(ВИДЕО) Двајца загинати во судирот на два хеликоптери додека го гаснеа големиот пожар во Грција

Двајца загинати и двајца спасени е билансот од несреќата со двата хеликоптери што се судрија во Грција за време на гаснењето на големиот шумски пожар во близина на Псата во западниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, а станува збор за изнајмени хеликоптери од типот Bell, јави дописничката на МИА од Атина.

Загина екипажот од едниот хеликоптер, односно пилотот од Данска и координаторот од Грција, а повредени се двајцата членови на екипажот од другиот хеликоптер.

Од противпожарната служба на Грција соопштија дека веднаш по сударот биле мобилизирани спасувачки екипи, а со операцијата на терен раководел началникот на противпожарна служба, Теодорос Вајас.

– Во двата хеликоптера беа вкупно четворица мажи, од кои двајца грчки и двајца странски државјани. Двајца од нив се пронајдени живи, додека двајца беа извлечени без знаци на живот и беа преземени од возила на итната медицинска помош, соопштија од противпожарната служба на Грција и додадоа дека двата хеликоптери полетале од аеродромот Елефсина во близина на Атина, а надлежните органи ги истражуваат точните причини и околностите под кои се случила несреќата.

На социјалните мрежи во Грција беше објавено видео од моментот на сударот, на кое се гледа дека едниот од хеликоптерите веднаш по сударот се запали и падна во шумско подрачје.

По денешната несреќа, вкупниот број на загинати во пожарите ви Грција во изминатите пет дена се зголеми на пет лица, откако во средата двајца пожарникари го загубија животот на грчкиот остров Крит за време на гаснење на пожар во близина на градот Ретимно, а во јужниот дел на Пелопонез во близина на градот Гитио, почина пожарникар за време на извршување должност, иако неговата смртта не беше директно поврзана со огнената стихија, со оглед на тоа што се наоѓа подалеку од пожарот.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис попладнево го посети Координативниот центар за операции и управување со кризи на цивилната заштита, за да се информира и за пожарите, но и за несреќата, а преку социјалните мрежи изрази сочувство до семејствата на загинатите.

– Ја изразувам мојата најдлабока тага за трагичната несреќа со двата изнајмени противпожарни хеликоптера, во која животот го загубија двајца борци од првата линија во војната со пожарите, под многу неповолни временски услови – особено за нашите воздушни средства. Загубата на грчкиот координатор и данскиот пилот додека интервенираа во големиот пожар во Порто Гермено, сите нè исполнува со длабока болка. Искрено сочувство до нивните семејства, напиша Мицотакис.

За ситуацијата со пожарите во Грција, директорот за стратешко планирање и комуникации во Противпожарната служба на Грција, Василис Ватракојанис информираше дека во големиот пожар во Виотија и Атика, активен веќе трет ден интервенираат голем број копнени противпожарни сили, но и дека од бројот 112 за итни случаи досега беа испратени 17 пораки, од кои три беа утрово за евакуација на населени места.

– Од понеделникот на 27 јули, до денеска, низ цела Грција избувнаа вкупно 220 шумски пожари. Противпожарната служба беше повикана да се справи со низа особено сложени и истовремени случаи, од кои најсериозни беа на Парос, во Ретимно, Ираклио, Егијалија, Фокида, Лезбос и Калимнос, каде што беа распоредени силни копнени и воздушни противпожарни сили во исклучително неповолни временски услови, посочи Ватракојанис.

Тој додаде дека во истрагите спроведени од единиците на Дирекцијата за истрага на кривични дела поврзани со подметнување пожари, за овие пожари во рок од пет дена била уапсени 33 лице, од кои 30 се за пожари предизвикани од невнимание, а тројца за намерно подметнување пожар и биле изречени 22 административни казни во вкупен износ од 70.100 евра. 

извор МИА
Фото: Црвен крст на Грција/ Кабинет на грчкиот премиер

Повеќе од истиот автор

Најчитано