ВРАЌАЊЕТО НА ВЕЛИКА БРИТАНИЈА ВО ЕУ ЌЕ ТРАЕ ДОЛГО, НО ПОД НОВИ(ТЕ) УСЛОВИ НА БРИСЕЛ, мнозинството Британци би го поддржале враќањето на нивната земја во Европската Унија, а новиот премиер се согласува со нив

Зграда на ЕУ во Македонија

Најновите анкети на јавното мислење покажуваат дека солидно мнозинство британски граѓани сега го поддржуваат враќањето на Обединетото Кралство во Европската Унија или воспоставувањето многу поблиски односи со ЕУ. Промената на расположението е резултат на широко распространетото жалење поради Брегзит и генерациските промени кај гласачите. Податоците од водечките агенции за анкетирање на јавното мислење, покажуваат дека јавното мислење значително се променило од резултатот од референдумот во 2016 година.

Околу 55 до 58 проценти од гласачите велат дека би гласале за повторно членство во Европската Унија на хипотетички референдум, додека помеѓу 34 и 37 проценти од испитаниците се против тоа.

Британскиот премиер Енди Бернам би можел да вклучи во следната изборна програма на Лабуристичката партија ветување за започнување на процесот за враќање на Обединетото Кралство во Европската Унија, откако министерот за европски односи Хамиш Фалконер не ја исклучи таквата можност, пишува  Индепендент.

Доколку британските гласачи ѝ дадат мандат на владата да го започне процесот на враќање, Лондон нема да може едноставно да го врати членството што го изгуби со Брегзит.

Ова значи дека ќе следат преговори за пристапување, за време на кои Велика Британија ќе мора да докаже дека ги исполнува сите политички, правни и економски критериуми за членство, вклучително и прифаќањето на целото законодавство на Европската Унија, односно acquis communautaire, според Европската комисија.

Покрај формалната кандидатура, Велика Британија би морала да ги исполни таканаречените Копенхашки критериуми, кои вклучуваат стабилни демократски институции, владеење на правото, заштита на човековите и малцинските права, функционална пазарна економија и можност за целосна примена на правото на ЕУ, според Европската комисија.

Иако Велика Британија е членка на ЕУ со децении и голем дел од нејзиното законодавство веќе ги познава европските регулативи, преговорите би се воделе од почеток, како и со секоја друга земја-кандидат.

Поранешните европски преговарачи за Брегзит изјавија дека нема да има нов „специјален аранжман“ за Лондон, но ќе мора да ги прифати стандардните услови што важат за сите нови членки, пишува Гардијан.

Ова значи дека повеќе нема да има британски поврат на плаќањата кон буџетот на ЕУ што го доби Маргарет Тачер, ниту трајно ослободување од воведувањето на еврото или членството во Шенген зоната. Исто така, Велика Британија повеќе нема да може да избира во кои европски политики сака да учествува, а во кои не, објавува Гардијан.

Прашање што често се поставува е дали Велика Британија треба да го усвои еврото.

Од правна гледна точка, секоја нова членка на ЕУ се обврзува да се приклучи на Еврозоната кога ќе ги исполни пропишаните критериуми. Сепак, искуството на одредени земји, како што е Шведска, покажува дека во пракса овој процес може да се одложи со години.

Eкспертите веруваат дека новите преговори за пристапување и нивната ратификација би траеле со години.

Причината е што би било потребно да се отворат и затворат преговарачките поглавја, да се усогласи законодавството со сите промени што во меѓувреме се усвоени во ЕУ, а потоа да се добие согласност од сите земји-членки за прием, пренесува Нова.рс.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано