Парични казни од над 19 илјади евра изрекоа инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) на оператори со храна во рамки на спроведените 1.221 вонредни контроли кои беа спроведени пред Велигденските празници, соопштуваат од АХВ.
-Уништени се и повеќе од 272 килограми небезбедна храна, најголемиот дел од животинско потекло. Дополнително, нештетно уништени на депонијата Дрисла беа и повеќе од 40 тони небезбедни јајца по потекло од соседна Србија кои беше спречено да се прошверцуваат во земјава – стои во соопштението од АХВ.
Оттаму дополнуваат дека за утврдените недоследности со вонредните контроли (пласирање на пазарот храна со поминат рок на траење, употреба на замрзанато месо (триминг) во подготовки од месо, несоодветно означени производи и други недоследнсти), донесени се 35 решенија за нивно отстранување и изречени се и шест опомени.
-Со контролите кои беа насочени кон сите сегменти од синџирот на храна и имаа за цел спречување на пласирање на небезбедни производи и сузбивање на нелегална трговија пред Велигденските празници, утврдено е и дека седум од објектите не биле регистрирани како оператори со храна во Агенцијата. Три оператори немале извршено задолжителни здравствени прегледи за вработените лица и не ги исполнувале барањата во однос на стручната подготовка за ракување со храна, а кај 13 оператори утврдени биле незадоволителни хигиенски и технички услови во објектите за работа – дополнуваат АХВ.
Фото Економија и бизнис






