Сексуалното насилство и силувањата во ЕУ во последните десет години бележат константен раст, достигнувајќи вкупна евидентирана бројка од 256 302 кривични дела поврзани со сексуално насилство, од кои 38 проценти биле силувања во 2024 година. Во Македонија бројот на регистрирани случаи на сексуално насилство се движи од 87 во 2019, до рекордните 151 регистриран случај во 2013 година, покажуваат податоците објавени од Евростат.
Во 2024 година број на евидентирани кривични дела поврзани со сексуално насилство во Македонија е 131, од кои 24% се силувања.
Во 2024 година, полицијата евидентирала 256 302 кривични дела поврзани со сексуално насилство во ЕУ, меѓу кои 98 190 (38% од вкупниот број) биле кривични дела силување. Во споредба со 2023 година, кривичните дела поврзани со сексуално насилство се зголемиле за 5% (+12 097 случаи), а силувањето за 7% (+6 291).
Податоците покажуваат тренд на пораст кај двата вида кривични дела во последната деценија. Помеѓу 2014 и 2024 година, кривичните дела поврзани со сексуално насилство скокнале за 94% (+124 350 случаи), а кривичните дела поврзани со силување за 150% (+58 983). Во овој период, кривичните дела поврзани со сексуално насилство континуирано се зголемувале за речиси 10% годишно во просек, а кривичните дела поврзани со силување за 7%.
Зголемениот број на кривични дела поврзани со сексуално насилство евидентирани од полицијата може да биде поврзан со зголемената свест во општеството, што влијае на стапките на пријавување.
Најмногу кривични дела поврзани со сексуално насилство во 2024 година во Европа (во апсолутни бројки) се регистрирани во Франција – 96 654, Германија – 54 361 и Шведска – 21 207.
Најмалку вакви дела се регистрирани во Лихтенштајн – 28, Црна Гора – 49 и Кипар – 58.
Во Македонија во 2024 година биле регистрирани 131 случај на сексуално насилство, од кои 31 биле кривични дела силување. Споредено со 2023 година бројот на случаи на сексуално насилство е зголемен за само еден случај, од 130, додека бројот на силувања пак е намален за 2 од 33 регистрирани во 2023 година.
Низ годините бројот на регистрирани случаи на сексуално насилство во Македонија се движи во рамката од 89 во 2022 година, 93 во 2021, 113 во 2020, 87 во 2019, 102 во 2017, 114 во 2016, 120 во 2015, 135 во 2014, до рекордните 151 во 2013 година.
Споредено со земјите од регионот, помалку регистрирани случаи имаат Црна Гора – 49 и Албанија – 124, од кои 43 силување. Најмногу регистрирани случаи на сексуално насилство има во Грција – 1 250, потоа Хрватска – 942, Бугарија – 606, Србија – 489 и Босна и Херцеговина – 244.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис








