Финансии / Банкарство

Европски механизам за стабилизација: Чадорот за спас на еврозоната

Мирче Јовановски

авторот е новинар

Од основањето до денес, ЕСМ беше вклучен во финансирањето на Кипар, на Грција и на шпанскиот банкарски систем, а го презеде и привремениот Европски фонд за финансиска стабилност кој претходно им обезбеди помош на Португалија, на Ирска и на Грција.

 

За повеќето е незаменлив инструмент кога ќе „загусти“, но некои, особено од земјите кои се соочувале со големи економски проблеми, во лутина знаат да го наречат „механизам за (де)стабилизација“. Така беше порано, а и сега кога се разжестуваат дебатите како да се излезе од корона кризата и како да се користат кредитните линии од пакетот финансиска помош што го овозможува Европскиот механизам за стабилизација – ЕСМ (European Stability Mechanism) или „чадорот за спас на еврозоната“ како што популарно ја нарекуваат оваа институција со седиште во Луксембург.

Во екот на пандемијата, кога се кројат мерките за спас на економиите, медиумите во ЕУ пишуваа дека тешко погодените држави како Италија како мерка на претпазливост треба да добијат кредитни линии кои би можеле да ги користатат „кога каматните стапки на приватните финансиски пазари ќе станат превисоки за нив и кога ќе се соочат со опасност дека може да не добијат нови заеми“. Од ЕСМ-пакетот се достапни 430 милијарди евра. Така на Италија, доколку не добие кредити на слободниот пазар, може да ѝ бидат одобрени до 36 милијарди евра. Но, некои земји како Холандија предупредуваат ЕСМ да не се користи прерано. „Се возиме низ магла и не знам како ќе изгледа следниот дел од патот“, го пренесе „Дојче веле“ ставот на холандскиот министер за финансии Вопке Хоекстра.

Ова само ги илустрира разликите во рамките на ЕУ за Европскиот механизам за стабилизација. Основан е во 2012 година со меѓувладин договор на земјите од еврозоната со цел да се стабилизира еврозоната кога на пазарите на капитал условите не се поволни и да им се притекне на помош на земјите членки во крајна нужда, кога ќе имаат проблеми со финансирањето. Помошта доаѓа на различни начини, вклучително и исплата на заеми по субвенционирани каматни стапки, поддршка за издавање државни обврзници и директна докапитализација на системски важни кредитни институции.

Не сакаме да креираме приказна дека со ЕСМ ќе нема криза, но сигурно е дека без ЕСМ многу потешко е да се надминат проблемите, велат директорот Клаус Реглинг и финансискиот директор Калин Анев Јансе

На почетокот на минатиот месец по повод Денот на Европа – 9 Мај, ЕСМ беше споменат и во заедничката изјава на претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателот на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, кога беше потенцирана неговата трансформација во инструмент за борба против ковид-19, но и потребата од натамошни реформи.
Од основањето до денес, ЕСМ беше вклучен во финансирањето на Кипар, на Грција и на шпанскиот банкарски систем. Исто така го презеде и привремениот Европски фонд за финансиска стабилност (EFSF) кој претходно им обезбеди помош на Португалија, на Ирска и на Грција.

Но, да се вратиме малку назад во историјата.
Пред да се основа ЕСМ, во јуни 2010 година беше формиран Европскиот фонд за финансиска стабилност (European Financial Stability Facility – EFSF) како привремен механизам за решавање на кризите за земјите членки на еврозоната. ЕСФС им обезбеди финансиска помош на Ирска, на Португалија и на Грција. Помошта беше финансирана преку издавање обврзници на ЕФСФ и други должнички инструменти на пазарот на капитал.
ЕФСФ не дава дополнителна финансиска помош бидејќи оваа задача сега ја извршува единствено ЕСМ. Како и да е, ЕСФС продолжува да работи бидејќи и натаму има отплати од заемите за земјите кориснички, плаќа камати на сопствениците на обврзниците на ЕФСФ, но извршува и дрги задачи.

„Мисијата на ЕФСФ и на ЕСМ е да се заштити финансиската стабилност во Европа преку обезбедување финансиска помош за земјите од еврозоната. Двете институции имаат различна структура на управување, но имаат ист персонал и канцеларии лоцирани во Луксембург“, им беше објаснето на новинарите на брифингот во седиштето на оваа институција во Луксембург.
„Вкупниот капацитет на позајмување на ЕСМ и нејзиниот претходник ЕСФС изнесува околу 700 милијарди евра“, вели директорот на ЕСМ Клаус Реглинг. „Од 2010 година до сега позајмени се 300 милијарди евра на пет земји и сите се успешни приказни“, нагласи Реглинг.

Тој вели дека ЕСМ располага со најголеми средства (705 милијарди евра) и со највисок т.н. пеид ин (paid-in) капитал (81 милијарди евра), што е најмногу во споредба со која било меѓународна финансиска институција. За разлика од ММФ кој ги финансира директно владите, ЕСМ позајмува на поинаков начин, односно средствата ги обезбедува преку пазарите на капитал.

Накусо, како што објасни Реглинг, мисијата на ЕСМ е да обезбеди финансиска помош за земјите од еврозоната кои се соочуваат или им се закануваат сериозни проблеми во финансирањето. Оваа помош се дава во крајна инстанца, односно само доколку се докаже дека е неопходно за да се заштити финансиската стабилност на еврозоната како целина и на членките на ЕСМ.

За ова користи неколку инструменти. Така, на пример, ЕСМ може да одобри заем како дел од програмата за макроекономско прилагодување, како што веќе користеа Кипар и Грција. Ирска, Грција и Португалија користеа слични програми испорачани од ЕФСФ. Единствениот друг инструмент што се користеше беше заем од ЕСМ за рекапитализација на банките во Шпанија.

„Условите на заемите се поволни благодарејќи на добриот рејтинг, силната поддршка на акционерите, 19 земји членки на еврозоната“, вели Реглинг и додава: „Без ЕСМ, некои од земјите ќе беа принудени да ја напуштат еврозоната.“
Реглинг вели дека ЕСМ е една од најмладите и најмалите институции во ЕУ во која работат само околу 190 лица, но од дури 43 земји од сите континенти. Тој вели дека и по ова се разликуваат од повеќето други ЕУ-институции каде што главно се вработени луѓе од земјите членки на Унијата.

Европскиот механизам за стабилизација беше основан во 2012 година со меѓувладин договор на земјите од еврозоната со цел да се стабилизира еврозоната кога на пазарите на капитал условите не се поволни и да им се притекне на помош на земјите членки во крајна нужда, кога ќе имаат проблеми со финансирањето

„Ова е многу добро бидејќи кога патувам во светот за да се сретнам со инвеститори со кои дискутираме за можноста да ги продадеме обврзниците, на пример ако одиме во Кина, имаме човек кој зборува мандарински и полесно оди комуникацијата“, вели тој. Реглинг додава дека ЕСМ беше основана како заемодавач во крајна инстанца на суверени држави. Европската централна банка е на пример заемодавач во крајна инстанца за банки, односно за централните банки на земјите членки, но не може да кредитира влади. Никој не претпоставувал дека во рамките на европската монетарна унија може да се случи таква криза каква што била пред десетина години. Поради големината на Унијата, ММФ не може да обезбеди целосно покривање на потребите за финансиски средства, односно тоа може да го направи со 10 до 30 отсто од потребите, додека другиот дел треба да биде обезбеден од ЕСМ, објаснува Реглинг. Тоа и довело до формирање на оваа институција во 2012 година со цел да се заштити монетарната унија како целина и да се промовира солидарност кога тоа е потребно.

„Од 2010 година до сега се распределени вкупно околу 300 милијарди евра на пет земји, а лимитот е 700 милијарди евра“, вели Реглинг, „што значи дека ЕСМ на крајот на минатата година, пред појавата на пандемијата со корона вирусот, имаше солиден капацитет да интервенира доколку е потребно со уште над 400 милијарди евра што, секако, во сегашните услови е повеќе од неопходно“.
ЕСМ главно оди на пазарот на капитал, издава обврзници и доаѓа до средства кои потоа ги дава како заем со поволни услови, кои се резултат на високиот рејтинг на институцијата и поради што може да позајми многу евтино на финансиските пазари.

Реглинг вели дека петте земји во кои интервенирале повторно се во можност да излезат на пазарот на капитал самостојно, да позајмуваат таму и да дојдат до потребните финансиски средства по разумни каматни стапки.
Реглинг објаснува дека заемите ги одобруваат под одредени услови – од земјите се бара да креираат програма на реформи во што голема улога има и Европската комисија при нивното дизајнирање, а одобрувањето на финансиите доаѓа дури по нивната проверка. Поради сите овие мерки, Реглинг вели дека ЕУ на крајот на 2019 година беше во многу подобра ситуација од пред десетина години за време на финансиската криза и дека еврозоната сега е многу поотпорна на шокови.
Прашањата за реформирање на ЕСМ беа актуелни уште пред корона кризата, а веројатно ќе продолжат и во наредниот период со цел оваа институција да им служи најдобро на членките на еврозоната поддржувајќи ги нивните напори да останат стабилни, особено во светлина на новите предизвици со корона кризата.


Случајот Грција

Веројатно најголемиот предизвик за ЕСМ во досегашнотo постоење беше справувањето со кризата во Грција. За таа цел, еве неколку показатели.
Програмата за Грција на ЕСМ (третa во целина за таа земја) заврши на 20 август 2018 година, по осум години. Големината на проблемите и административната слабост беа многу поголеми од каде било на друго место во ЕУ, констатира ЕСМ, и додава дека Грција отиде во погрешна насока во почетокот на 2015 година.
Фондовите за спас ѝ обезбедија на Грција заеми од околу 204 милијарди евра, а благодарение на поволните услови (ниски каматни стапки, долга рочност од 32 до 42 години, одложени камати) грчкиот буџет заштедува 13 милијарди евра секоја година (7 отсто од БДП во 2018 година).
Грција исто така може да стане долгорочна успешна приказна, велат од ЕСМ, а први знаци се суфицит во буџетот, добри изгледи за раст, успешно издавање на 5- и 10-годишни владини обврзници, подобрување на кредитниот рејтинг од сите три агенции за рејтинг...
Но, нагласуваат од ЕСМ, Грција мора да продолжи да ги спроведува договорените реформи на долг рок, а мерките меѓу другото опфаќаат ревизија на ситуацијата во Грција во 2032 година и прифаќање да се преземат дополнителни мерки ако е потребно, континуиран мониторинг на буџетските позиции до 2070 година со цел да се осигури целосно враќање на позајмените средства, како и регуларни мисии на Европската комисија, на ЕЦБ и на ММФ за да се обезбеди дека преземените обврски се почитуваат и дека реформите нема да се свртат во обратна насока.


 

Дел од прашањата беа на агендата и во декември, како што е продлабочување на монетарната унија, буџетирањето во рамките на еврозоната, но и работи за кои немаше согласност како комплетирањето на банкарската унија преку заедничко осигурување на депозитите, макроекономски стабилизациски олеснувања итн.

„Сакаме да бидеме целосно транспарентни, на интернет-страницата на ЕСМ има многу информации“, вели Реглинг нагласувајќи ја особено базата на податоци што е достапна од неодамна.
Финансискиот директор Калин Анев Јансе додава дека ЕСМ секоја година на пазарот издава обврзници во вредност од околу 30 милијарди евра и дека 2019 година била исклучително добра за Европскиот механизам за стабилизација при што набројува неколку елементи.

„Прво, глобално е зголемена довербата во еврозоната. Во 2018 година учеството на азиските инвеститори во обврзниците на ЕСМ беше 3 проценти, а во 2019 година се зголеми на 18 отсто или шест пати повеќе за период од една година“, вели Јансе.

Исто така, во 2019 година за прв пат од 2013 година имало повеќе инвеститори надвор од еврозоната отколку од еврозоната.
„Ако пред неколку години постоеше страв дека еврото може да пропадне, сега е сосема спротивно. Ако во 2013 година околу 70 отсто од глобалните инвеститори веруваа дека некоја земја ќе го напушти еврото, сега тој процент е блиску до нула“, вели Јансе.

Втора битна промена, како што додава тој, е преминот од англиското законодавство кон луксембуршкото, што е поврзано со Брегзит, односно заминувањето на Велика Британија од Европската Унија. Ваквиот премин од едно кон друго законодавство дошло по долги дискуии со инвеститорите кои искажале целосна доверба во законодавството на Луксембург. Третата поента, според Јансе, е дигитализацијата и финтек што неминовно ќе донесе многу промени во работењето, а четвртата е поврзана со заштитата на животната средина што е во фокусот и на Европската комисија.

„Не сакаме да креираме приказна дека со ЕСМ ќе нема криза, но сигурно е дека без ЕСМ многу потешко е да се надминат проблемите“, велат Реглинг и Јансе.

(Економија и бизнис, печатено издание, јуни 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО