МОЖНОСТ ЗА КОРИСТЕЊЕ ПОВОЛНОСТИ И ПОПУСТИ СО ЕВРОПСКА МЛАДИНСКА КАРТИЧКА ЗА МЛАДИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА

Младите во Македонија повторно ќе имаат можност да користат европска младинска картичка со низа поволности и попусти, а Министерството за социјална политика, демографија и млади ќе воспостави систем за следење на младинските политики и буџетите што локалните самоуправи ги издвојуваат за младите, најави денеска ресорниот министер Ѓоко Велковски.

На Регионалниот форум на локално лидерство за млади, мир и безбедност, што се одржа во рамки на проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“, Велковски истакна дека е неопходно да се унапреди соработката меѓу централната и локалната власт во креирањето и спроведувањето на младинските политики.

Тој оцени дека во изминатите години не се работело доволно системски во областа на младите, но нагласи дека Министерството веќе подготвило акциски план кој предвидува поинтензивна соработка со општините, особено во делот на младинските совети, младинските центри и службениците задолжени за прашања поврзани со младите.

– Во периодов којшто следи ќе имаме навистина интензивни и регионални, меѓутоа и локални средби со сите градоначалници во Македонија, каде што сите овие прашања ќе бидат директно отворени, ќе разговараме за буџетите коишто се издвојуваат за младите и младинските политики во самите општини и на тој начин ќе направиме еден систем да ги следиме буквално политиките како на централно така и на локално ниво – појасни Велковски.

Одговарајќи на новинарски прашања, министерот информира дека се работи и на воспоставување платформа преку која на едно место ќе се следат сите проекти наменети за младите, како и на повторно активирање на европската младинска картичка.

– Ја откочивме работата којашто се однесуваше на младинската картичка којашто беше заборавена во Македонија долг период и тоа веќе сме во напредна фаза и тие се неколку проекти коишто директно ќе ги инволвираат младите – истакна Велковски. 

Градоначалникот на Скопје и претседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Орце Ѓорѓиевски, информираше дека во Град Скопје веќе е конституиран Младинскиот совет, што, според него, претставува важен чекор кон поголема партиципација на младите во локалното одлучување.

– Младите треба да бидат слушнати, апсолутно, треба да учествуваат во креирање на буџети, треба да учествуваат во носење на политики и сметам дека ова е отворање на процес во којшто целосна инклузивност ќе овозможиме на републичко ниво на сите млади – нагласи Ѓорѓиевски.

Осврнувајќи се на состојбата со младинските совети во општините, тој рече дека голем процент од локалните самоуправи веќе имаат формирано вакви тела, но оцени дека има простор за напредок.

Одговарајќи на прашање дали ќе има контрола на функционирањето на постојните младински совети, Ѓорѓиевски рече дека процесот на проверка веќе е започнат, но оцени дека е потребна и конкретна акција.

Постојаната координаторка на Обединетите нации во Северна Македонија, Рита Колумбија, порача дека младите треба да имаат вистинска улога во процесите на одлучување, не само преку консултации, туку и преку директно учество во креирањето политики и распределбата на буџетските средства. 

Според неа, локалните власти како институции најблиски до секојдневниот живот на младите, имаат клучна одговорност да создадат услови младите да бидат дел од носењето одлуки и да градат доверба во јавните институции.

Таа посочи дека Обединетите нации преку проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“ им помагаат на општините во јакнењето на капацитетите за младинско учество и градење доверба, а како посевно важен процес го нагласи вклуѕвањето на младите од руралните средини, припадниците на малцинските заедници, младите со попреченост и оние од недоволно развиени подрачја, со цел младинските политики да бидат навистина инклузивни и достапни за сите.

Постојаниот претставник на УНДП во Северна Македонија, Армен Григорјан, истакна дека младите претставуваат една од најголемите развојни сили на Западен Балкан, но дека голем дел од нив својата иднина ја бараат надвор од регионот. Поради тоа, нагласи тој, е особено важно младите да не се третираат само како корисници на развојните политики, туку како активни партнери и креатори на развојот, особено на локално ниво каде што секојдневно ги користат јавните услуги и најдиректно комуницираат со институциите.

-Во УНДП навистина обрнуваме многу внимание да ги разгледаме младите не само како корисници на развојот, туку како партнери и кокреатори на развојот. Како што велат, најдобар начин да се предвиди иднината е да се креира, па ги покануваме младите да бидат дел од ваквата кокреација – истакна Григорјан.

И тој ја истакна улогата на локалните власти кои, според него, имаат единствена можност преку училиштата, спортските и културните центри и останатите јавни услуги да ја зајакнат довербата кај младите и да ги вклучат во градењето поинклузивни и мирољубиви заедници. Како пример ги наведе активностите што УНДП ги спроведува во Северна Македонија, вклучително и подготовката на Националната стратегија за млади, обуката на младински службеници, поддршката на локални младински совети и иницијативи во кои учествуваат стотици млади луѓе, насочени кон поголема општествена отпорност, дигитална безбедност и локален развој.

Извршниот директор на НАЛАС, Келменд Зајази, оцени дека младите често се чувствуваат оддалечени од процесите на донесување политики и одлуки што директно влијаат врз нивниот живот, поради што се создава јаз меѓу институциите и младите. Според него, доколку не се создадат механизми за нивно активно учество, ова може да резултира со незадоволство, иселување или губење на довербата во институциите, наместо нивната енергија да се искористи за развој на заедниците.

Тој нагласи дека локалните власти имаат клучна улога во отворањето простор за младите да учествуваат во креирањето јавни услуги, јавни простори и развојни политики, оценувајќи дека вклучувањето на младите носи придобивки и за општините и за самите млади. Според Зајази, не може да се зборува за градење на иднината без директно учество на младите во процесите на одлучување, а позитивен сигнал е што во регионот веќе постојат општини кои применуваат иновативни модели за нивно вклучување и кои можат да послужат како пример за поширока примена.


Извор/фото МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано