Перспектива

20 ГОДИНИ ЕКОНОМИЈА И БИЗНИС, ПРИКАЗНАТА ОДНАТРЕ

Зоран Јовановски

Почетоците, мотивите, годините на развој

Луѓето на твоја возраст со пензионирањето влегуваат во нова фаза од животот, кога треба да се одморат, му реков на татко ми, Тихомир Јовановски, тогашен професор на Економски факултет при УКИМ. Доаѓа време кога треба да се одмориш од сите досегашни напори. Не, рече тој, сега ќе почнам да издавам економско списание. Но, зошто? – го запрашав. Затоа што луѓето во Македонија треба повеќе да читаат – ми одговори. Одговорот беше совршено прецизен и точен.
Но, тоа не беше единствениот мотив на професорот. Во тоа време, факултетите бараа од кандидатите да објават неколку аналитички трудови за да можат да магистрираат или да докторираат. Професорот, иако во фаза на пензионирање, сакаше да им овозможи на студентите да имаат каде да ги објават своите трудови и со тоа да им помогне да го продолжат и да го заокружат своето академско образование.
Така започна приказната пред 20 години. Мајка ми ги лекторираше текстовите, а сестра ми се грижеше целата конструкција оперативно да функционира како што треба. Јас немав допирна точка со списанието, повремено татко ми ќе се посоветуваше за нешто, многу ретко ќе напишев некој текст и толку.
Со текот на времето ова почна да добива еден попрофесионален лик, иако никогаш не беше замислено да биде вистински профитабилен бизнис. Од нашето семејство единствено татко ми остана директно и постојано инволвиран за списанието. Вработи три лица и на некој магичен начин успеваше да го одржи списанието во живот. И длабоко во своите седумдесетти години, пензионираниот професор не се предаваше.
Беше променет изгледот на насловната страница, а и содржините станаа малку поразновидни. Она што и ден-денес не ми е јасно е како успеваше татко ми да обезбеди финансирање на списанието.

Првиот број на Економија и бизнис, јануари 1998 година

Моментот на прекршување во мај 2011 година
Во мај 2011 година професорот Тихомир Јовановски, основачот на Економија и бизнис, почина. Смртта не дојде целосно ненадејно, но во периодот што претходеше ние не разговаравме ништо за иднината на списанието. Што да направам во тие околности? И без да ми биде кажан збор, го имав чувството на неискажан аманет. Си помислив, јас ли да ја прекинам оваа приказна во која беа внесени толку многу работа и емоции? Одлуката беше донесена, ќе го прифатам предизвикот. И така, во тој момент мојот живот доби неверојатна динамика. Наутро на работа во банка, попладне партиски активности, навечер подготовка на списание. Се разбира, клучна улога одигра и целокупниот тим вработени, пишувачи и помагачи. Мојата сопруга не само што ме поддржа во лудата замисла туку и оттогаш наваму се грижи за преводот на некои од содржините на англиски јазик.
Но, мојата одлука се базираше на неколку принципиелни позиции. Прво, за да продолжи да излегува списанието мора да го положи тестот на пазарот, да функционира како чист пазарен производ и да има финансиска одржливост. Тоа беше критичен момент. Моите разговори со неколку компании за да се рекламираат, во кои јас го заложив мојот личен кредибилитет дека списанието ќе успее, се покажаа успешни и го поткренаа оптимизмот. Следеа неколку потези кои требаше да им дадат повеќе вредност на читателите. Од една страна, драстично го зголемивме бројот на страници, од 44 на 80, па на 100 и конечно на денешните 120 страници. Од друга страна, пак, ја поевтинивме годишната претплата од 4 200 денари на 2 950 денари. Се разбира, сето тоа резултираше со голем пораст на бројот на претплатници.
Втората принципиелна позиција беше Економија и бизнис да биде политички независен магазин кој нема да се инволвира во дневна политика и агендите на поодделни политички партии. Да не заборавиме, кога го презедов водењето на магазинот беше 2011 година, јас бев со активен политички ангажман на страната на тогашната опозиција. Воопшто не беше лесно, во земја со црно-бел поглед на светот, да се издржи периодот додека сите се убедат дека Економија и бизнис е независен магазин и дека таа независност нема цена. Помогна и моето целосно напуштање на политиката во 2013 година. Во секој случај, изборот да се биде независен имаше свој одраз и врз обезбедувањето финансирање на списанието, но издржавме. Човек многу учи за себе кога ќе се најде со грбот до ѕидот, но не беше првпат.
Третата принципиелна позиција беше на читателите да им се понуди премиум квалитет. За таа цел направивме квалитативни подобрувања во поглед на хартијата и на визуелниот изглед. Уште поважно, континуирани се напорите да се понуди екстра квалитет на содржините. За таа цел, во Економија и бизнис пишуваат врвни имиња. Магазинот нема класична редакција, пишуваат селектирани експерти, секој во својата област на експертиза. На пример, да спомнам само некои: Лидија Георгиева има работено 20-тина години за врвни модни куќи во Париз и пишува за теми поврзани со дизајнот и други општествени теми, професорите Горан Петревски, Мајран Петрески и Александар Стојков се меѓу оние со најмногу објавени академски трудови во меѓународни списанија со импакт фактор, а ја имаат дарбата за многу сложени економски теми да пишуваат на приемчив, лесно разбирлив начин. Љупчо Поповски и Мирче Јовановски, врвни искусни новинарски пера покриваат теми за глобалните случувања и реалниот економски сектор во земјава. Павле Гацов ги разоткрива финесите за даноците, Мирослав Саздовски пишува за бизнис-комуникации, Дарко Булдиоски за дигитални комуникации, а Јован Пехчевски за дигиталната ера и промените што ги носи новото време. Магазинот промовира и нови, талентирани пишувачи. Просторот едноставно не дозволува да ги спомнам сите.
На нашите читатели им понудивме и бројни ексклузивни интервјуа со врвен квалитет. Разговаравме со претседатели на држави, гувернери на централни банки, топ менаџери, домашни и странски, интересни личности од различни општествени сфери.

Мисијата на Економија и бизнис
Денес модерните технологии ни овозможуваат многу лесно и брзо да разбереме кога нешто ќе се случи на која било точка од нашата планета. Но, вистинското прашање е зошто тоа нешто се случило и какви се импликациите за иднината. Ова е стартната точка на мисијата на Економија и бизнис. Нашата идеја е, како своевидна платформа што го олеснува носењето одлуки, да ги анализираме работите што се случиле и да предвидиме што е она што следува.

ЦЕЛТА НА МАГАЗИНОТ Е ДА ПОНУДИ, ЕКСПЛИЦИТНО ИЛИ ИМПЛИЦИТНО, ИДЕИ. ИДЕИТЕ СЕ НАМЕНЕТИ ЗА ОНИЕ ШТО СЕ ВО ПОЗИЦИЈА ДА НОСАТ ВАЖНИ ОДЛУКИ ВО МАКЕДОНСКОТО ОПШТЕСТВО И ЕКОНОМИЈА

Во тој контекст, целта на магазинот е да понуди, експлицитно или имплицитно, идеи. Идеите се наменети за оние што се во позиција да носат важни одлуки во македонското општество и економија. Тие можат слободно да ги преземат идеите, да ги реализираат и да се пофалат дека се нивни. Само нека ги реализираат затоа што тоа ќе ја направи земјава подобра. Доколку со своите содржини успееме секоја година да ја придвижиме Македонија барем малку поблиску до она што значи модерна држава, Економија и бизнис ја исполнува својата мисија.
Ние имаме исклучително позитивен пристап, сакаме да овозможиме додадена вредност на нашите читатели, да придонесеме за нивен поголем успех, а со тоа и да придонесеме за поуспешен бизнис-сектор, за подобар економски амбиент и за подобро општество. Затоа, меѓу другото, промовираме успешни бизнис-приказни. Јас верувам во тоа дека никогаш не знаете што од она што ќе го прочитате каква идеја може да ви даде за иднината на вашиот-бизнис или кариера. Притоа, во времето на т.н. „лажни вести“, успеавме да стекнеме огромна доверба кај читателите, ексклузивната група претплатници, менаџери и сопственици на бизнис од приватниот сектор, високи претставници на државниот сектор, меѓународната заедница и академската фела. Сите нив ги спојува тоа дека сакаат да читаат, да научат нешто ново, да го нахранат своето интелектуално љубопитство. Затоа мотото на Економија и бизнис е: За амбициозни!
Горд сум на тоа што го започна татко ми. Горд сум што списанието ги преживеа изминативе 20 години и успеа да достигне неочекувани височини. Горд сум на придонесот што го дадоа сите на тој пат, вработените, пишувачите, спонзорите, сите други. Економија и бизнис останува бизнис-магазинот со најдолга традиција во Република Македонија.

Продолжуваме понатаму!

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано