Финансии / Банкарство

Правецот на златото

Бранко Саздовски

Авторот е раководител на одделение за тргување со финансиски инструменти во Халк Банка

Златото се користи како платежно средство низ вековите во историјата. Првични потврдени податоци за употребата на златото како платежно средство датираат некаде 600 години пред новата ера, во месноста Лидија (Lydia), денешна Турција. Според податоците, тамошниот народ (некаде 560 г. пр. н. е) за првпат успева да го оддели златото од среброто и да направи вистински златници како платежно средство. Вредноста на еден златник била детерминирана од самата негова грамажа. Реткоста на златото, а со само тоа и лимитираноста од избор на овој метал им овозможувал на луѓето богатството да го мерат според тоа колку количина од овој редок метал поседуваат.

Со појавата на „златната треска“ во САД и новиот прилив на злато од новите наоѓалишта резултирало со „златна инфлација“ која надлежните морале да ја стават под контрола. Тоа го решиле со печатење пари кои биле деноминирани во злато. Воведен бил златниот стандард (Act of Gold Standard) и златото претставувало единствен метал во кој можеле да се деноминираат банкнотите (вредноста на една унца злато била утврдена на 20,67 долари). Со растот на економиите, со текот на времето (по Втората светска војна), земјите го напуштиле златниот стандард овозможувајќи им да управуваат со количината на парите во оптек, а со тоа и со инфлацијата и економскиот раст.

Цената на златото зависи од нејзината понуда и побарувачка, посебно шпекулативната побарувачка. Централните банки заедно со ММФ исто така имаат голема улога во движењето на цената на златото бидејќи се јавуваат како купувачи/продавачи при управувањето со нивните државни резерви. Од крајот на 2004 година, централните банки држат околу 19 % од златото како официјални резерви. Сепак, низ историјата се искристализирале неколку фатори кои ја детерминираат цената на златото. Пред сè, побарувачката за злато (вклучително и шпекулативната), новите наоѓалишта на злато (иницијалната понуда), цената на доларот (унците се деноминирани во САД долари), активноста на централните банки на пазарот на злато, фундаменталните (вклучително и политичките) фактори, техничките индикатори и предвидувања и сл.

Златото секогаш во време на кризи важело за сигурна инвестиција (heaven trade). Посебно во услови на големи кризи, во време на крах на берзите, депресии, златото се смета за сигурно финансиско прибежиште, стока во која инвеститорите го пренасочуваат својот капитал во услови на несигурност и криза за да се заштитат од падот на цената на пазарите за време на непогодите. По некое правило, секогаш кога инвеститорите се несигурни за иднината на пазарите купуваат злато како цврста корелација. 

Златото секогаш во време на кризи важело за сигурна инвестиција (heaven trade). Посебно во услови на големи кризи, во време на крах на берзите, депресии, златото се смета за сигурно финансиско прибежиште, стока во која инвеститорите го пренасочуваат својот капитал во услови на несигурност и криза за да се заштитат од падот на цената на пазарите за време на непогодите. По некое правило, секогаш кога инвеститорите се несигурни за иднината на пазарите купуваат злато како цврста корелација

Цената на златото во изминатиов период ja надмина психолошката граница од 2 000 САД долари за унца, надминувајќи го претходниот рекорд од 2011 година (1 920 САД долари за унца). Цената на златото само оваа година е порасната за повеќе од 30 %. Појавувањето на пандемијата на ковид-19, проследено со затворањето на светот, предизвика економски колапс во светот проследен со крах на берзите (кои сега се во корекција и речиси ја повратија вредноста од почетокот на годината). Стравот од продлабочувањето на пандемијата, заострените кинеско-американски односи во последно време, проблемите на Блискиот Исток, како и ослабнувањето на доларот на најниско ниво во последниве две години, влијаеја цената на златото да профитира од самата несигурост во светот. Побарувачката за физичко злато особено е порасната во Германија каде што традиционално постои страв од инфлација. Според Светскиот совет за злaто, во првата половина на годината во Германија се продадени 83,5 тони злато со што Германците ги имаат престигнато инвеститорите во Кина. Самите вложувања во златото имаат привлечено многубројни купувачи кои сакаат да прибегнат на некое сигурно место, додека не помине пандемијата на ковид-19 и економската нестабилност како нејзина последица.

Со почетокот на пандемијата во март, ФЕД на Америка (Federal Reserve of U.S.A.) ги намалија каматните стапки на историски минимум за да ѝ дадат кондиција на економијата. Историски цената на златото по правило оди спротивно од движењето на каматните стапки и цената на долари за што сме сведоци во последно време. Исто така интервенциите на државата за помош на разнишаната економија за време на пандемијата придонесе на креирање на дополнителен државен долг, па инвеститорите плашејќи се од идна инфлација своите средства ги вложуваа во злато, кревајќи ја цената.

Каде ќе се движи цената на златото во наредниов период? Она што со сигурност можеме да кажеме е дека сè уште сме далеку од крајот на пандемијата, односно барем ефикасна вакцина е далеку. Есента веројатно сама по себе ќе донесе уште подраматични слики и бројки. Тоа веројатно ќе имплицира нови рестрикции на движења, нови отпуштања, нова нестабилност. Владите ќе продолжат со емисија на долг обидувајќи се да дадат поткрепа на своите економии преку директна поддршка и вбризгување на свежи пари. Превирањата во светот, особено трговската војна меѓу САД и Кина, веројатно ќе продолжат со исто темпо. Едно е сигурно, финансиските пазари ќе продолжат да реагираат на секоја промена и нè очекува бурна есен. Допрва сметка треба да приложат крахот на туристичките сезони, намалениот обем на работа на голем број компании, трајно изгубените работни места. Пазарите ќе останат волатилни сè до моментот на економска стабилизација, а тоа нема секако да се случи до моментот на појава на општоприфатена вакцина за ковид-19. Инвеститорите веројатно и натаму ќе продолжат своите инвестиции да ги насочуваат во злато движејќи ја цената нагоре.

(Економија и бизнис, печатено издание, септември 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО