ЕВРОИНТЕГРАЦИИ | Што се случува во Брисел? Дали процесот на проширување е сè уште „жив“?

Крајот на минатата година и самиот почеток на оваа 2026 година навестуваа дека Европската Унија конечно ќе смогне сили да направи продор во процесот на проширување или унификација − обединување со (дел од) земјите од Западен Балкан, Украина и Молдавија. Дебатата во институциите на ЕУ, во Европскиот парламент и во земјите членки се продлабочи и почна да ја добива својата нова, ревидирана физиономија. Дебатата за тоа дали прво треба да се оди со продлабочување на ЕУ (внатрешни реформи) или со проширување (прием на нови земји членки) трае веќе со години со различен интензитет. Тоа зависи од геополитичките поместувања, изборите внатре во ЕУ и во нејзините земји членки, но пред сè и најмногу од безбедносните ризици кои го еродираат економскиот потенцијал на ЕУ. Нарушената економска конкурентност ја слабее и политичката моќ на ЕУ која, во новите геополитички односи, станува егзистенцијално прашање.

Енергетската зависност, како Ахилова пета на безбедноста на ЕУ, најпрво беше изложена на ризик од Русија со агресијата врз Украина, а потоа и со војната во Иран која ги вовлече и сите земји од Персискиот Залив. Оваа нагла промена на геополитичката карта и прекинот со снабдување со нафта, со нафтени производи, со течен гас и со суровини за земјоделски ѓубрива ја ставија на испит отпорноста на економијата на ЕУ, но и единството при донесувањето клучни одлуки од областа на одбраната, санкциите спрема Русија и евроатлантските релации на трговски и на воен план, вклучително и во рамките на НАТО. Цената на сите горива нагло порасна, а тоа е клучниот генератор на пораст на сите други цени, инфлација и потенцијал за подлабока рецесија.

Листата на приоритети со кои се соочуваа ЕУ и нејзините земји членки се зголеми, а процесот на проширување, навидум, падна во сенка на големите геополитички теми. Но, дали е баш така? Да не ја губиме од вид големата слика и да загребеме малку подлабоко низ бриселските ходници, процедури и иновативни интерпретативни решенија.

За оние кои посериозно и внимателно го следат секое поместување, верувам дека ќе се согласат дека изминативе два-три месеци, а особено изминативе неколку недели, се случија многу важни одлуки, се отворија процеси и се дадоа политички изјави кои потврдуваат дека процесот на проширување сепак се движи, и тоа со прилично јасна цел и динамика. Големата слика вели, без да навлегува во детали, дека во изминатиов период тежиштето на проширувањето веќе не е ставено само на економијата, на единствениот пазар и на четирите слободи како темел на европската економија. Напротив, фокусот многу повеќе е на безбедносните аспекти, на сигурноста на граѓаните на ЕУ, на енергетската независност, на одбранбениот потенцијал и на развојот на силна безбедносна структура на ЕУ, во и надвор од рамките на НАТО.

Во овие околности, процесот на проширување се движи засилено со оние земји кои го препознаваат моментот на итност и кои искрено се свртени кон членство во ЕУ, сега веќе не само поради економски причини, туку уште повеќе поради безбедност и сигурност. Во околности кога меѓународното право ја губи својата вредност, а меѓународните институции еродираат по сите основи, малите држави со ранливи економии и без сериозен одбранбен потенцијал се изложени на опасност од нарушување на нивната безбедност, па дури и на егзистенцијален ризик. Украина во овој контекст е посебен случај, и по својата големина и економски и според одбранбениот потенцијал, но и поради геополитичкиот третман на Украина како одбранбен бедем од кој зависи и безбедноста на Европа и на Европската Унија.

Европската Унија во многу наврати досега ја покажала и ја докажала својата креативност во моменти кога се судира со тврд став или вето на која било од земјите членки. Во моментов, тоа е Унгарија која држи цврст став против продолжување на преговорите со Украина. Прво, поради прекинот на дотурот на руски горива до Унгарија (и Словачка); второ, поради комплексното прашање на заштита на унгарското малцинство во Украина; и трето, поради претстојните избори во Унгарија на почетокот на април на кои, за првпат по многу години, владејачката партија се наоѓа во незавидна позиција според анкетите на јавното мислење. Патем, Унгарија го блокира и целиот пакет финансиска помош за Украина од 90 милијарди евра, што претставува дополнителен товар за односите меѓу Унгарија, Украина и ЕУ-26.

Но, токму во вакви и слични ситуации Европската Унија, и покрај исклучително сложениот и ригиден процес на донесување политички одлуки каде што се бара едногласност (не само консензус), односно сите земји треба формално-правно да гласаат „за“, наоѓала и наоѓа меѓурешенија за да добие време, а сепак процесот да се движи во посакуваната насока. Во овој случај, минатиот декември (2025), во пакет за Украина и за Молдавија, се дефинираше нов пристап за продолжување на процесот на пристапни преговори кои формално се отворени од јуни 2024 година. Целта е да се бајпасира унгарското вето за Украина, сметајќи и на исходот од парламентарните избори на почетокот на април.

Имено, Европската комисија дефинираше патека за пристапни преговори со Украина и со Молдавија за неформално и техничко отворање на преговорите за сите шест кластери. Кластерите 1, 2 и 6 беа „отворени“ во декември 2025 година, а кластерите 3, 4 и 5 во март 2026 година. Со тоа, за само нецели три месеци, Украина и Молдавија ги започнаа техничките (неформални) преговори за сите шест кластери, позиционирајќи се за брз прием штом ќе се создадат политички услови за тоа. Европската комисија овој принцип го нарече пристап со предвремено исполнување на обврските (front-loaded) со цел да не се губи време и да се искористи моментумот креиран во овие две земји чии реформи се движат со извонредна брзина, но и со непосредна помош и поддршка од службите на Комисијата и неколку клучни земји членки.
Во тој контекст, само како илустрација, романски експерти се непосредно присутни во секоја институција во Молдавија, покрај помошта што Молдавија ја добива и преку редовните ЕУ-инструменти. Многумина приемот на Молдавија во ЕУ го ставаат во рангот на моментот на унификација на Германија по падот на Берлинскиот ѕид. Преку ваквиот пристап, Украина и Молдавија непречено ги продолжуваат своите подготовки за политичките преговори со непосредна поддршка на службите на Европската комисија. Ова е силен „ветер во грб“ на овие две држави со што значително и дополнително ќе се олеснат нивните пристапни преговори штом и официјално ќе се отворат, за што е потребна едногласност во Советот, а тоа ќе се случи на еден или на друг начин во текот на оваа година. Со ваквиот пристап на Европската комисија, кој за жал не се примени на Македонија, барем не досега, се бајпасираше ветото на Унгарија спрема Украина и им се овозможува на овие две држави да ги продолжат техничките подготовки за нивните официјални преговарачки позиции за сите поглавја, вклучително и за времените мерила (владеење на правото) и за мерилата за затворање на поглавјата и на кластерот „Фундаменти“ на крајот од преговорите.

Со ваквиот иновативен пристап, ЕУ преку Комисијата практично ја оформи групата држави кои можат да сметаат на членство до 2030 година во која, покрај Украина и Молдавија, веќе се влезени и Црна Гора и Албанија. Имено, Црна Гора е најблиску до целта и, доколку не направи некоја крупна грешка поради внатрешни триења во коалициската влада, може реално да се надева дека ќе ги затвори сите поглавја до крајот на оваа 2026 година. Таа пред само неколку дена го затвори 14-то поглавје, од вкупно 35, со динамика која дава надеж дека целта им е остварлива. Црна Гора е во многу поповолна позиција од кој било друг „конкурент“ од земјите од Западен Балкан бидејќи формално преговара по новата методологија, но во практика според старите правила кои, во овој случај, се многу поповолни за неа и за нејзината динамика на преговори. Силен сигнал за предвидливата перспектива на Црна Гора е и фактот што, за првпат по Хрватска (членка од 2013 година), Советот на ЕУ формираше работни групи за подготовка на Пристапниот договор за прием на Црна Гора во ЕУ.

Албанија е втората земја од Западен Балкан која веќе забрзано е на патот кон ЕУ, искористувајќи го потенцијалот за динамизирани преговори што ги нуди новата методологија при што успеа да ги отвори сите шест кластери со 33 поглавја за само 12 месеци (октомври 2024 − 2025). Реална е можноста Албанија да ги затвори преговорите до крајот на 2027 година и покрај одредени внатрешни политички триења. Силни се позитивните сигнали кои доаѓаат од одредени земји членки (Италија, па дури и Франција) за брз прием на Албанија во ЕУ.

Македонија во моментов ѝ припаѓа на групата земји кои формално-правно ги имаат отворено пристапните преговори со првата политичка Меѓувладина конференција на 19 јули 2022 година, со усвоени Општи позиции на ЕУ за преговори и Преговарачка рамка во која, за жал, имплицитно се испреплетуваат билатерални идентитетски барања. Првата меѓувладина конференција може да се затвори само по исполнување на политичкото мерило за внесување на бугарската заедница (малцинство) во Преамбулата на нашиот Устав. Бугарското вето е на сила исто како што е на сила и нашето барање за дефинирање на одредени „гаранции“ за оневозможување на злоупотребата на пристапните преговори за наметнување одредници (за отворање, времени или за затворање) од идентитетски карактер. Обидот да наметнеме решение на проблемот низ призмата на промена на Уставот со одложено дејство не наиде на одобрување. Потребна е проактивност и иницијативност во барањето излезно решение од овој за нас исклучително неповолен политички лавиринт.

Имено, едно излезно решение може да биде дефинирање „гаранции“ од наша страна за немешање на билатералните прашања во пристапните преговори, се разбира, претходно усогласени со клучните носители на ЕУ-политиките и одлуките. Второ можно решение може да биде дефинирање интерпретативни заклучоци на Европскиот совет (со поддршка на претседателот Кошта) или на Советот на ЕУ (со поддршка и на пријателска земја претседавач со Советот) со кои би се попречило мешањето на билатералните прашања во преговорите. Во оваа насока е и барањето на известувачот за земјата во Европскиот парламент, правните служби на ЕУ да дадат официјално толкување на правната важност и влијанието на Протоколот 2 врз условите за продолжување на пристапните преговори. Слабоста кај овие решенија е во тоа што тие на крајот секако бараат едногласност, што значи дека зад нив треба да има политичко единство од наша страна, како и притисок од институциите на ЕУ и од клучните земји членки спрема Бугарија (и Грција). Третото времено решение може да биде инсистирање на примена на пристапот со предвремено исполнување на обврските (front-loaded) преку претседателот на ЕК, Фон дер Лајен, и комесарот Кос, исто како и за Украина и за Молдавија, со цел да не се изгуби моментумот и да не се дифузира притисокот врз нашата политичка елита и администрација. Ниедно од овие три решенија не е едноставно и бара прецизно дефинирање и планирање на секој чекор − динамички, политички, дипломатски и административен.

Од останатите земји од Западен Балкан, Србија е со отворени преговори од 2014 година, но со силен отпор од дел од членките за нивно продолжување поради блиските односи со Русија и силната економска и воена соработка со Кина. Босна и Херцеговина е на прагот на отворање на преговорите, но потребно е консолидирање на нивниот политички систем за обезбедување функционалност на државно ниво. Косово конечно се ослободи од суспензијата на финансиската помош од ЕУ, но нејзината апликација за членство во ЕУ сè уште не е ставена на дневен ред за разгледување од страна на Советот.

Посилна потврда дека процесот на проширување не само што се движи, туку и добива опсег и интензитет е и фактот што Исланд се враќа во игра за членство со веќе потпишан договор за соработка со ЕУ во областа на безбедноста и најавен референдум за продолжување на пристапните преговори. Навестувањето на можноста Норвешка да го преиспита својот став за почеток на пристапни преговори веќе е отворена политичка дебата. Се рестартираше соработката со Турција, како земја со која преговорите се „замрзнати“, а се воспоставуваат канали за комуникација и со Ерменија и со Грузија.
Процесот на проширување никогаш не бил ниту едноставен ниту лесен, а честопати се потпирал и на геополитички притисоци кои креираат простор за пробив. Способноста на секоја политичка елита ќе се мери според тоа дали е способна да го „прочита“ тој моментум и да го искористи во полза на нашите државни стратешки интереси.


Драган Тилев, авторот е поранешен државен советник за европски прашања
Економија и бизнис, печатено издание, 01 април 2026г.

Најчитано