35 години подоцна, каде се другите, каде сме ние: Заклучок

35 години подоцна: каде се другите, каде сме ние?

Кога ќе се земат предвид сознанијата од презентираните 17 графикони и една табела, резимето всушност се фокусира на одговорите на три прашања. Првото прашање е дали Македонија во изминатите 35 години воопшто напредувала? Прашањето изгледа бесмислено, одговорот, секако, е потврден: Македонија денес е побогата, попродуктивна и има повисоко ниво на човечки развој отколку пред 35 години. Но, Македонија сега има полош кредитен рејтинг како земја одошто кога првпат го добила од Стандард и Пурс.

Она што е многу поважно е второто прашање: дали Македонија се развивала со потребната брзина, што покажува споредбата со економиите на земјите од поранешна Југославија? Одговорот на ова прашање е разочарувачки за Македонија. Таа напредуваше побавно одошто можеше и побавно од повеќето земји со кои некогаш ја делеше заедничката држава. Немаме причини за задоволство и неуспехот од изминатите 35 години не смее да се релативизира и да се прифаќа како нешто нормално. Како земја немаме оправдување за тоа што до некои земји не се приближивме, а други не’ претркаа.

Третото прашање е што да очекуваме од иднината, имајќи предвид што видовме од досегашните 35 години независност? Неуспехот да оствариме повеќе во изминатите 35 години не се должи на некои еднократни, инцидентни околности туку на длабоко вкоренети и закоравени системски слабости. Оттаму, кога зборуваме за очекувањата за иднината, ако ништо не се измени нема да имаме остварувања што би биле одлични и би биле одржливи на долг рок. Во Македонија имаме комбинација на релативно слаб човечки развој, исклучително ниски вложувања во истражување и развој, слабо владеење на правото и недоволна контрола на корупцијата. Таквата комбинација создава амбиент што не го поттикнува доволно развојот на економија базирана на знаење, иновации и висока продуктивност.

Проблемот на Македонија не изгледа првенствено како недостиг на инвестиции, на странски капитал или на економска отвореност. Всушност, многу повеќе се наѕира проблем со продуктивноста, создавањето знаење, институционалниот квалитет и ефикасноста со која расположливите ресурси се претвораат во развој.

Истовремено, трендот на фискални дефицити кои се прават и во нормални години, кога не би требало, и постепеното трошење на фискалниот простор низ годините без соодветно забрзување на економскиот раст, на продуктивноста и без економско приближување кон останатите земји – ја поткопува економската иднина на земјата. Значителниот одлив на населението дополнително го намалува потенцијалот на Македонија за позабрзан економски раст. Потребни се длабоки реформи, економски и општествени, за коренити промени и посветла иднина.

Нека ни е честит јубилејниот, 35 годишен Ден на независноста! Имаме повод да ја славиме независноста, но и уште поголема причина да бидеме самокритични и да почнеме многу повеќе да работиме!


Ова е заклучокот од анализата која што може да ја прочитате на следниот ЛИНК

Повеќе од истиот автор

Најчитано