Финансии / Банкарство

Европски суд на ревизори: Чувар на финансиите на ЕУ

Мирче Јовановски

авторот е новинар

„Економија и бизнис“ ви ги претставува институциите на Европската Унија со седиште во Луксембург

Европскиот суд на ревизори е еден од седумте институционални столбови на Европската Унија покрај Европскиот парламент, Европскиот совет, Советот на ЕУ, Европската комисија, Судот на правдата на ЕУ и Европската централна банка.


„Економија и бизнис“ беше дел од европските медиумски денови кои се одржаа во декември минатата година во Луксембург при што имаше можност како единствен медиум од нашава земја да присуствува на брифинзите во повеќе институции чие седиште е во овој живописен град. На средбите стана збор за работата на европските институции, но и за актуелните прашања со кои се соочува Европската комисија – климатските промени и мерките кои се преземаат за Европа да стане енергетски неутрална, но и теми поврзани со новиот буџет на ЕУ, идното функционирање на Унијата итн. Присуството на новинари од земјите на Западен Балкан беше искористено да се позборува и за инвестициите во инфраструктурата во регионот, поефикасното користење на фондовите од ЕУ, контролата на потрошените средства и сл. „Економија и бизнис“ во изминативе броеви претстави некои од најважните институции на ЕУ чие седиште е во Луксембург, како ЕИБ и Евростат, а во овој број ќе стане збор за Европскиот суд на ревизори.


 

Кој проверува дали парите на даночните обврзници на Европската Унија се правилно искористени? Европската Унија секоја година во просек троши по околу 300 евра за секој од нејзините граѓани, се разбира не директно, туку преку нејзините институции и многубројните програми што се реализираат во рамките на Унијата. Тоа наложува темелна проверка дали парите се соодветно потрошени или, пак, има ризик тие да завршат несоодветно.

Кај нас би рекле: „важен е секој денар“. Но, ова мото во вистинска смисла на зборот наоѓа примена во секојдневното дејствување на околу 900 вработени во Европскиот суд на ревизори (European Court of Auditors - ECA), еден од седумте институционални столбови на Европската Унија покрај Европскиот парламент, Европскиот совет, Советот на ЕУ, Европската комисија, Судот на правдата на ЕУ и Европската централна банка, како што е наведено во членот 13 од Договорoт за Европската Унија.

Се разбира, во Луксембург, каде што е седиштето на Европскиот суд на ревизори, би рекле „важен е секој евроцент“, но тоа не ја менува суштината на работењето на ревизорите – детално и совесно да го проверуваат трошењето на парите кои минуваат низ институциите на ЕУ. Или, како што кусо и прецизно велат за себе: „Ние сме чувари на финансиите на Европската Унија“.

А тоа не е мала работа. Ако се има предвид дека во 27-те земји членки на ЕУ сега има околу 446 милиони жители, тоа значи дека треба да се контролира трошењето на околу 140 милијарди евра.
Посакувајќи им добредојде на новинарите на брифингот во ЕЦА, претседателот на оваа институција Клаус Хајнер Лен по малку во шега изјави дека институциите на ЕУ во Луксембург се во сенка или како што рече „се скриени“ имајќи предвид дека главното внимание на медиумите е насочено кон Брисел каде што се сместени и најголемиот број новинарски екипи и дописници на медиумите.

ЕЦА будно надгледува дали трошењето на средствата на ЕУ е во согласност со правилата и процедурите за ревизија на усогласеност. Сепак, тоа не е доволно. Трошењето на парите на даночните обврзници треба да биде во полза на заедницата како целина, а вредноста што се добива за потрошените пари е исто толку важна, ако не и поважна, велат ревизорите

„Тоа за нас е понекогаш проблем кога сакаме да комуницираме со медиумите, па често тоа треба да го направиме преку Брисел или преку некој од главните градови на земјите членки“, рече Хајнер Лен.
Отвореноста кон јавноста е еден од важните постулати на работењето на оваа институција, што не чуди имајќи предвид дека во суштината на нејзината задача е токму соодветното трошење на парите во ЕУ за што исто така е неопходно високо ниво на транспарентност.

Хајнер Лен објасни дека ЕЦА е најмала од седумте институции кои се набележени во Уставот на ЕУ, како и дека две третини од 900-те вработени се ревизори, а другите се за поддршка на нивната работа, меѓу другото и за преведување на многуте документи и ревизорски извештаи што се изработуваат и се преведуваат на официјалните јазици на земјите членки.

„Големиот дел од нашата работа, со оглед дека работиме со книги и со бројки, односно со она што е содржано во нив, е стационирано тука во Луксембург, но се разбира одиме и на терен, односно онаму каде што се трошат парите на ЕУ“, истакна Хајнер Лен.


Која е улогата на Европскиот суд на ревизорите?
Во основа работењето на оваа институција се состои во проверка дали правилно се собираат и се користат фондовите на ЕУ со цел да се подобри финансиското управување во ЕУ.
ЕЦА е основана во 1977 година и секоја од земјите членки на ЕУ има по еден претставник. Како независен надворешен ревизор на ЕУ, Европскиот суд на ревизори внимава на интересите на даночните обврзници на Унијата. ЕЦА нема правни овластувања, но со Европската комисија работи на подобрување на управувањето со буџетот на ЕУ и извештаите за финансиите на ЕУ.

Во достапните материјали за новинарите се вели дека ЕЦА врши ревизија на приходите и на расходите на ЕУ, проверува дали фондовите на ЕУ се правилно собрани, потрошени, како и дали ја постигнуваат соодветната вредност за вложените пари. Исто така се проверува секое лице или организација што управува со средствата од ЕУ – вклучително и проверки на установи во институциите на ЕУ (особено на Комисијата) во земјите од ЕУ, но и во земјите кои добиваат помош од ЕУ.
Понатаму ревизорите ги запишуваат наодите и препораките во извештаите за ревизија за Европската комисија и за националните влади; прави извештаи доколку се сомнева за измама, корупција или друга незаконска активност кои потоа ги доставува до Европската канцеларија за борба против измама (ОЛАФ); изготвува годишен извештај кој го доставува до Европскиот парламент и до Советот на ЕУ, кој потоа се разгледува пред да се донесе одлука дали ќе се одобри работењето на Комисијата со буџетот на ЕУ; дава стручно мислење кое се доставува до креаторите на политиките на ЕУ за тоа како финансиите на ЕУ би можеле подобро да се управуваат со цел да бидат поодговорни пред граѓаните; објавува мислења за законодавство што е во подготовка, односно како тоа ќе влијае врз финансиското управување со ЕУ итн.

„За да биде ефикасен, Европскиот суд на ревизори мора да биде независен од институциите и телата што ги контролира. За таа цел, слободно може да одлучи за што ќе изврши ревизија, како да ја спроведе и како и кога ќе ги претстави своите наоди“, посочуваат упатените во работењето на оваа институција.

Ревизорската работа на ЕЦА се фокусира главно на Европската комисија – која е главниот орган надлежен за реализирање на буџетот на ЕУ. Но, таа исто така тесно соработува и со националните власти бидејќи Комисијата со повеќето фондови на ЕУ (околу 80 отсто) управува заедно со нив.

Членовите на ЕЦА ги именува Советот во консултација со Европскиот парламент и тие имаат мандат од 6 години кој може да се обнови. Претседателот се избира од еден од членовите и тој има мандат од 3 години кој исто така може да се обновува.
ЕЦА спроведува три видови ревизија: финансиски ревизии – односно проверува дали сметките точно ја прикажуваат финансиската состојба, резултатите и протокот на готовина за годината за која се прави ревизијата; ревизии на усогласеност – односно проверува дали финансиските трансакции ги следат правилата; и ревизии на успешност – проверува дали фондовите на ЕУ ги постигнуваат своите цели со најмалку можни ресурси и на најекономичен начин.
Судот на ревизорите е поделен на ревизорски групи наречени „комори“ кои подготвуваат извештаи и мислења.

Како надворешен ревизор на Европската Унија, мисијата на Европскиот суд на ревизори е да придонесе за подобрување на финансиското управување со средствата на ЕУ, да се промовира одговорност и транспарентност и да се однесува како независен чувар на финансиските интереси на граѓаните на ЕУ.

Од својата база во Луксембург ЕЦА предупредува на ризици, укажува на недостатоци и дава насоки за креаторите на политиките во ЕУ како да го подобрат управувањето со политиките и програмите на ЕУ и да обезбедат граѓаните на Европа да знаат како се трошат нивните пари.

Во тој процес, како што нагласуваат во Европскиот суд на ревизори, клучна е транспарентноста која заедно со одговорноста се важни елементи за обезбедување на етичко однесување.
Тоа е содржано и во стратегијата за работа на оваа институција каде што се вели дека ЕЦА ги потенцира нејзините основни вредности на одговорност, на транспарентност, на професионализам, на интегритет, на непристрасност и на одговорност.
„ЕЦА будно надгледува дали трошењето на средствата на ЕУ е во согласност со правилата и процедурите за ревизија на усогласеност. Сепак, тоа не е доволно. Трошењето на парите на даночните обврзници треба да биде во полза на заедницата како целина, а вредноста што се добива за потрошените пари е исто толку важна, ако не и поважна“, велат ревизорите.
Тоа е една од задачите и за наредниот период.

Во таа насока, европските ревизори проверуваат дали на пример аеродромите и патиштата се изградени според процедурите и дали луѓето ги користат, дали зелените проекти помагаат за подобрување на животната средина, дали навистина се испорачуваат работни места и економски раст...

„Иако вкупниот буџет на ЕУ кој е 140 милијарди евра изгледа голем, во буџетска смисла е всушност мал бидејќи изнесува само еден отсто од бруто-националниот доход на сите земји членки на ЕУ, каде што вкупните трошења на владите се 50 пати поголеми. Затоа е многу важно средствата во буџетот на ЕУ да бидат ефикасно потрошени, поради што нашата работа е фокусирана на процената дали политиките на ЕУ и на програмите ја постигнуваат нивната цел и вредност“, вели Хајнер Лен.
Така, во еден од последните извештаи што го објави ЕЦА, а кој се однесува на актуелната криза со корона вирусот, се вели дека за да се ублажи влијанието на пандемијата од ковид-19 со помош на структурните фондови на ЕУ, потребна е рамнотежа и поголема флексибилност и одговорност.

Осврнувајќи се на предлогот на Европската комисија како вонредна мерка да се овозможи побрзо префрлање на средства од фондовите на ЕУ кон земјите членки и да се овозможи поголема флексибилност за нивно насочување каде што е неопходно, ревизорите укажуваат дека во предлогот не се доволно објаснети активностите за градење на капацитетите за одговор на кризата, како и дека на Комисијата и на законодавците нема да им бидат лесно достапни квалитетни информации за трошењето на средствата, што може да влијае на одговорноста за нивното користење пред граѓаните на ЕУ.

Ова е само еден од извештаите кој илустрира дека ревизорите прилично брзо реагираат на актуелната ситуација. Во други извештаи од годинава тие се осврнуваат меѓу другото и на трошењето на средства за енергетска ефикасност во зградите што, според ревизорите, не се темели на исплатливост, потоа во друг извештај зборувааат за потребата од подобро насочување и координирање на трошењето на средства за културни локалитети. Во извештајот за патната инфраструктура во ЕУ, пак, потенцираат дека патувањата траат пократко, но дека основната патна мрежа сѐ уште не е целосно функционална.

На крајот треба да се напомене дека Европскиот суд на ревизорите има изработено и посебен извештај за помошта која ја добиваше нашава земја преку ИПА-фондовите за подобрување на капацитетот на администрацијата. Во извештајот изготвен во 2016 година ,на околу 46 страници, нашава земја не помина добро.

Во извештајот Европскиот суд на ревизори оцени дека помошта што ЕУ ѝ ја дава на Македонија со години за да го зајакне својот административен капацитет не дала резултат поради недостиг на политичка волја од властите во земјата и дека македонските власти не успеале да ги искористат ИПА-фондовите на ЕУ за напредок во клучните области како што се борбата против корупцијата и јавните набавки.

„Меѓу 2007 и 2013 година, ЕУ одвои 615 милиони евра во рамките на инструментот за претпристапна помош (ИПА) за да ѝ помогне на Македонија да се подготви за пристапување во ЕУ. Земјата доби дополнителна финансиска поддршка во рамките на регионалните програми. Поддршката на ЕУ за реформите во земјава продолжува во рамките на ИПА II со распределба од 664 милиони евра од 2014 до 2020 година“, е сумирана помошта што Брисел до тогаш ѝ ја имаше одобрено на Македонија преку ИПА-инструментот.

„На технички јазик Европскиот ревизорски суд практично констатира дека Македонија не научила ништо од инвестициите во инфраструктурата, дека проектите не се координирани и усогласени и дека главен проблем на ЕК сега е да утврди како да го намали минимумот од четири години што се потребни да се обезбедат резултати од помошта, очигледно за да се надомести пропуштеното досега“, известија тогаш медиумите во Македонија, што на директен начин го потврди основниот постулат на Европскиот суд на ревизори – дека се чувари на финансиите на ЕУ.

(Економија и бизнис, електорнско издание, мај 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО