Финансии / Банкарство

Што очекувате од 2018 година? Хари Костов: ВАЖНО Е ДА СЕ КРЕИРА ЗДРАВА ИНВЕСТИЦИСКА СРЕДИНА

Главен извршен директор на Комерцијална банка АД Скопје

Ако се има предвид дека Македонија е мала отворена економија, која настрана од интерните политички и економски ризици е изложена на сите екстерни ризици и промени на светските пазари, многу е тешко во денешни услови да се прогнозира 2018 година. Сепак би очекувал дека по забавувањето во 2017 година, условено од долгата политичка криза, економскиот раст да се движи меѓу 2,5 до 3 %. Главни двигатели на овој раст би требало да бидат приватната потрошувачка, заздравувањето на инвестициските процеси, како и дел од инфраструктурните проекти кои имаат економско оправдување. Особено е важно да се креира здрава инвестициска средина со помала правна и политичка несигурност, која би ги стимулирала приватните инвестиции и би придонела за зголемување на квалитетни, бонитетни проекти кои банките би ги кредитирале. Сметам дека е многу важна фискалната консолидација, односно состојбата со Буџетот, која евентуално може да ја загрози макроекономската стабилност и да ги поткопа изгледите за раст. Тука пред сѐ мислам на дефицитот кој е последица на ниските приходи, растечкиот дефицит во пензискиот систем и повисоките исплати на камати.

ПРЕПОРАЧАНО