Перспектива
МОЈОТ ЗБОР Е МОЈОТ ОБРАЗ
Зоран Јовановски
На крајот од годината, кога по правило сите ги сумираме резултатите и ги правиме плановите за наредната, вреди повторно да се истакне она што многумина го забораваат, дека иднината зависи од нас самите, како што вели една изрека, „ти си тоа што го избираш“. Во овој контекст, многу е важно кој каков пристап има, која животна филозофија ја следи, кои се неговите принципи...
Да ги земеме на пример медиумите. Изминатиов период многу се зборуваше за проблемите со кои тие се соочуваат, за нивната слобода, за тоа како да се регулираат итн. Но, во сите тие дискусии, ми се чини, се изгуби една важна поента – тежината, одговорноста и последиците што произлегуваат од направениот личен избор.
Сите знаеме дека медиумите во земјава се судираа(т) со бројни проблеми. На пример, беше загрозена слободата на медиумите. Според Индексот за слобода на медиумите, рангирање што секоја година го прави организацијата „Репортери без граници“, во 2009 година нашава земја беше рангирана на 34 место, а во 2017 година се стрмоглави со пад на 111 место. Понатаму, земјава стана светски позната како извор на т.н. лажни вести (fake news). Знаеме и дека стана многу лесно да се нудат квази содржини, преведени странски содржини, авторски непотпишани. Исто така, за жал, во краток период бројни печатени медиуми згаснаа. Поентата на овој текст не е прашањето како системски да се решат проблемите во медиумскиот простор во Македонија. Не, тоа е друга тема, има решенија, но тие бараат подетална елаборација.
КОГА РАЗМИСЛУВАТЕ ДА КУПИТЕ ИЛИ ДА СЕ ПРЕТПЛАТИТЕ НА НЕКОЈ МЕДИУМ, ПОГЛЕДНЕТЕ КАКО СЕ ФИНАНСИРА, КАКО НАЧИНОТ НА ФИНАНСИРАЊЕ ВЛИЈАЕ НА НЕГОВАТА УРЕДУВАЧКА ПОЛИТИКА, ДАЛИ ИМА СВОЈА ЈАСНА ДОЛГОРОЧНА ВИЗИЈА И СТРАТЕГИЈА. ЗОШТО? ЗАТОА ШТО ОДГОВОРИТЕ НА ОВИЕ ПРАШАЊА СЕ ДИРЕКТНО ВГРАДЕНИ ВО СОДРЖИНИТЕ ШТО ЌЕ ГИ ЧИТАТЕ
Сега сакам да се задржам на една од причините за затворањето на медиумите. Низ јавните дискусии се покажа, по обичај, дека најлесно е да се посочи со прстот кон претходните власти. Се разбира, не е потребно посебно објаснување за тоа што се случуваше во јавниот медиумски сервис во изминатиов период и зошто информациите што ги сервираше тој на јавноста, фино кажано, не беа баш непристрасни. Но, она што за мене е поинтересно се случувањата во приватниот медиумски сектор. Дел од проблемот таму беше тоа што, грубо кажано, финансиските награди во облик на владини реклами „ја купија“ медиумската поддршка и резултираа со медиумска автоцензура. За работите дотука се дискутираше во јавноста.
Она за што не се дискутираше е моментот на личен избор. Тука не мислам на новинарите бидејќи нивниот маневарски простор е многу полимитиран, иако и тоа не може да биде целосно оправдување. Мислам првенствено на личниот избор на сопствениците на медиумите и на главните уредници. Тие самите избраа да ги стават своите медиуми на располагање на одредена агенда и да изберат политичка страна во силно исполитизираниот македонски амбиент. Ирелевантно е која страна ја избрале. Поентата е дека таквиот личен избор значи дека ја избрале полесната патека. Тоа е патеката на пари што лесно доаѓаат, зона на комфор, просторот каде што не му се мислите многу за тоа што бара пазарот и како да ја градите својата (долгорочна) конкурентност. Тоа е патеката каде што функционирањето на медиумот станало целосно зависно од еден извор на финансиски средствакој е непазарен по својата природа. Логично, кога тој извор на средства ќе запре, згаснува и работењето на тие медиуми. Значи, во целата приказна многу важна улога одигра направениот личен избор.
Некој ќе рече дека морало така да биде. Не се согласувам, не морало така. Пример за тоа, нескромно ќе кажам, е Економија и бизнис. Ама тоа е потешкиот пат, да преживееш како чист пазарен производ што се финансира од претплата и од реклами од приватниот сектор. На исклучително мал медиумски пазар тоа нималку не е лесна работа. Кога ќе се пребродат тешкотиите на краток рок, она што се добива како резултат е довербата во медиумот. Кога размислувате да купите или да се претплатите на некој медиум, погледнете како се финансира, како начинот на финансирање влијае на неговата уредувачка политика, дали има своја јасна долгорочна визија и стратегија. Зошто? Затоа што одговорите на овие прашања се директно вградени во содржините што ќе ги читате.
Мораме конечно да прифатиме дека сами треба да ги носиме одлуките во согласност со своите принципи, својата животна филозофија, својот образ. Поединечно, секој од нас. Затоа „мојот збор е мојот образ“ не е само принцип кај банкарите, туку и своевидна животна филозофија која ја вградуваме во магазинот.
Сега дозволете ми драги читатели на сите вам да ви ја честитам Новата 2018 година и да ви посакам да ви биде баш таква каква што сте си ја замислиле. Без вас Економија и бизнис немаше да биде тоа што е. Ние ќе продолжиме со нашата посветеност да ви нудиме врвен квалитет, да ви нудиме ексклузивни интервјуа и содржајни текстови што инспирираат, да го „скокотнеме“ вашиот претприемачки и бизнис-потенцијал, да ве разонодиме. И, 2018-тата е многу важна година за нас, во неа славиме значаен јубилеј, 20 години постоење.