Општество

Светот по корона вирусот

Љупчо Поповски

Авторот е новинар

Кризата со корона вирусот го преобликува светот. Трансформацијата што се случи можеби и ќе остане. Рестораните, спортските сали, баровите и парковите се редизајнирани – прашање е како сега понатаму ќе ги користиме.

Илјадници текстови досега беа напишани за тоа како ќе изгледа светот откако ќе ја снема или ќе се намали пандемијата со корона вирусот. Или како може да изгледа затоа што никој, всушност, нема вистинска претстава во каков свет ќе живееме од оваа есен, наредната година, таа по неа. Економистите даваат неброени совети што треба да направат државите за да ги зачуваат економиите одржливи. Некои од тие совети и предвидувања што беа дадени во март не важеа во мај, оние од јуни се менуваат затоа што летото и високите температури, наспроти очекувањата, не ја намалија инциденцата на вирусот. Напротив, бројот на заразени се зголемува и кога овој текст ќе излезе во печат бројката веројатно ќе биде 12 милиони лица. Заразата забрзано се шири онаму каде што се мислеше дека луѓето ќе бидат најбезбедни – околу Екваторот, или малку погоре од него, каде што се мислеше дека вирусот ќе има најмала сила.
Да ги заборавиме предвидувањата на економистите, тие се секојдневни и повеќе зборуваат за стравови и за нешто кое обичниот човек можеби не го разбира: колабирање на бруто-националниот производ, преструктурирање на економија, нови извори за инвестирање, банкарски заеми... Би требало да се зборува и за она што веќе се вовлече во нашите животи, ги преобликува навиките, го смени социјалното дружење, ги смени работните места, ги промени нашите летувања, нашето одење во теретаните, нашиот умерен хедонизам во рестораните, нашето навивање на спортските напревари.
Многу земји ги олеснија ограничувањата од заклучување, луѓето се враќаат на старите места, но сега нив ги чувствуваат непознати. Самите места не се сменети – но, поради обврската да носиме маски и да избегнуваме групирање ние се чувствуваме повеќе како странци во тие познати места затоа што нашиот сопствен живот е радикално сменет.
Сосема е сигурно дека многу од овие промени ќе останат уште некое време. Дури и ако се запре ширењето на заразата, ризикот од нов бран ќе виси над нас сè додека не се открие вакцината и таа не стане достапна за најголемиот број од луѓето. Фармацевтските научници велат дека до пронаоѓањето на вакцината може да поминат од девет месеци до две години. И таа трескавична потрага по вакцина, сепак, може да заврши со неуспех во наредните две години затоа што никој не може да понуди каква било гаранција.
Научниците предупредуваат дека ковид-19 е огромна опомена и дека човештвото може да се соочи со нови подеднакво деструктивни заболувања кои би можеле да го парализираат во иднина. На ист, а можеби и на полош начин од оној што го направи корона вирусот во 2020 година.
За оние кои работат на планирање на нашите идни градови и јавни места, пандемијата е застрашувачка закана која бара итни мерки – а и можност да размислиме за тоа како живееме, се движиме и се дружиме. Тоа ќе значи сериозно преиспитување на запоставените јавни простори и давање огромна улога на урбанистите кои ќе треба поинаку да го обмислат функционирањето на градовите.
Светот што го познававме пред ковид-19 го нема.
Главното прашање е каков ќе биде животот.
Еве како би можеле да изгледаат некои работи во иднина, кои и сега веќе се променети. Поголем дел од овие примери се врз европските искуства, но многу од нив важат и овде.

Убиство на канцеларијата
Сигурно дека пазарот на недвижности веќе трпи сериозен удар од корона вирусот. Секаде во Европа, а сигурно и овде, многу бизниси не се очекува да бидат отворени повторно откако ќе помине кризата – големи канцелариски простори ќе останат празни. Многу компании им овозможуваат на своите вработени да продолжат да работат од дома и може да се одлучат да го продолжат тоа за да заштедат пари користејќи ги пофлексибилните простори за соработка.
Далечинското работење понекогаш може да фрустрира, но менаџерите во некои индустрии веќе открија колку може да биде практична видеоконференцијата. „Многу е поефективно отколку да имаш стотици средби“, рече градоначалникот на Варшава Рафал Тржасковски, „само сега луѓето сфаќаат колку е лесно да се користат“. Хубертус Хајл, министер за труд на Германија, подготвува закон за да им даде на луѓето право да работат од дома дури и по кризата.
Според консултантската фирма Global Workplace Analytics , две години од сега до 30 проценти од работниците би можеле да работат од дома повеќе денови неделно.
За многу големи градови како Мадрид, Рим и Амстердам, паѓањето на цените на комерцијалните простори може да има големо влијание и врз цените на станбениот квадрат и на цените на закупнините.

Уништување на ресторанскиот сектор
Може ли да се замисли дека Европа нема да се врати на својата култура за јадење надвор и кафулиња на отворено? Изгледа неверојатно, но сепак може да се замисли.
Според многу стручаци од овој сектор ќе помине некое време пред ситуацијата за рестораните да се врати на некое место кое ќе биде близу на она што беше пред заклучувањето. Клучната работа за бизнисмените од овој сектор е како да ја вратат довербата на гостите. Многу луѓе од ресторанскиот бизнис во Македонија се жалат дека нивните простори се полупразни, дека луѓето ги избегнуваат да седнат на ручек или вечера.
Нема ништо нелогично во тој страв. Сопствениците на рестораните треба да направат сѐ за да им покажат на луѓето дека може да се чувствуваат безбедно во нивните простори: дека кујните работат според сите протоколи, дека келнерите се максимално безбедни. Тоа ќе значи дека ќе мора повеќе да вложат од она што досега го правеле или ќе го затворат бизнисот. Не може сосила да ги натерате луѓето да одат во ресторани.
Клучното прашање во овој момент за потенцијалните гости е – дали одењето во ресторан е вистинска работа.
Ќе помине летото, ќе се затворат терасите, а ако вирусот повторно се засили наесен сосема сигурно дека голем број од рестораните ќе се затворат затоа што не ќе можат да издржат без гости, колку и да била голема помошта од државата.

Скусување на синџирите за снабдување
Сигурно се сеќавате на паничната опсада на самопослугите и на големите маркети во првиот месец од заклучувањето и полициските часови. Стравот беше spiritus movens на ова трескавично купување. Работите потоа се стабилизираа. Голем проблем беше и нарушувањето на синџирите за снабдување поради тоа што на камионџиите им беше отежнато преминувањето на границите.
Некои тврдат дека кризата треба да предизвика длабок одраз на односот меѓу Европејците и храната, од она што сега го јадеме до она што треба да го јадеме кога ќе заврши кризата – како и од каде потекнува.
Ова е извонредна шанса за Македонија како голем произведувач на храна да се сврти кон нејзината безбедност и сигурност во снабдувањето. Партиите во кампањата за изборите се натпреваруваа во ветувањата колкави субвенции ќе дадат за земјоделците. Корона кризата упатува на друга работа – како тие пари поефикасно да се искористат во производство на висококвалитетен зеленчук и овошје (а за тоа има предуслови) и тоа да се понуди на европскиот пазар. Парите навистина треба да отидат за субвенционирање на земјоделците, но сега тие треба да се искористат на поинаков, попаметен начин. Едноставно кажано – потребно е друго ниво во земјоделството.
Тоа ќе ги поттикне луѓето да јадат подобро. Истражувањата во многу европски земји покажаа дека луѓето сега многу повеќе ја ценат храната отколку пред кризата, дека фрлаат помалку од неа, дека сакаат производи од органско потекло. Во Франција, на пример, некои продавници за органска храна пријавуваат пораст на продажбата од над 40 проценти.

Купување намирници онлајн
За потрошувачите кои беа премногу исплашени да ги напуштат своите домови да купуваат намирници, трговците на мало немаат друг избор, освен да одат преку интернет. Некои од нив, како британскиот „Теско“ или белгискиот „Делхејзе“, веќе имаа платформи на интернет, додека другите мораа да ги креираат.
Францускиот „Карфур“ се здружи со „UberEats “ за зајакнување на услугата за испорака, додека најголемиот полски малопродавач „Биедронка“ започна да се здружува со шпанскиот стартап „Глово“ за да доставува храна до вратите на клиентите. Некои помали продавници, како што е париската органска продавница „Килограм“, изградија свои услуги за е-трговија во рок од 24 часа.
Овој тренд ќе продолжи кога кризата ќе заврши. Оваа криза покажа дека дигиталната трансформација е забрзана и дека таа ќе биде уште побрза.
Дали тоа може да значи дека супермаркетите што ги знаеме досега ќе исчезнат или со нив ќе управуваат машини? Во САД, технологијата на „Амазон“ за каси без касиери станува сè попопуларна, но во Европа промената не може да дојде толку брзо.

Велосипедот е крал
Дали велосипедите ќе командуваат во градовите во посткорона периодот? Активистите и локалните власти се надеваат на тоа. Така е и во Скопје, така е и во Милано, Париз, Берлин или Варшава. Во многу градови властите преземаат чекори за проширување на лентите за велосипеди за да им овозможат на луѓето да се движат побрзо додека одржуваат безбедно социјално растојание едни од другите. Но, не е само тоа, жителите на градовите исто така уживаат во почистиот воздух од огромниот пад на градскиот сообраќај. Во времето кога градовите беа под карантин, во Мадрид и во Милано на пример, концентрациите на азотниот диоксид се намалија дури за 50 проценти. Во Скопје тоа намалување беше најмалку 20 проценти.
„Да се возиш со велосипед или пеш е… единствената вистинска мобилност во време на пандемија“, напиша коалицијата активисти во отвореното писмо до германскиот министер за транспорт Андреас Шеуер минатиот месец.
Урбаната мобилност е игра со нула сума: колку повеќе простор им се дава на велосипедистите, толку повеќе ограничувања треба да се наметнат за автомобилите. Со потиснат сообраќај на возилата, кампањите гледаат можност да направат промена на транспортот со два тркала.
Во Брисел, властите се обидуваат да наметнат ограничување на брзината од 20 километри на час за моторните возила во преполниот центар за да им дадат поголем простор на велосипедистите и на пешаците.
„Промените треба да бидат постојани за да има подобрувања“, рече Мортен Кабел, поранешен градоначалник за животна средина во Копенхаген и коизвршен директор на Федерацијата на европски велосипедисти. „Пошироки и повеќе велосипедски ленти можат да пренесат повеќе луѓе отколку што можат да се возат со автомобили... и поевтино е да се изгради инфраструктура за велосипеди.“
Шпанскиот министер за животна средина Тереза Рибера ги поддржа напорите за промена на транспортната инфраструктура, додека министерот за животна средина на Франција Елисабет Борн рече дека таа им дава пари на располагање на градовите за да ги продолжат велосипедските патеки за време на пандемијата. Кампањите низ цела Германија бараат пошироки ленти за велосипеди, строги ограничувања на брзината и „поголеми простори без автомобили“. Тие исто така сакаат да ги претворат сите населби во зони само со велосипед.
Во обид да се создаде поголем јавен простор за луѓето да шетаат без да се туркаат на тесните тротоари, Виена забрани автомобили на некои улици за да се создадат нови „зони за средби“.

Градските мапи ќе се прецртаат
„Размислувајте глобално, дејствувајте локално“ одамна е мантра на движењата во животната средина и социјалната правда. Кризата со корона вирусот може да помогне да се активира неговото пошироко усвојување и да се сменат градовите во тој процес.
Блокадата ги прошири нашите дигитални и локални животи. Марк Карни, поранешниот гувернер на Банката на Англија, тврди во „Економист“ дека трендот ќе продолжи. „Дури и потоа, локалната еластичност ќе се цени за глобалната ефикасност“, напиша тој.
Неколку месеци пред појавувањето на корона вирусот, градоначалникот на Париз Ана Идалго го постави концептот на „15-минутниот град“, столб на нејзината кампања за повторен избор.
Идалго, социјалист по убедување, сака да го трансформира францускиот главен град во колективи од самодоволни заедници со сè – намирници, паркови, спортски сали, здравствени центри, училишта и работни места – само 15 минути пешачење далеку од прагот на секој жител.
Ограничувањата поврзани со ковид-19 ненамерно го претворија планот на Идалго – што требаше да ги намали загадувањето и стресот создаден од дневните патувања – во реалност затоа што на парижаните им беше забрането да се оддалечат повеќе од еден километар од своите домови.
Не би било првпат да се искористи криза за да се револуционизира урбанистичкото планирање во Европа: новата градска мрежа во Лисабон беше развиена кога маркизот од Помбал се обидуваше да ја обнови португалската престолнина по катастрофалниот земјотрес од 1755 година.
Татковците на „Црвена Виена“ се обидоа да ја решат станбената криза создадена со урбаната миграција по Втората светска војна со градење големи самостојни заедници за живеење, што е пример за Карл-Маркс Хоф, голем, станбен комплекс кој содржи училишта, здравствени клиники, атлетска инфраструктура, градини, салони за убавина и продавници.

(Економија и бизнис, печатени издание, јули/август 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО