Убава Македонија

ЕЗЕРО КОЗЈАК

пишува: Јане Војчески

Македонија како земја со поволна хидролошка состојба има доволни потенцијали за практично искористување на водните површини. Од повеќе од дваесетина поголеми и помали вештачки езера низ Македонија, секако дека се издвојува и езерото Козјак. Ова е најголемото вештачко езеро во Македонија чијашто должина изнесува 32 километри, додека максималната ширина помеѓу бреговите изнесува 400 метри. Езерото се наоѓа во неверојатно живописниот кањон на реката Треска. Опколено со планината Сува Гора на запад и природниот резерват Јасен на исток, овој непристапен терен со создавањето на вештачкото езеро станува особено атрактивно место за развој на туризмот. Развојот на туризмот не е единствената причина за создавање на ова езеро. Со формирањето на езерото во 2004 година започна со работа и хидро електричната централа Козјак која годишно произведува 150 GW/h електрична енергија. Целиот акумулационен систем е проектиран од истите кинески проектанти кои учествувале во креирањето на акумулациите и производствените капацитети на електрична енергија кои се изградени на Жолтата река во Кина.

Кон езерото постојат два пристапи, јужен и западен. Јужниот пристап кон езерото води од гратчето Македонски Брод по течението на река Треска. Овој пристап можеби е инфраструктурно полесниот, но за жал е подалечниот за граѓаните на главниот град на Македонија. Така, ако тргнете од Скопје, преку Кичево и Македонски Брод, за да стигнете до езерскиот слив потребни се најмалку два часа возење со автомобил. Меѓутоа, исклучителната должина на езерото овозможува пристапот до него да биде достапен и од неговата западна страна-скопската.

Од Скопје, патот води под јужните падини на Водно кон природниот резерват Јасен. Ова е доста непознат предел на Македонија за голем број на луѓе. Природниот резерват Јасен претставуваше голема енигма многу години наназад. Денес, тој е отворен за посета на сите жители кои се заинтересирани да поминат и да го видат. За Јасен и неговите природни реткости ќе стане збор во некој друг број. Езерото Козјак што од запад се граничи со природниот резерват Јасен, започнува да станува честа дестинација за повеќе групи на луѓе. Особено, риболовците го сакаат затоа што во него постои богат рибен фонд. Покрај стандардните видови на риба за ова поднебје (пастрмка, крап, клен, мрена), во езерото можат да се сретнат и виножитната пастрмка, скобустот и боцкалката. Не е исклучена можноста во него да живеат и други видови на риби кои не се својствени за таква средина. За ова придонесува големата длабочина на езерото, која во некои делови достигнува дури и до 130 метри.

Рекреативците, планинарите, велосипедистите, исто така се чести посетители на езерото.Чистиот планински воздух, недопрената природа, возбудливите висински разлики при пристапувањето... сето ова дава посебна убавина при секоја посета на езерото. Езерото Козјак е совршено за квалитетно искористување на слободното време особено за сите посетители кои во себе поседуваат авантуристички дух. Часовите поминати покрај езерото со активно пешачење, рибарење, возење на велосипед или само едноставно гледање во бескрајната езерска вода, влеваат мир и спокојство во душата на секој посетител.

Убавината на езерото Козјак, неговата сè уште недопрена природа и она што не може да се види на друго место, се одлична причина езерото да се посети во текот на слободните денови. И знајте дека ако еднаш појдете таму, ќе посакате да одите уште многу, многу пати.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано