Турција во првите шест месеци од годинава остварила приходи од туризмот во износ од 25,746 милијарди долари, што е речиси на нивото од истиот период лани, и покрај благиот пад на бројот на странски посетители поради регионалните геополитички тензии – изјави денеска турскиот министер за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој.
Toj посочи дека од јануари до јуни Турција ја посетиле 25,759 милиони туристи, што е за 2,4 проценти помалку во споредба со истиот период минатата година, пренесе агенцијата Анадолија.
Најголем број посетители пристигнале од Русија – 2,65 милиони, Германија – 2,44 милиони и Обединетото Кралство – 1,58 милиони.
Според министерот, просечната должина на престојот се зголемила од 9,96 на 10,01 ноќевање, додека просечната потрошувачка по посетител пораснала од 106 на 109 долари.
Ерсој оцени дека конфликтите на Блискиот Исток, вклучително и тензиите меѓу Иран, Израел и САД, негативно влијаеле врз меѓународниот туризам, но изрази очекување дека секторот повторно ќе бележи раст веќе во третиот квартал, благодарение на интензивните промотивни кампањи и мерките за поддршка од државата.
Тој потсети дека турската влада обезбедила пакет поддршка за туристичкиот сектор во вредност од околу 1,1 милијарда евра преку кредити, дополнителни 110 милиони евра за субвенционирање на вработените во туризмот, како и привремено намалување на данокот за сместување на еден процент до крајот на годината.
Фото Економија и бизнис








