Финансии / Банкарство

ОТПОРНОСТ - ДАЛИ Е ТОА КЛУЧНАТА СОСТОЈКА ЗА УСПЕХ?

Тереза Серафимова

Авторот е консултант за човечки ресурси

„Животот (бизнисот) не станува поедноставен, туку ние биваме сѐ поснажни и пожилави.“ Стив Мараболи
 

Работната средина може да биде многу нездрава. Причините притоа можат да лежат на бројни места во организацијата. Пример се: нејасни процеси, недефинирани работни задачи, трома, неефикасна организациска структура, нејасно дефинирани позиции, притисок поради зголемен внатрешен натпревар, отсуство на соработка, притисок на кусок од време, притисок од кусок на ресурси, неизвесност за опстанокот… Најчесто, во пракса, се случува најразновиден микс од овие.
Тоа пак води до намалена отпорност – индивидуална, тимска и организациска.

Што дефинира поимот отпорност?
Позајмен од механиката, за употреба во екологијата, подоцна и во психологијата, отпорноста изразува ниво на енергија нужна да го врати материјалот/системот во првобитна состојба пред тој да се сруши поради вонреден притисок. Организациската отпорност е способност на организацијата да амортизира, да се спротивстави, да се адаптира и да се опорави од штетното влијание на промените во околината настанати поради катастрофа .
Накусо, отпорноста е:
• Капацитет на организацијата/поединецот да се справи со негативните услови и да се врати на стариот образец на работа/однесување;
• Перцепцијата на организацијата/поединецот на неповолната ситуација. Дали на оваа ситуација гледа како на можност за развој – да се биде подобар во она што го работи;
• Дали организацијата/поединецот не само што ќе ги сочува негибнати своите капацитети за остварување резултати од претходно, туку и ќе добие во сила и ќе совлада нови капацитети.
Планирањето за континуитет во работењето се практикува како деловна стратегија за поттикнување на организациската отпорност по пат на зголемување на капацитетот на организацијата да ги продолжи и да ги одржи бизнис-операциите во тек на криза.

Неуспехот активира
Отпорноста не значи и отсуство на неуспех. Отпорноста е способност за поттикнување на сите капацитети за учење и за извлекување поука од неуспехот. Па оттаму, не само преживување и враќање на старите обрасци на однесување туку и просперитет предизвикан од научената лекција. Неуспехот, всушност, ја поттикнува отпорноста.
Организациската психологија идентификува неколку белези кои ја овозможуваат отпорноста како: водство, внатрешни ресурси, комуникации, организациска култура. Тие заедно ја условуваат агилноста како способност за адаптација и за прилагодување во услови на криза.

Тајната состојка за организациска отпорност
Врз искуство од повеќе од еден век и десетина илјади клиенти глобално, БСИ (British Standard Institution) развиле модел за организациска еластичност (ОЕ). Таквиот модел дефинира три основни елементи за ОЕ, и тоа: одличност на производот/услугата, процесна сигурност и однесување на луѓето. Корисникот доживува врвно искуство кога овие три фактори се во меѓусебна синергија. Или обратно, бизнисот кој стасал до таму да изгради балансиран интерплеј на овие три фактори не само што развил доверба и лојалност од страна на корисниците туку има и цврста и долготрајна врска со сите заинтересирани страни.
1. Одличност на производот/услугата – силно еластичните бизниси креираат и нови производи/услуги, нови пазари. Тие се иновативни и секогаш чекор пред конкуренцијата. Основа за флексибилноста и за капацитетот за адаптирање е стратегиската анализа – скенирање на пазарите, идентификување на потенцијалните ризици, заканите, воедно и можностите. Зошто? Затоа што во услови на денешно стопанисување и огромна понуда корисниците едноставно не прифаќаат супстандардни производи/услуги. А тие и нивното искуство, поради социјалните медиуми, имаат посилен импакт од планираниот компаниски маркетинг.
2. Сигурност на процесите – за да се обезбеди одличност на производите/услугите неопходен е систематски пристап за квалитет кој подразбира одличност кај деловните процеси – квалитет, ИТ-сигурност, безбедност и здравје на вработените, управување со околината, управување со ризиците. И тоа не само во рамките на организацијата, туку и во рамките на синџирот на набавки. Неопходно е убедувањето на корисниците дека тие одлично ја совладале основата на работењето, а притоа постојано работат на иновативноста. Сигурните процеси се основа за стекнување и за одржување високо задоволство на корисниците.
3. Организациско однесување – организациите кои го минале тестот на времето во битката на пазарот, според БСИ, успеале да остварат усогласување меѓу очекувањата на корисниците и она во што веруваат вработените.
Можеби е клише дека луѓето водат бизнис со луѓе, но вистина е дека организацијата ја цениме во согласност со сопственото искуство во доживувањето како: квалитет на услуга, односот на компанијата кон околината, заедницата, доставувачите, општествената одговорност. Успехот во овие области е овозможен од вработените, од културата и од вредностите споделени меѓу нив во рамките на организацијата.

Повторно промени?
Не само промени, туку и трансформација – себереинвентирање.
„Основа на одржливоста и на креирањето вредност во иднина е да се биде отворен кон промени и постојана подготвеност за проверување на сопствените претпоставки.“ – вели генералниот извршен директор на Сасол од Јоханесбург, Хусеин.
Се заклучува дека отпорна е организацијата која постојано се менува и се прилагодува, и нема целна линија на која се проценува дека културата за промени е имплементирана, туку таа целна линија постојано се поместува кон нови обрасци, сообразени на новите, веќе сменети услови на работење кои ги наметнуваат непостојаноста и пpомените во пазарниот контекст.
Фискарс со речиси 370 години жилавост е илустративен пример. Подобрувањето на способноста да се идентификуваат можностите во ризик и промените на пазарот е една од основните придобивки на еластичноста. И тоа не само во големи кризи, тврди Кангас-Карки, оперативен и финансиски директор на Фискарс, фински производител на производи за градина. „Верувам дека луѓето го потценуваат влијанието на промените во кус рок за сметка на влијанието на долг рок“, вели тој. Тој забележува дека Фискарс преживеал поради својата подготвеност да се трансформира. „Во нашиот бизнис амбиентот постојано се менува, сепак кризите се со тенденција да бидат ретки зашто ние постојано ги оценуваме ризиците на пазарот со цел да го разбереме влијанието што можат таквите ризици да го имаат врз бизнисот на долг рок.“

Дали и како се мери организациската отпорност?
Соодветните показатели кои треба да ја промовираат организациската отпорност варираат во согласност со големината и со возраста на претпријатието.
Технолошка старт-ап компанија може да гледа отпорност и добра позиција во можноста бизнисот да го продаде за пет години. За Форчн 500 компанијата отпорноста би била заштита на наследството и креирање долготрајна вредност на брендот.
Додека постарите и добро позиционирани компании можат да го уживаат луксузот на фокусот на подолг рок, помладите компании мора да ја изнајдат рамнотежата меѓу успехот на кус рок, а воедно и да имаат поглед во иднината.
Показателите како: финансиска моќ, управување со ризици, планирање за континуитет во работењето, човечкиот капитал – водство, интегритет или ретенција на вработените, нивниот морал, лојалност, отсуства и присуства, продуктивност, иновативност, се правилен избор. Водството е агилно и динамично, па 57 % од испитаниците на истражувањето „Да се изгради издржливо претпријатие“ на Економист се сложуваат дека тоа е клучно за организациската еластичност и отпорност. За водство се бараат компетенции како: системско размислување, стратегиско размислување, преговарачки вештини, жилавост, водство кое креира ново водство и ги зајакнува сите луѓе.
Фредерик Лалу, автор на Реинвентирање на организацијата, вели: „Во шумата нема ’мастер‘ дрво кое планира и ги диктира промените кога има суша или кога пролетта ќе порани. Сиот екосистем реагира креативно, во еден момент и заеднички.“

Заемна зависност
И како бизнис и како општествено милје во кое стопанисуваме, но и како поединци, вработени, работодавачи – сите сме заемно зависни. Во оваа меѓусебна поврзаност индивидуалната отпорност е клучна. Отпорните водачи се агилни и поседуваат способност да се прилагодат, да се сменат, да го „јавнат бранот“ на промената пред тој да ги поклопи и да го употребат во своја полза за сопствено повторно себеоткривање. Тие се креатори на организациска култура на агилност каде што преовладува однесување со пристапот „може да се сработи, можно е, изводливо е...“ наспроти пристапот на „не, и не може“.
Затоа повторно и повторно од улога на менаџмент за човечки ресурси ги преиспитуваме начините за организирање на тоа како да регрутираме, да развиваме, да раководиме, да мотивираме и да ангажираме работна сила сега.

Ставовите го условуваат однесувањето
Повторувано и неоспорно е – начинот на размислување го условува и севкупното однесување. Добра вест е дека начинот на размислување се менува. Се учи.
На пример, психолозите Николсон и Мекбрајд идентификувале пет основни елементи за отпорност кои го условуваат коефициентот на отпорност. Според нив овие вештини, знаења и однесувања можат да се стекнат со процес на учење. Тоа се:
1. Оптимизам или уште подобро реалистичен оптимизам – перцепција на „полуполна чаша“. Оптимизмот е начин на размислување кое поттикнува чувство на себеисполнетост, себезадоволство, позитивно толкување и доживување за себе, за другите и за светот. Мускулатурата за оптимизам постојано треба да се зајакнува.
2. Ориентираност кон изнаоѓање решенија – способност за подготвување во согласност со предвидени проблеми на подолг рок.
3. Индивидуална надлежност – снажно чувство на сопствена вредност која дава верување за сопствените способности.
4. Отвореност и флексибилност – способност за толерирање, па дури и за просперитет во неповолни услови.
5. Справување со стрес и анксиозност – способност за препознавање на саботирачките и себеразорните тенденции, а потоа и нивно ефективно разусловување.

Дали сте подготвени за трансформација?
Идентификувавте специфични приоритети за развој на вашата организација/вашиот организациски дел? Креиравте план на активности? Поставивте временска рамка? Показатели за успех? Ги комунициравте таквите приоритети?
Дали отпорноста е дел од овие приоритети?
Доколку се двоумите, не либете се за старт. На пример, веднаш?!
Отпорноста – ваша лична и, од неа зависната, отпорноста во бизнисот претставува сет на компетенции – вештини, знаење и однесување. Тие се стекнуваат со план, со посветеност и со дисциплина во имплементацијата. Ова не е компаниска одлука, туку ваша одлука – на луѓето во неа. Посветете внимание!
Повратот на инвестицијата е потврден.

ПРЕПОРАЧАНО