Финансии / Банкарство
ХРВАТСКА СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ВЛЕЗ ВО ЕВРОЗОНАТА
блиц свет
Народната банка на Хрватска на почетокот на годинава нарачала обемна студија која треба да претставува подлога за отворање широка јавна расправа за воведување на еврото како официјална валута на Хрватска. „Студијата во моментов е во фаза на изработка. Идејата е да се претстават трошоците и придобивките од преземањето на еврото како официјална валута, да се утврди транзицискиот период, како и потребните чекори за воведувањето на новата валута“ – изјави Борис Вујчиќ, гувернер на Народната банка на Хрватска. Според гувернерот потребно е да се отвори широка информирана расправа од која би произлегол и некој вид консензус кој е неопходен за остварување на еден ваков стратешки важен чекор. Тој смета дека овој чекор би бил исправен и многу пополезен од спротивниот тренд кој тој го нарекува „рекунизација“ на економијата за кој смета дека може да има многу поголеми негативни ефекти. Студијата треба да биде готова до средината на летото кога ќе биде претставена и на јавноста.