Економија

НА ИТАЛИЈА ЌЕ Ѝ ТРЕБА ЕКОНОМСКО ЧУДО ЗА ДА ГИ САНИРА ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД КОРОНА ВИРУСОТ

Дејан Азески

Авторот е историчар, новинар и публицист

Економските штети од два и повеќе месеци целосно неработење на домашната економија, затворените странски пазари, опасноста од целосна пропаст на летната туристичка сезона и енормните трошоци кои се направени за санирање на кризата заеднички ќе придонесат за економска криза од огромни размери со која сигурно наскоро ќе се соочи Италија. Со оглед дека кризата е далеку од завршена, пресметки за евентуалните загуби сѐ уште не може да се прават, но едно е јасно, секој еден нареден ден поминат во карантин придонесува за мултипликативно зголемување на рокот за евентуален економски препород на земјата. Засега само грубо може да се процени дека ќе се потребни години за работите во италијанската економија да се вратат на првобитната точка. А замислете, оваа држава и пред почетокот на здравствената криза важеше за премногу задолжена земја која едвај ги сервисира своите долгови. Што ли ќе биде сега?

„Италијаните се многу богати луѓе и живеаат во економски моќна и силна држава“, ова е најчесто застапеното мислење во нашава држава поврзано со стандардот на државата која го зафаќа целиот Апенински Полуостров. Но, ние кои сме имале можност барем неколку месеци да поминеме во оваа држава со задоволство може да потврдиме дека Италијанците навистина се богати, но повеќе по својот „дух“ отколку судејќи по нивните банкарски сметки. Што се однесува до самата држава Италија, доволно е да кажам дека нејзиниот долг (пред кризата) одамна престана да се мери во милијарди и премина во ставката трилиони евра, а и процентот на задолженост од буџетот е многу, многу поголем отколку во која било балканска држава. Оттука кризата ја погодува Италија во навистина лош момент на економска и политичка нестабилност и засега единствената надеж е сето ова што побрзо да заврши. Но, објективните прогнози не го кажуваат тоа...

СКЕПТИЦИЗМОТ Е НА НАЈВИСОК СТЕПЕН
Политичарите, како и медицинските и економските експерти предупредуваат дека италијанскиот модел за справување со вирусот не е препорачлив за другите земји со оглед дека оваа држава и натаму останува со највисока стапка на смртност во Европа. Според многумина, државата не е спремна ниту да ја заврши првата фаза од справувањето со пандемијата, а веќе активно се планира втората.
Според Александро Веспиано, математички епидемиолог од Универзитетот во Бостон, премногу е доцна за сега да почнат подготовките за втората фаза.
„Пред да се почне што било, прво треба да се има план. Италијанците зборуваат за денот Д, а никој не знае дали имаат бродови, војници или поддршка.“
Овој текст го пишувам неколку дена пред Италија да ги реотвори бизнисите и навидум да почне нормалното функционирање на економијата. Но, тимот од научни, економски експерти, па и бизнисмени кој премиерот Конте ги собра околу него покажува сѐ поголеми знаци на скептицизам дека 4 мај ќе е датумот кога Италија навистина ќе се врати во нормала.
Па така, премиерот ја смени својата самоуверена изјава од пред две недели дека сигурно ќе му се даде можност да ја врати економијата во нормалата – со фразата дека 4 мај, всушност, ќе биде само почеток на фазата во која Италијанците ќе мора да се навикнат да живеаат со вирусот барем некое време. Ова ќе значи дека ќе им се дозволи на луѓето да се вратат на работа и да користат јавен транспорт, но со задолжителна примена на препораките за социјално дистанцирање. Овој процес ќе мора да оди паралелно со јакнење на здравствениот систем и негова подготовка за евентуална нова експлозија на пандемијата.
Но, ако овде, во Италија, на почетокот медиумите 99 % зборуваа само за пандемијата, сега барем 70 % зборуваат за економските последици кои ги носи повеќемесечното неработење на домашната економија и евентуалното одложување на туристичката сезона што би било вистинска катастрофа. Па така медицинските препораки сѐ почесто се во силен судир со економската реалност. Сериозно задолжената Италија уште пред почетокот на кризата беше рангирана како една од најмалку солвентните во Западна Европа. Последните проценки на ММФ велат дека економскиот раст на оваа земја ќе биде за цели 9 % понизок од проектираниот, а веројатно и ова нема да е конечната бројка која реално ќе го одразува падот на италијанската економија.
И планот на постепено отворање на економијата сѐ уште не е јасно усвоен. На ова поле се води сѐ пожестока дебата не само меѓу работодавачите и синдикатите туку и меѓу повеќеразвиениот север и помалку економски развиениот југ на земјата.
Официјално властите планираат да почнат со етапно и бавно реотварање на економијата, што нема да биде исто во сите делови на Италија. Дополнителна битка со аргументи се води и за тоа кои бизниси да бидат отворени први.
Засега, освен супермаркетите и аптеките, работат уште продавниците за детска облека, книжарниците и уште некои специјализирани продавници каде што се смета дека нема голема фреквенција на луѓе.
Ваквото бавно темпо на реотварање на економијата дефинитивно не им се допаѓа на големите индустријалци кои вршат константен притисок преку медиумите и преку своите синдикати – барајќи Владата да им дозволи што поскоро да ги реотворат фабриките.

ИТАЛИЈА ВО КРИЗАТА ВЕЌЕ ВЛЕЗЕ СО ОГРОМНИ ДОЛГОВИ
Во последнава деценија Италија често се нарекува „болниот пациент на Европа“. И тоа не е случајно. Станува збор за ранлива економија која е ризик за финансиската стабилност на ЕУ. Италијанската влада непосредно пред почетокот на кризата ја намали прогнозата за растот годинава од 1,0 % на 0,2 %.
Евростат неодамна потврди дека јавниот долг на Италија наместо да се намалува повторно почнал да расте, и тоа за 1 % во 2019 година, достигнувајќи 132,2 % од бруто-домашниот производ (БДП). Јавниот долг на Италија е најголем во ЕУ, а поради проценките за слаб раст годинава можно е уште да расте.
По сето ова, аналитичарите и пред кризата очекуваа негативен раст поради намалената домашна побарувачка и падот на јавните и приватните инвестиции.

ЛЕТНАТА ТУРИСТИЧКА СЕЗОНА Е ГОЛЕМАТА КАПКА КОЈА МОЖЕ ДА ЈА ПРЕЛИЕ ЧАШАТА
Венеција, Милано, Тоскана, Комо, Фиренца, Ватикан, Наполи, Капри, Сицилија, Сардинија, Пиза... се само дел од стотиците светски познати точки во Италија како земја која е многупати избрана како најпосакувана дестинација за туристите од целиот свет. Поради ваквите компаративни предности, земјата која е од три страни заокружена со море дури 13 % од својот БДП најдиректно му го должи на туризмот. А според експертите, овој процент е многу поголем ако се сметаат и индиректно поврзаните сектори со туризмот и угостителството.
Поради сето ова, покрај стравот за својот живот, најголемиот страв на Италијанците овие денови е дали ова лето воопшто ќе има туристичка сезона.
Некои туристички организации од Сицилија веќе најавија кофинансирање на авионските билети за првите туристи кои ќе дојдат ова лето. Надлежните институции веќе на големо работат на модуси како да го решат здравствениот предизвик со туристите кои доаѓаат од други држави. Засега Италија има задолжителен државен карантин од две недели за секој странец кој ќе стапне на нејзината територија. Евидентно е дека со ваква мерка туризам дефинитивно нема да има.
По примерот на Грција се најавуваат и некој вид туристичко-здравствени книшки каде што ќе се евидентира дали лицето прележало вирус ковид-19 или дали има има некакви симптоми.
Но, за сето ова може да се размислува дури откако ќе се смири домашното жариште на новозаразени жители на Италија. Како за инает таа секојдневна статистика никако да падне под неколку илјади на ден.
Во Италија веќе се одложени многу значајни културни манифестации кои традиционално привлекуваа голем број на туристи.
Веројатно најдобар показател за тоа дали ќе имаме или ќе немаме туристичка сезона во Европа ова лето е фактот што Германија го одложи најголемиот светски пивски фестивал Октоберфест кој беше планиран дури за шест месеци од сега.

РЕСТОРАНИТЕ ЌЕ ОТВОРАТ НА ПРВИ ЈУНИ – ЗА ПАТУВАЊА ВО СТРАНСТВО ИТАЛИЈАНЦИТЕ ЌЕ ПРИЧЕКААТ ПОДОЛГО
Најголемата болка на Италијанците кои се познати како големи гурмани и многу дружељубиви луѓе е фактот што не работи ниеден објект од угостителски карактер. Засега рестораните функционираат само по пат на нарачка на храна.
Но, конкретно овде, на северот на Италија, и покрај тоа што може да се нарача приготвена храна, ретко кој го прави тоа бидејќи луѓето кои поминаа речиси два месеца во целосна изолација се крајно скептични некој друг да им ја приготвува храната, па макар тоа било и со задолжителните заштитни ракавици.
Поради сето ова како на голем настан се гледа на датумот први јуни кога се очекува да бидат отворени угостителските објекти. Но, со оглед на фактот дека се очекува препораките за социјално дистанцирање да траат барем до крајот на годинава, и по први јуни тоа нема да биде онаа позната распеана Италија полна со топли и дружељубиви луѓе која сите ја знаеме.

(Економија и бизнис, електронско издание, мај 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО