Влатко Сулев: Охрид не смее да биде евтина дестинација, време е за туризам со додадена вредност

Охрид не е само град. Охрид е приказна.  Духовност која трае со векови, култура што ретко кој град на Балканот може да ја понуди и природна убавина која одамна ги надминала границите на Македонија.

Токму затоа, прашањето што денес треба сериозно да си го поставиме е: каков туризам сакаме да развиваме во Охрид во следните децении?

Дали нашата цел е што поголем број туристи по секоја цена, или пак туристи кои ќе ја препознаат вистинската вредност на градот и ќе бидат подготвени да платат за автентично искуство?

Дали можноста да се доживее култура од рана византија, тврдина од среден век, или да се видат 365 различни цркви на мал простор, или пак праисториска наколна населба на само неколку километри, не е нешто навистина посебно, и за кое вреди да се патува и од далеку?

Масовниот туризам носи бројки. Полни плажи, преполни улици и добра статистика за посетеност. Но истовремено носи и сериозен притисок врз инфраструктурата, животната средина и врз самиот дух на градот. Кога еден град живее само за да прими што повеќе посетители, ризикува да го изгуби токму она што ги привлекува.

Охрид не треба да се натпреварува со дестинации кои градат модел на евтин и масовен туризам. Тој едноставно има многу повеќе да понуди.

Затоа е време фокусот да се насочи кон туризам со додадена вредност. Кон гости кои остануваат подолго, трошат повеќе, ги посетуваат музеите, културните настани, локалните ресторани и занаетчии. Туристи кои доаѓаат поради уникатноста на дестинацијата, а не само поради ниската цена.

Во тој контекст, сè почесто се отвора и едно важно прашање, дали е конечно време за посериозни инвестиции во хотелиерството?

Реалноста покажува дека во Охрид недостасуваат современи луксузни сместувачки капацитети кои ќе можат да привлечат гости од повисоката категорија на туристичкиот пазар. Не станува збор за бетонски комплекси кои ќе ја нарушат автентичноста на градот, туку за внимателно планирани инвестиции кои ќе ја почитуваат архитектурата, традицијата и културното наследство.

Луксузот во Охрид не треба да значи раскош без идентитет. Напротив. Вистинскиот луксуз денес е автентичноста. Хотел кој ќе ја раскажува приказната на градот. Простор кој ќе ја слави охридската архитектура, локалната гастрономија, традиционалните занаети и богатото културно наследство.

Токму затоа Стариот град останува најголемиот бисер на Охрид. Тоа е местото каде што секоја калдрма, секоја фасада и секое камче имаат своја приказна. Нивната вредност е огромна, и тоа може да донесе големи туристички приходи. Тие се дел од идентитетот на градот и мора да бидат негувани со најголема грижа.

Заштитата на наследството и економскиот развој не се спротивставени процеси. Напротив, тие треба да одат рака под рака. Најуспешните европски туристички дестинации покажуваат дека токму зачуваната автентичност создава најголема додадена вредност.

Охрид има потенцијал да стане пример за одржлив и квалитетен туризам во регионот. Но за тоа е потребна јасна визија, долгорочно планирање и храброст да се донесуваат одлуки кои нема да носат резултати само следната сезона, туку и следните генерации.

Нашата цел не треба да биде само повеќе туристи. Нашата цел треба да биде подобар туризам.

Најчитано