Највисоките врвови во светот, како што е Монт Еверест, продолжуваат да растат, но природата има механизми што строго го ограничуваат овој раст.
Монт Еверест, највисоката точка на планетата со 8.849 метри, расте за неколку милиметри секоја година. Теоретски, како што покажаа претходните студии, планината би можела да достигне висина дури и до 45.000 метри. Сепак, во пракса тоа е невозможно.
Научниците се согласуваат дека постои природна граница за висината на планините, одредена од комбинација на геолошки и еколошки фактори.
Според геологот Хакон Фосен, планините не можеле да станат многу повисоки отколку што се денес, а причината лежи длабоко во внатрешноста на Земјата. На екстремни височини, особено над 5.000 метри, притисокот што се врши врз карпите станува толку голем што тие почнуваат да се однесуваат како „пластична“ маса.
Едноставно кажано, наместо да остане цврста и крута, карпата се деформира или дури и полека „тече“ под тој притисок. Затоа, колку е повисока планината, толку е потешко да ја одржи сопствената структура и стабилност.
Создавањето планински венци како Хималаите започна пред околу 50 милиони години, кога се судрија две тектонски плочи. Првите неколку милиони години од тој судир беа нај„продуктивни“ во однос на растот на висината.
Со текот на времето, сепак, силите се избалансираат. Колку е повисока планината, толку е поголем притисокот што го трпи, што го ограничува понатамошниот развој. Фосен го споредува овој процес со тесто што се шири на работна површина: колку е поголема масата, толку повеќе се истура на страна и губи висина. Ова објаснува зошто повеќето хималајски врвови се високи околу 5.000 метри, со исклучоци како што се Еверест и К2.
Научните извештаи укажуваат дека водата во сите нејзини форми (мраз, снег или дожд), игра клучна улога во ограничувањето на растот на планинските масиви. Со други зборови, колку и да Земјата „гради“ планини, толку и ги „троши“.
Постои уште едно ограничување, а тоа е стабилноста. Во одреден момент, планината станува толку стрмна и нестабилна што почнува да се урива. Лизгањето на земјиштето и свлечиштата постојано ја отстрануваат масата, спречувајќи го понатамошниот раст во висина.
Крајниот резултат е деликатна рамнотежа помеѓу силите што ја подигнуваат почвата и оние што ја уништуваат. Она што го гледаме денес не е случајност, туку максималната граница што ни ја дозволува нашата планета, пренесува Еуроњуз Србија.
Фото Економија и бизнис








