ПАТНИЦИТЕ МОРААТ ДА БИДАТ ОБЕШТЕТЕНИ АКО СЕ ОТКАЖАТ ЛЕТОВИТЕ, цените на горивото не се вонредни околности, изјави европскиот комесар за транспорт

Европскиот комесар за транспорт Апостолос Цикикостас изјави дека авиокомпаниите што откажуваат летови ова лето поради недостиг или високи цени на гориво за авиони сè уште имаат обврска да ги обештетат патниците во согласност со европското законодавство, оценувајќи дека таквите околности не претставуваат вонредни ситуации што би ги ослободиле од одговорност.

Цикикостас изјави за Фајненшл тајмс дека цените и недостигот на гориво за авиони не ги исполнуваат критериумите што ги штитат авиокомпаниите во Европската Унија од барања за отштета од страна на патниците.

„Цената на горивото за авиони е причина за откажување на летови и, доколку авиокомпаниите откажат летови без вонредни околности, а цените на горивото не се вонредни околности, тие ќе мора да ги обесштетат патниците“, рече европскиот комесар.

Минатата недела беше објавено дека се ублажени казните за авиокомпаниите што откажуваат летови во Велика Британија поради недостиг на гориво за авиони.

Британската влада соопшти дека домашните авиокомпании во моментов не пријавуваат недостиг на гориво за авиони и дека аеродромите и добавувачите имаат залихи за одржување на редовен сообраќај.

Најголемата европска авиокомпанија „Рајанер“ оваа недела изјави дека нема да откажува летови во текот на летото, бидејќи обезбеди долгорочни договори за гориво пред избувнувањето на војната меѓу Иран и Израел, одржувајќи ги цените стабилни до крајот на јуни, кога тие договори ќе истечат.

Портпаролот на компанијата изјави дека авиокомпанијата обезбедила 80 проценти од своите потреби за гориво за авиони до март 2027 година по цена од 67 долари за барел, што е помалку од половина од моменталните пазарни цени, и не планира да го скрати својот летен распоред.

Цените на горивото нагло се зголемија од 28 февруари, кога САД и Израел започнаа војна против Иран, додека ефикасното затворање на Ормуската Теснина за бродови дополнително го загрози извозот на нафта од Блискиот Исток, пренесува Еуроњуз Србија.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано