браќа Бугари, баталете тоа со јазикот и нацијата, баталете го бидејќи ние ништо од тоа не можеме да дадеме. Ќе треба да тераме вака во недоглед и уште повеќе да се разделуваме. Немаме веќе што да даваме бидејќи ништо нема да ни остане.

(Економија и бизнис, печатено издание, декември 2020г/јануари2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО