Перспектива

ШЕСТ ДУПКИ НА КАИШОТ

Зоран Јовановски

 

 


Веќе одамна Македонија стана земја во која за секоја тема веднаш започнува да се бара политичка заднина. Последниот таков случај е соопштението од Канцеларијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Македонија според кое Патрик Житон, шефот на Канцеларијата на ММФ во нашава земја или т. н. тукашен резидентен претставник на ММФ, ќе ја напушти Македонија и нема да има нов резидентен претставник на негово место. Веднаш започнаа медиумски „шепотења“ дека се затвора Канцеларијата на ММФ, дека некој го брка ММФ од Македонија, зошто токму сега си оди Житон, зошто нема да има негов наследник тука...
Се разбира, секој може да шпекулира, но што кажуваат фактите? Прво, постојниот резидентен претставник Житон не си заминува „баш сега“ од Македонија. Кон средината на август годинава нему му завршува стандардниот мандат во траење од три години. Второ, ММФ нема да назначи нов резидентен претставник од Вашингтон за Канцеларијата во Македонија. Трето, Канцеларијата на ММФ во Македонија не се затвора, таа продолжува да работи со досегашниот македонски персонал и ќе се одржува протокот на информации меѓу Скопје и Вашингтон. Четврто, ММФ и понатаму ќе продолжи да ѝ дава техничка помош на Македонија и ќе продолжи да ги следи макроекономските случувања и политики. За тоа има тим во Вашингтон и госпоѓата Јесмин Рахман во улога на шеф на мисијата на ММФ во Вашингтон ќе продолжи да ја покрива нашата земја, да доаѓа најмалку еднаш годишно за да се реализираат т. н. консултации според членот 4 од Статутот на ММФ кои важат за сите членки на ММФ. Петто, во согласност со соопштението, „при носењето на одлуката, ММФ зел предвид дека во отсуство на аранжман на ММФ со Република Македонија не е толку неопходно да има повисоко ниво на претставеност во земјата.“
Дали е ова вообичаен чекор на ММФ? Досега сме виделе околности во кои ММФ преземал чекори за намалување на трошоците. Таков беше случајот во втората половина на 2008 година пред избувнувањето на глобалната финансиска криза кога беше намален вкупниот број на вработени во ММФ. Подоцна некои резидентни канцеларии беа затворени, како таа во Србија, некои беа оставени со еден вработен, како таа во Албанија, но и двете се повторно отворени со целосен капацитет во моментот кога тие земји склучија финансиски аранжмани со ММФ. Ова само по себе не мора да значи дека и во случајот на Република Македонија се работи за намалување на трошоците, но изгледа разумно да не назначувате некој од Вашингтон што ќе живее и ќе работи во Скопје, а земјата во моментот или веќе неколку години нема и не искажала намера во иднина да има финансиски аранжман со ММФ.
Дали тоа што ММФ не назначи нов резидентен претставник во Македонија е лош сигнал за меѓународните финансиски пазари и за странските инвеститори? Само по себе не мора да се гледа така. Дали тоа значи дека доколку Македонија одлучи да издаде нова еврообврзница поради ова нема да може успешно да ја реализира емисијата или ќе мора да плати повисока цена за задолжувањето? Не. Меѓународните финансиски пазари би можеле да заземат и сосема обратна позиција и позитивно да гледаат на тоа дека ММФ смета дека не е неопходно да има свој постојан претставник „на терен“.

ПРИНЦИПИЕЛНО НЕ ПРИФАЌАМ ПОЗИЦИЈА НА СТРАВ И НА НЕМОЌ ВО СИТУАЦИЈА КОГА ТРЕБА ДА СЕ ОСТАНЕ САМ СО СВОИТЕ ПРОБЛЕМИ И ПРЕДИЗВИЦИ. ЗОШТО НАМ СЕКОГАШ ТРЕБА НЕКОЈ ДРУГ ДА НИ ГО БЕРЕ ГАЈЛЕТО? АКО ПРЕТЕНДИРАМЕ ДЕКА СМЕ ИЛИ ДЕКА САКАМЕ ДА БИДЕМЕ ЗЕМЈА ШТО ГО ПОМИНАЛА „ПУБЕРТЕТОТ“ ВО СВОЈОТ РАЗВОЈ, ТОГАШ МОРАМЕ ДА РАЗВИЕМЕ КАПАЦИТЕТ ТОА И КОНКРЕТНО ДА ГО ПОКАЖЕМЕ, МЕЃУ ДРУГОТО, И СО ВОДЕЊЕ УСПЕШНИ МАКРОЕКОНОМСКИ И ЕКОНОМСКИ ПОЛИТИКИ

Толку за шпекулациите. Она што во оваа прилика треба да се истакне е дека ММФ е дефинитивно пријател на Република Македонија и не заслужува да биде предмет на тукашните локални дневно-политички игри. Од 14 декември 1992 година, кога Република Македонија го наследи членството во ММФ како независна држава произлезена по распадот на СФРЈ, па наваму, во изминативе 24 години во многу наврати кога тоа било потребно, ММФ ѝ помогна на Македонија. Беа склучени бројни финансиски аранжмани и добиени пари на заем за гасење „пожари“ во платно-билансната позиција на земјава. Дополнително, за возврат, ММФ ги тераше сите домашни влади да ги прават неопходните непопуларни реформи. И немаше проблем со тоа што често беше користен како изговор дека реформата мора да се направи „затоа што ММФ така вика“. ММФ беше „виновникот“ што парите од продажбата на ЕСМ не отидоа во ветер бидејќи посочи дека тие или ќе мора да останат како дел од девизните резерви или ќе можат да се искористат за отплата на долг кон странство. Колкав ќе беше денес долгот кон странство ако не се искористеа за предвремена отплата на долгот кон странство?
И не е точно дека ММФ е нефлексибилна институција. Тоа го знам и од лично искуство. Се сеќавам на моментите кога во времето на Трпески како гувернер на НБРМ требаше во Вашингтон со Банерџи, тогашниот шеф на мисијата на ММФ, да „ја дотераме“ монетарната рамка, а целта беше, и во тоа се успеа, да остане што поголем простор за раст на кредитите. Или, во времето на следниот гувернер, кога Марк Грифитс требаше да го наследи дотогашниот шеф на мисијата Розвадовски, па во присуство на други претставници на Народна банка на состанок во Вашингтон водев мала „војна“ со претставниците на ММФ за да им докажам дека каматната стапка на благајничките записи на НБРМ може да се намали од тогашното високо ниво, а притоа нема воопшто да се наруши макроекономската стабилност. Малку подоцна тоа се потврди, референтната каматна стапка на НБРМ беше намалена, а со тоа и каматните расходи за македонскиот приватен сектор. Поентата ми е дека ММФ беше многу тврд преговарач, но секогаш е отворен за разумни предлози.
ММФ никогаш не ја премолчи макроекономската, а и воопшто економската состојба во Македонија. Притоа укажувањата на нивните претставници беа секогаш презентирани со софистициран дипломатски речник. Тие веруваа дека тоа е вистинскиот начин на комуникација и мислеа дека е доволно јасен за секој што сака да ја „прочита“ пораката. Не може да му се забележи на ММФ за тоа како беа „прочитани“ пораките.
Забележувам и одредена нервоза за тоа зошто ММФ токму сега „нѐ напуштил“ и прашањето што ќе правела сега Македонија сама, демек без надзор. Прво, принципиелно не прифаќам позиција на страв и на немоќ во ситуација кога треба да се остане сам со своите проблеми и предизвици. Зошто нам секогаш треба некој друг да ни го бере гајлето? Ако претендираме дека сме или дека сакаме да бидеме земја што го поминала „пубертетот“ во својот развој, тогаш мораме да развиеме капацитет тоа и конкретно да го покажеме, меѓу другото, и со водење успешни макроекономски и економски политики.
Второ, што се однесува до иднината, ММФ никогаш не си заминува. Точно е дека во Канцеларијата во Македонија нема да има постојан претставник од Вашингтон и дека претставеноста на ММФ нема да биде идентична како досегашната, но тоа е тоа, Македонија ќе го има редовниот третман како и мнозинството земји-членки што немаат тековен или финансиски аранжман во најава. Се разбира, ако Македонија дојде во ситуација да има проблем со билансот на плаќања, односно да нема пари да ги врати навреме и во целост странските кредити кога ќе доспеат, секогаш ќе може да тропне на вратата на ММФ и да побара помош во форма на финансиски аранжман. ММФ ќе сака да ни помогне. За возврат ќе побара да се прават непопуларни потези. Фигуративно кажано, ќе не прашаат колку дупки имаме на каишот. Ако им кажеме дека имаме три, ќе ни кажат да си направиме уште три и да бидеме подготвени да го затегнеме добро каишот. И, претпоставувам на сите им е јасно, тоа нема да биде вина на ММФ.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано