Владата на Велика Британија упати официјален предлог до Европската Унија за создавање единствен пазар за стоки, но официјален Брисел ја отфрли оваа идеја, пренесуваат британските медиуми.
Според информациите на весникот „Гардијан“, ЕУ наместо тоа предложила Велика Британија да се приклучи кон царинската унија или да прифати подлабоко економско усогласување преку Европскиот економски простор. Ова, пак, од британскиот премиер Кир Стармер би барало да го повлече своето досегашно цврсто одбивање за дозвола на слободното движење на работници. Британските претставници сепак уверуваат дека ЕУ не го отфрлила дефинитивно предлогот за пазарот на стоки и дека идејата сè уште е на маса за дискусија на планираниот билатерален самит во јули.
Портпаролот на британската Влада потврди дека Лондон преговара за „амбициозен пакет мерки“, вклучувајќи и санитарен и фитосанитарен договор за трговија со храна и пијалаци.
Владата на Стармер во последно време сè поотворено зборува за сериозните економски трошоци од Брегзит, а министерката за финансии, Рејчел Ривс, уште во март посочи дека Лондон е подготвен да се усогласи со многу деловни правила на ЕУ за да ги намали трговските бариери.
извор МИА








