Финансии / Банкарство
НОВИНАРИТЕ СЕ ПРИЈАТЕЛИ НА ВАШАТА КОМПАНИЈА
Татјана Лопарски
Директор за односи со јавност и медиуми во Елемент ПР
Новинарите најчесто предизвикуваат непријатно чувство кај бизнисмените. Објаснувањето за ова е многу едноставно, секој од нас се плаши од јавен настап и секој од нас има трема. Тука нема ништо страшно. Но, токму ова чувство нè враќа од намерата да комуницираме со новинарите кои, патем, работат професија која е крајно сензитивна и одговорна. Одговорноста која ја имаат тие кон јавноста е голема, а нивната професија налага некогаш и да бидат „незгодни” во прашањата. Тоа не значи дека треба да ги избегнувате, туку напротив, да комуницирате со нив. Единствено преку комуникација може да се дообјаснат нејаснотиите и секако да се добие реална слика во јавноста за прашањето. Токму поради тоа треба да имаме контакт со новинарите, да најдеме начин постојано да комуницираме и да бидеме транспарентни. Обично односите со јавноста се идентификуваат само како односи кон медиумите, што е само дел од публиките со кои се комуницира. Но, сепак, медиумите се важна публика со оглед на тоа што пораките ги пренесува до пошироката јавност.
Кога работев како новинар и кога не успевав да добијам одговор онаму каде што барав, текстовите беа негативни кон таа страна, а секако намерата да се добие повторно одговор остануваше. Нема откажување додека не добиеш одговор. Ако не одговарате на нивните прашања, намерата да добијат одговор останува, а со тоа и притисокот за вас. Колку повеќе успевате да одговорите на нивните барања и притисокот ќе се намали. Нема лош новинар, нема лошо прашање, има само лош одговор. Имајте го на ум ова. Нема глупаво прашање, има само глупав одговор. Луѓето памтат одговори, а не прашања. Затоа треба да бидете добро подготвени за да одговорите соодветно на секое прашање.
Како за почеток направете листа на новинари кои ја следат вашата проблематика. Обидете се да дојдете до нивните контакти, обидете се да добиете повеќе информации за нив. Ние сме мала средина и многу работи можете да дознаете за секого ако сакате. Напишете ги вашите цели за комуникација со новинарите: дали имате нешто ново да кажете, дали имате криза, па сакате да појасните одредена ситуација, дали сакате да откриете повеќе за вашиот бизнис и кои податоци сакате јавноста да ги знае. Имајте на ум дека новинарите секогаш сакаат да дојдат до информација бидејќи тоа е основната алатка за нивната работа. Кога ќе им дадете информација што е вредна за објавување, тие ќе го ценат тоа. Но, не се обидувајте да играте со нив бидејќи секоја погрешна информација ви ја затвора можноста за понатамошна комуникација и се создава бариера што тешко ќе се надмине. Но, ако имате искрен однос со нив и постојана соработка, засекогаш ќе имате пријатели на ваша страна.
Кога го имате списокот убаво е да комуницирате со нив, кратки разговори за вашата компанија, индустријата каде што работите, општо за случувањата во државата. Научете да давате конкретни одговори на прашањата, да бидете исклучително внимателни во посочување примери кои се лесно проверливи и, се разбира, секој новинар посебно во делот на економија сака да види бројки. Запомнете дека вие подобро ја познавате проблематиката за која говорите од новинарот. Тоа значи дека одлично ќе се снајдете во секоја ситуација.
Еве неколку правила за однесување со новинарите.
1. Одговорете на секое поставено прашање.
2. Одговорите нека бидат кратки и јасни.
3. Одговорите треба да содржат корисни податоци.
4. Обидете се да пренесете некоја порака што ви е важна.
5. Ако не знаете одговор на некое прашање, побарајте дополнително време да дадете одговор. Не давајте одговор ако не сте сигурни во некои факти.
6. Со новинарите договорете се која информација е официјална, а која е дадена како дополнителен брифинг.
7. Ако давате интервју во пишана форма и не сте сигурни во тоа што сте го кажале, побарајте авторизација. Ова не е секогаш препорачливо ако сакате да градите долготраен однос со новинарите.
8. Во процесот на авторизација не можете да менувате суштински работи, секоја голема промена повлекува градење однос на недоверба.
9. Ако не сакате да дадете директен одговор на некое прашање, обидете се да појасните одредена ситуација.
10. На новинарите гледајте како ваши пријатели, тие се тука да ја пренесат вашата страна од приказната, искористете го тој момент.
11. Не заборавајте дека секоја лошо искажана мисла може да ве чини многу, затоа добро подгответе се пред да се видите со новинарот. Напишете сѐ што сакате да кажете и придржувајте се до тоа.
12. Не напаѓајте во изјавите луѓе кои не се присутни во тој момент на разговорот. Обидете се да пренесете позитивна вест наместо негативна.
Иако преовладува мислењето дека има сѐ помалку позитивни вести, основата на новинарството е да информира за настани. Нашата цел од корпоративно ниво е пак да ги пренесеме нашите позитивни вести, затоа секој контакт со новинарите е важен.