ММФ ЈА НАМАЛИ ПРОГНОЗАТА ЗА РАСТ НА ЕВРОЗОНАТА

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) денес ја намали прогнозата за раст на еврозоната на 1,1 процент во 2026 година, што е намалување за 0,2 процентни поени во однос на јануарскиот извештај.

Во исто време, прогнозира мало забрзување на 1,2 проценти во 2027 година, исто така намалување за 0,2 процентни поени во однос на претходната проценка.

Според прогнозата, се очекува Германија да порасне за 0,8 проценти во 2026 година и 1,2 проценти во 2027 година, и двете намалување за 0,3 процентни поени во однос на претходната проекција.

Франција, втората по големина економија во еврозоната, ќе забележи раст за 0,9 проценти во обете години, при што прогнозата за оваа година е намалена за 0,1 процент, а за следната за 0,3 проценти.

Велика Британија, според ММФ, може да очекува раст од 0,8 проценти во 2026 година и 1,3 проценти во 2027 година, при што прогнозата за оваа година е ревидирана надолу за дури 0,5 проценти, а за 2027 година за 0,2 проценти.

Кина забележува мало влошување на растот, со очекуван раст од 4,4 проценти во 2026 година, малку под претходната проценка од 4,5 проценти, и четири проценти во 2027 година. ММФ вели дека владините стимулативни мерки на Пекинг делумно ги ублажуваат негативните ефекти од надворешниот шок.

Соединетите Американски Држави можат да очекуваат раст од 2,3 проценти во 2026 година и 2,1 процент во 2027 година.

Индија, според проценката на Фондот, ќе забележи раст од 6,5 проценти оваа и следната година, при што прогнозата е малку зголемена за 0,1 процент во двата случаи.

Најголем пад се очекува во регионот на Блискиот Исток и Централна Азија, каде што се очекува растот да забави на 1,9 проценти во 2026 година, од 3,6 проценти минатата година.

Некои земји во регионот веќе влегуваат во контракција, вклучувајќи ги Бахреин, Ирак, Кувајт и Катар, информираат од ММФ.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано