Економија

РУДНИК САСА ДОНИРА ДО 126 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ДА ПОМОГНЕ ВО БОРБАТА СО КОВИД-19 ПАНДЕМИЈАТА

04 05 2020г.

Рудникот за олово и цинк САСА ја објави намерата да донира до 126.000 евра во медицинска опрема, заштитни материјали, прехранбени и хигиенски производи и парични средства за справување со пандемијата на Ковид-19.

Оваа донација ја сочинуваат пет компоненти. Првата е наменета за набавка на најсовремена автоматска анестезиолошка страница во општата болница во Кочани за што ќе бидат обезбедени 35.000 евра. Оваа машина ќе биде наменета за третман, поддршка и следење на здравствената состојба на пациентите кои се лекуваат во оваа болница.

До 25.000 евра ќе бидат наменети за набавка на заштитна опрема за медицинскиот персонал во Клиничката болница во Штип каде се лекуваат пациентите со Ковид-19 од целиот источен регион. Изборот на конкретната медицинска и заштитна опрема што ќе бидат набавени е направен во координација со раководните тимови на двете болници.

Преку донација на прехранбени и хигиенски производи во вредност од над 5.000 евра рудникот САСА се вклучи и во реализацијата на хуманитарна акција што ја спроведува Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, насочена кон поддршка на граѓаните од најранливите категории кои се во социјален ризик, погодени од кризата предизвикана од Ковид-19 пандемијата.

Рудникот САСА исто така донираше 50.000 евра за Министерството за здравство. Менаџерскиот тим на компанијата верува дека ресорното министерство најдобро ќе ги утврди потребите за финансирање на здравствениот систем и соодветно ќе ги распредели овие средства со цел да го заштити населението од ширењето на Ковид-19.

Претходно, САСА обезбеди и заштитни маски, ракавици и дезинфекциски средства за жителите од локалната заедница во вредност од околу 11.000 евра.

„Врвен приоритет на рудникот САСА и неговите сопственици - компанијата Централна Азија Металс од Лондон - во овие тешки времиња е благосостојбата на нашите вработени, добавувачите и на луѓето од локалните заедници во кои работиме. Горди сме што имаме можност да им помогнеме на оние на кои таа им е најпотребна. Раководени од овие вредности, соработуваме со институциите на локално и национално ниво за да утврдиме како можеме најдобро да придонесеме во борбата против Ковид-19. Веруваме дека во финансирањето на областите што ги идентификувавме ќе дадеме навистина значаен придонес за земјата, со што сите заедно ќе ги надминеме предизвиците што оваа пандемија ни ги наметна“, вели генералниот директор на рудникот САСА, Олег Телној.

ПРЕПОРАЧАНО