Во центрите за јавно здравје и во здравствените домови денеска почна вакцинацијата против сезонски грип. Бесплатно се имунизираат ризичните категории граѓани. До пладне се вакцинирале 368 луѓе. Во земјава веќе пристигнаа првите 30.000 дози, а според најавите на здравствените власти, до 15 ноември се очекува и втора пратка од 26.000 вакцини.
На пунктот во рамки на Институтот за јавно здравје, кој е првенствено наменет за вакцинација на здравствените работници, денеска се вакцинираше и министерот за здравство Сашо Клековски.
– Се вакцинирав, се пријавив за вакцината за сезонски грип како хронично болен и на овој начин сакав да ја промовирам и потребата од вакцинација. Нема подобар начин да се заштитите од сезонски грип ако сте над 65 години, имате хронични болести, сте трудница или мало дете – за тоа родителите одлучуваат и истовремено да го означам почетокот на вакцинацијата за сезонски грип. Вакцинацијата обично почнува меѓу 16 и 25 октомври. Сега започнуваме на овој датум. Имаме досега во една недела 55 илјади пријавени. Во моментот, до мојата вакцинација, има 368 вакцинирани лица. Првата вакцинација е во Виница во 7:45 часот. Најголем дел од пријавените – 60 отсто се над 65 години и се хронично болни, изјави Клековски.
Тој посочи дека има релативно мал број пријавени здравствени работници и апелираше без разлика што тимовите на Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје ќе ги посетуваат болниците, здравствените работници во поголем број да се одѕват на вакцинацијата.
Појасни дека вчера се испратени околу 5.500 покани по СМС, има 350 откажувања од тие што се поканети и претпоставува дека терминот не им одговарал.
– Термините беа развиени од Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје и вакцинацијата ќе се одвива редовно. Мислам дека најмногу пријавени има во Скопје, Прилеп, Струмица и Тетово. Вакцинацијата ќе се одвива со планираното темпо. Значи, сите центри се подготвени за вакцинација и има добиено количини, рече Клековски.
Одговарајќи на новинарско прашање истакна дека до 15-ти ноември е крајниот рок за пристигнување на уште 26 илјади вакцини и очекуваат информација да добијат и за остатокот.
– Со овој тек мислам дека ќе стигнеме до планираните 80 илјади вакцини. Јас правам напор, Министерството прави напори да обезбедиме дополнителни количини за секој што сака да биде вакциниран. Повторно, нема подобар начин да ги спречите компликациите од сезонски грип од вакцинација, нагласи Клековски.
Директорката на Институтот за јавно здравје, д-р Марија Андоновска изјави дека апелот е сите здравствени работници кои имаат потреба, да можат да го искористат своето право за вакцинација, како и најранливите категории.
– Апелот од Институтот е да го искористат нивното право и да се вакцинираат. И оваа година, како и претходните две, Институтот за јавно здравје за да им овозможи полесна и побрза вакцинација на колегите здравствени работници, освен што ќе можат да дојдат во Институтот, ќе бидат посетени и теренски по одреден редослед, односно болниците и клиниките кои се пријавиле за тоа. Ова е најдоброто време за вакцинација. Во овој период имаше двајца заболени од грип. Сезоната се смета дека започнува во 40-тата недела, сега сме 42 недела. Во 40. недела имавме еден потврден случај на грип, во 41-вата недела – тоа е неделата претходно имавме исто така само еден потврден случај на грип, рече д-р Андоновска.
Оваа недела до денеска, посочи таа, нема потврден случај на грип.
– Ги забележуваме и податоците кога има клиничка слика слична на грип, регистрирани се 65 луѓе и таа бројка не отстапува од неделите со кои споредуваме од минатата сезона и од последните 14 сезони, така на почетокот на сезоната сме и ова е најдоброто време за да бидат вакцинирани. Почетокот е соодветен од причина што за недела до две се очекува дека сите оние коишто ќе ја добијат вакцината и ќе стекнат имунитет, додаде д-р Андоновска.
Одговарајќи на новинарско прашање таа рече дека двете лица биле заболени со грип од типот А.
Директорот на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, д-р Димитар Каркински како пулмолог упати апел дека многу е битно освен хронично болните, да се вакцинираат и тие со респираторни хронични заболувања, бидејќи има многу метеж во декември и јануари.
– Пациентите мора да си го заштитат своето здравје. Има сега вакцини. Здравствените работници се први на удар и апелирам и до нив да се вакцинираат, додаде д-р Каркински.
Министерот за здравство Клековски, одговарајќи на новинарско прашање за паузата со БСЖ вакцинацијата и дали има првични наоди од анализите, рече дека паузата трае и дека УНИЦЕФ само што искомуницирал со нив дека ќе им треба уште десетина дена да ја организираат документацијата и логистиката.
– Ќе замолувам за трпение, нема друго соодветно решение. Секако таа вакцинација може да се направи малку подоцна отколку во првата недела. Во основа уште трае анализата, ќе се потрудам да имаме информација за следниот настан, додаде Клековски.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис








