Интервјуа

Игор Иванов: Културата не е област која треба да се субвенционира, туку област во која треба да се инвестира

Игор Иванов

режисер

Живееме во време на пандемија. Животот е под силен удар на новите околности, во процес сме на континуирани прилагодувања. Пандемијата силно ја погоди светската економија, но ударот врз некои сектори е особено голем. Во вакви околности, што се случува со филмската индустрија во светот? Некои светски премиери се одложија како на пример најновиот филм со Џемс Бонд за април наредната година.

И. Иванов: Во филмот, како и во многу други области, се случува реструктурирање. Актуелната пандемија безмилосно ги засилува и ги забрзува процесите на трансформација во дејноста предизвикани од дигиталната револуција, кои инаку ќе траеја многу подолго. Денес во светот кината се затворени или едвај „живуркаат“, филмските фестивали се откажуваат или се случуваат „онлајн“ наспроти дигиталните платформи кои доживуваат вртоглав раст. Телевизијата одамна го загуби својот традиционален облик на емитување на играните и документарни содржини во определен термин, денес ние не ја чекаме омилената серија пред ТВ-екраните бидејќи таа е достапна секогаш и на секое место на нашиот телевизор, таблет, лаптоп, па дури и мобилен телефон. Овие случувања имплицираат коренити промени, капиталот се сели од големите студија кон Нетфликс, додека традиционалните дистрибутери и киноприкажувачи запаѓаат во немилост. И додека сите се надеваме дека ова зло бргу ќе замине, сè повеќе е извесно дека во секторот производство и дистрибуција на подвижни слики е започната нова ера од која нема враќање.

Сепак, и во вакви услови ја гледавме премиерата на Вашиот најнов филм Хомо. Таа помина одлично. Кажете малку за приказната на филмот. Од кога датира идејата за него?

И. Иванов: Премиерата на Хомо дојде помалку неочекувано. Летото донесе „разлабавување“ и за миг ја подразбуди културната сцена и ние во соработка со Синедејс ја искористивме можноста да го прикажеме филмот. Премиерата во организација на Младинскиот културен центар и Скопје филм студио се случи на покривот на ГТЦ, во прекрасна атмосфера и навистина извонредни технички услови. Кино под отворено небо е предизвик по себе, посебно кога станува збор за гала-премиера. Идејата за Хомо дојде сама од себе, веројатно како потреба да се остави печат во времето, да се означи една урбана и помалку несреќна, транзициска генерација која живее и се бори, овде и сега. Идејата за овие шест скопски карактери и нивните испреплетени судбини ми „светна“ работејќи на нешто сосема трето и веднаш ја запишав во тетратка на половина страница. И таа почна да „работи“, да се случува…

Како течеше снимањето на филмот од оперативен аспект?

И. Иванов: Филмот се снимаше во текот на 2019 година, пред светот да има идеја што го очекува. Кога започна ковид лудилото ние бевме длабоко навлезени во постпродукција и нештата беа многу поедноставни. Хомо се снимаше нешто повеќе од 5 недели тука во Скопје, на реални локации, од страна на прилично обемна интернационална екипа.

Какви се идните планови за филмот? Во нормални околности филмовите се прикажуваат на филмските фестивали, но што се прави во вакви околности?

И. Иванов: И сега постои таквата можност кај оние фестивали кои се одлучуваат да емитуваат „онлајн“. Ние ја искористивме можноста да го прикажеме Хомо во рамките на нашава земја, што не е пречка да биде селектиран и да има своја интернационална премиера на некој од фестивалите. Но, засега ќе почекаме и ќе се обидеме неговото прво меѓународно прикажување да се случи во киносала пред вистинска публика, доколку тоа во блиска иднина стане возможно.

Кој е продуцент на филмот, како е затворена финансиската конструкција? Генерално, го препознаваат ли бизнис-лидерите од земјава потенцијалот на филмовите како можна дестинација за инвестирање?

И. Иванов: Продуцент е Томи Салковски со кого соработуваме долги години. Филмот е источноевропска копродукција меѓу 5 држави, Македонија, Бугарија, Словенија, Србија и Косово. Продукцијата наметна динамичен план од кој произлегоа интензивни состаноци, презентации и низа „пичинг“ сесии. Целиот овој процес од страна на Скопје филм студио беше воден мошне посветено. Финансиската конструкција беше заокружена за помалку од една година, што е многу покус период од општоприфатената пракса, по што и целата реализација се случи извонредно брзо. Што се однесува до филмот и бизнисот, европскиот модел на финансирање филмови не дозволува пенетрација на приватниот капитал. Се разбира, не е забрането да финансирате во филмски проекти, но таквите филмови се условно речено „вонсистемски“ и можат да бидат пракса кај поголемите нации, чија територија и говорно подрачје покриваат милионска популација. И тоа се исклучиво комерцијални филмови. Но, во основа, европската филмска индустрија, култура и сцена негува културен, национален и јазичен диверзитет поради што му е спуштена рампата на либерализмот во оваа дејност. И, едноставно, во Европа постои конгломерат на мали, средни и само неколку големи нации, и не може да биде поинаку. Кога би останал на суровиот пазар европскиот филм би ја следел логиката на бизнисот, која несомнено не му оди во прилог.

Што може да се направи во таа насока? Може ли државава да преземе одредени чекори за забрзување на филмската индустрија во земјава, а и општо за она што се нарекува „креативни индустрии“? Мене ми изгледа како да постои значајна количина на талент и ентузијазам за овие работи, ама отсуствува систематизиран начин на нивно насочување.

И. Иванов: Состојбите мора перманентно да се подобруваат, тоа е наша обврска. И токму мотивиран од потребата да имаме подобри услови за создавање филм се нафатив да го предводам Друштвото на филмски работници на Македонија, што е неплатена, а прилично одговорна функција во доменот на граѓанското, поточно струково здружување. Кога зборуваме за филмот како дејност и индустрија, сепак треба да го имаме предвид целокупното наше опкружување и клима, посебно во сферата на културата. Нам ни е потребна коренита реформа во сите области на културата, кои се главно структурирани во минатиот систем, а во годините наназад наместо реформи и европеизација културата често беше оружје за политичка битка, јакнење на национализмот и место во кое секоја „загубена душа“ може да најде вработување. Верувам дека ќе се пронајдат сили и волја да се ослободиме барем од поголем дел од тој со години напластен баласт и дека културата ќе започне да дише, а политиката ќе разбере дека таа не е област која треба да се субвенционира, туку област во која треба да се инвестира. Стратешкото вложување во културата значи наше отворање и приближување кон современиот свет што, меѓу останатото, имплицира и сериозна материјална придобивка. Би сакал нескромно да напоменам дека реформите во филмската дејност се во поодмината фаза, филмот функционира според европскиот модел каде што се негува духот на културно здружување и размена, како и почитување на разноликоста, а македонската кинематографија е интегрирана во големото европско филмско семејство.

Вие бевте режисер и на телевизиски серии меѓу кои и на многу популарната ТВ-серија Преспав. Што се случува на тој план?

И. Иванов: Во моментов се снима петтата сезона на Преспав и тоа е предизвик по себе. Оние кои го познаваат процесот на продукција можат да разберат што значи да се снима филм или серија во услови на пандемија, под посебен режим и протоколи. Можам слободно да кажам дека е тоа на еден начин херојски чин кој заслужува барем малку внимание и почит. Се надевам дека во месеците кои претстојат, кои за жал во голем дел ќе ги минуваме дома, содржините што сега се создаваат ќе им понудат на гледачите барем малку смеа и оддишка и ќе им го разведрат ова тажно „ковид“ секојдневие кое сите се надеваме дека бргу ќе заврши.

Какви се Вашите лични професионални планови за иднината?

И. Иванов: Ништо поразлично од кога било порано. Повторно „борба“ за нов филм, за некоја нова серија…

Ви благодарам за интервјуто.

Разговараше: Зоран Јовановски

(Економија и бизнис, печатено издание, ноември 2020г)

ПРЕПОРАЧАНО