ВО ИНДУСТРИСКАТА ЗОНА ВО ТЕТОВО РАБОТАТ 1.845 ЛИЦА, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши задоволен од сработеното во изминатите две години

Во изминатите две години создадовме политики што носат конкретни ефекти, а една од нашите најголеми одговорности беше заштитата на животниот стандард на граѓаните – рече денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на прес-конференција за отчет на сработеното.

Според Дурмиши, во изминатите две години реализирани се политики што имаат директно влијание врз граѓаните, компаниите и економскиот развој на државата. Министерството својата работа ја насочило кон пет стратешки приоритети: намалување на невработеноста, поддршка на инвестициите, развој на малите и средните претпријатија, спроведување на реформската агенда и дигитализација на услугите. 

Министерот Дурмиши рече дека во изминатиот период успешно се реализирани оперативните планови за вработување за 2024, 2025 и 2026 година.

– Само за 2025 година за активните мерки за вработување беа обезбедени повеќе од 2,5 милијарди денари, а реализирани се над 2 милијарди денари. Со новиот оперативен план обезбедивме 2,41 милијарди денари, со кои ќе бидат опфатени 10.352 граѓани. Предвидовме грантови за самовработување, поддршка за нови компании, субвенционирано вработување, практикантство за 1.150 млади лица, обуки за дефицитарни занимања, поддршка за лица со попреченост и младински додаток за 3.500 млади – наведе Дурмиши. 

Тој соопшти дека се донесени или изменети повеќе од 20 законски решенија од областа на трудот, а потенцира дека е реактивиран Економско-социјалниот совет, вратена е во функција Комисијата за утврдување репрезентативност и намален е прагот за репрезентативност на синдикатите од 10 на 5 проценти.

Осврнувајќи се на активностите за подобрување на деловната клима, наведе дека во рамките на реформската агенда оптимизирале 28 парафискални давачки и оти мапирале 100 административни постапки, кои постепено ќе бидат поедноставени и скратени.

Во делот на финансиската поддршка на инвестициите укажа дека во буџетот за 2026 година обезбедени се 1 милијарда 230 милиони денари. Тоа, смета министерот, претставува значително засилување на државната поддршка за компаниите што инвестираат, отвораат нови работни места и создаваат додадена вредност. Како добар пример ја наведе Технолошко-индустриската развојна зона Тетово, каде што во 2025 година компаниите реализирале производство од над 6,4 милијарди денари и извоз од речиси 8,9 милијарди денари.

– Во зоната денес работат 1.845 лица. Воедно, обезбедивме нова инвестиција од компанијата CAVO Otomotiv, вредна 21 милион евра, која ќе отвори речиси 550 нови работни места и дополнително ќе ја зајакне автомобилската индустрија во државата – рече Дурмиши.


Извор МИА

Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано