Финансии / Банкарство

Аргир: Банкарскиот систем како еден од најважните поддржувачи на економскиот раст и во услови на криза остана стабилен и висококапитализиран

Што очекуваат од 2021 година?

Антонио Аргир, претседател на Управен одбор, НЛБ Банка АД Скопје:

Нашава земја во годинава која полека изминува се справува со една од најдлабоките рецесии од своето постоење поради здравствената криза која многу брзо се прелеа и во реалниот сектор преку затворање на економијата и ограниченото движење. Очекувам продолжените ефекти од пандемијата да ги чувствуваме и во 2021 година, додека целосно закрепнување од економската загуба поверојатно е да се очекува во 2022 година. Значајно е да се нагласи дека банкарскиот систем како еден од најважните поддржувачи на економскиот раст и во услови на криза остана стабилен и висококапитализиран, се прилагоди на новите парични текови, овозможи одлагање на кредитите, но истовремено и продолжи со поддршка и кредитирање на развојните проекти на компаниите и потребите на физичките лица, дури и над очекувањата за 2020 година.

Согласно последните оптимистички најави за доаѓање на вакцината, сè поизвесно е дека со започнување со вакцинацијата ќе започне и процесот на излез од здравствената криза. Воедно очекувам дека во 2021 година ќе стигне сметката од кризата, но истовремено ќе се разјаснат позитивните и негативните ефекти кои се рефлектираа на економијата, на компаниите и на целокупниот живот. Верувам дека придобивките од кризата како што се: забрзаната дигитализација и развојот на новите бизниси кои се прилагодија и ја искористија кризата, како тренд ќе продолжат и понатаму. Од аспект на макроекономијата најголем предизвик ќе биде справување со зголемената задолженост на државава и обезбедување на доволно и редовни јавни приходи со цел реализација на буџетските активности на државава.

ПРЕПОРАЧАНО