Проф. д-р Владимир Рендевски, неврохирург на Универзитетската клиника за неврохирургија, во видео-обраќање во рамки на националната кампања „Органодарителството ѝ дава највисока смисла на човечноста!“ упати апел до семејствата на потенцијалните донори да дадат согласност за органодарителство, нагласувајќи дека станува збор за висок морален и хуман чин кој спасува животи.
-Денес се наоѓаме во одделот за интензивно лекување на нашата клиника, што претставува втор по големина оддел за интензивно лекување во Македонија, после КАРИЛ. Во нашата секојдневна клиничка пракса може да кажам дека се соочуваме со најтешко болните и критични пациенти од нашата неврохируршка патологија и за жал, во одредени моменти констатираме кај одредени тешки пациенти, мозочна смрт. Тоа е една иреверзибилна состојба од којашто, за жал, пациентот не може да биде повторно вратен со закрепнување во нормална состојба – истакнува проф.д-р Рендевски.
Во тој момент, како што посочи, многу е важно одлуката на самите семејства, кај пациенти што се потенцијални донори, да биде позитивна.
-Апелирам семејствата на најблиските да дадат позитивна согласност за тие пациенти, да се пристапи кон органодарителство, што претставува висок морален и хуман чин – истакнува проф.д-р Рендевски.
Министерот за здравство, Азир Алиу посочува дека со ова видео продолжува кампањата „Органодарителството ѝ дава највисока смисла на човечноста!“, за да ја зајакнеме јавната свест, довербата и подготвеноста за разговор на оваа тема.
-Последните трансплантации на срце и бубрег уште еднаш нè потсетија дека зад секој спасен живот не стои само медицинска експертиза, туку и една длабоко хумана одлука. Најсилната порака денес доаѓа од докторите, затоа што тие секојдневно ги гледаат и болката на семејствата и надежта на пациентите што чекаат трансплантација – порачува министерот Алиу.








