Трансформација на светската економија кон безготовински финансиски системи

пишува: Весна Трајковска | Унибанка АД Скопје, Дирекција Трежри

Безготовинска или cashless економија подразбира економски систем на земјата во кој најголемиот дел од финансиските трансакции се реализираат дигитално, електронски, наместо физички или преку готовински плаќања. Тука се подразбираат најчесто дебитни и кредитни картички, мобилни паричници, интернет-банкарство, системи за инстант плаќања, бесконтактни плаќања. Во целосно безготовинска економија, тоа би значело дека и најмалите плаќања би се извршувале електронски.

Неколку причини за трансформација и прибегнување кон овој систем:

— Намалување на трошоците за печатење, за складирање и за транспорт на готовина (готовината е трошок за печатање, за дистрибуција и за чување, со безготовинските трансакции би се редуцирале овие трошоци).

— Подобрување на даночната усогласеност со цел намалување на сивата економија.

— Поголема финансиска инклузија (со мобилното банкарство и со дигиталните паричници луѓето би можеле да прават трансакции без физичко присуство во банка).

— Модернизирање на економијата и пораст на ефикасноста на системот.

— Подобрување на следењето на трансакциите и намалување на измамите.

— Следење на трансакциите преку автоматско чување, што го олеснува раководењето на сопствените финансии.

— Помал ризик отколку носење готовина бидејќи чувањето големи износи е ризично, но кај дигиталните системи тие се заштитени со лозинки и со биометриска сигурност дури и во случај на губење на мобилниот уред.

Од друга страна, земјите кои се населени со посиромашно население кое не може да си дозволи поседување мобилни уреди, последиците од овој систем би биле поинакви:

— Посебно во руралните средини, овој систем може да креира финансиска нееднаквост кај популацијата и нивно исклучување од големата слика.

— Секоја дигитална трансакција се следи и кај нелегалните трансакции ја зголемува загриженоста за губење на приватноста.

— Сајбер нападите како неовластен упад („хакирање“), интернет-измама („фишинг“) побаруваат поголеми трошоци за безбедност.

— Дигиталните трансакции би можеле да бидат поголем трошок за помалите компании кои се обесхрабруваат од прифаќање на вакви трансакции.

— Овие трансакции го прават полесно трошењето пари бидејќи поминување со картичка или допир на телефон до уред за плаќање не се чувствува толку реално како физичко плаќање со готовина.

Според Европската централна банка, во првата половина на 2025 година бројот на безготовински трансакции за плаќање во еврозоната бил 77,7 милијарди или 7,7 % поголем од периодот во 2024 година, односно вкупно 116 трилиони или 2,9 % повеќе од првата половина во 2024 година. Плаќањата со картички изнесуваат 57 % од вкупниот број на трансакции, додека кредитните трансфери 22 %, директните задолжувања 14 % и електронските плаќања 4 %, односно 1 % се припишува на чекови и на други парични услуги.

Дигиталните валути на централните банки претставуваат значаен сегмент во развојот на безготовинско работење. Според најновите податоци, до 2025 година 137 земји, кои опфаќаат околу 98% од светскиот БДП, активно ги истражуваат дигиталните валути на централните банки. За споредба, во мај 2020 година тој број изнесувал само 35 земји, што укажува на значително зголемен интерес и интензивирање на активностите во оваа област. Од нив, 72 земји се наоѓаат во понапредна фаза, односно спроведуваат развој, на пилот-проекти или веќе започнале со имплементација на овие дигитални валути.

ЕЦБ го истакнува моментот на глобално евро со цел зацврстување на валутата и на нејзината меѓународна улога. Дигиталниот кинески јуан е сè уште најголем пилот во овој домен во светот и во 2024 година вкупниот обем на трансакции достигнал речиси 7 трилиони е-јуани (986 милијарди долари) во 17 провинции, во сектори како едукација, здравство и туризам. Америка е исклучок меѓу сродните централни банки бидејќи во 2025 година претседателот Трамп издал наредба за запирање на целата процедура поврзана со дигиталниот долар, што ја направи единствена земја која така постапува. Од почеток на Руско-украинската војна и одговорот за санкционирање од страна на Г7-земјите, целите проекти поврзани со дигитални валути на централни банки се удвоиле, односно поголем број од нив се поврзале со банки од: Кина, Тајланд, ОАЕ, Хонгконг и Саудиска Арабија.

Данска, Шведска и Норвешка се земји кои речиси 98 % од трансакциите ги реализираат дигитално, но заради сигурносни и сајбер опасности владите ги советуваат граѓаните да чуваат мали количини готовина како резерва. Австрија и Германија се најголемите поддржувачи на готовина со околу 72 % од населението, потоа следува Швајцарија каде што готовината се користи 61 % во однос на безготовината, па Ирска, Франција, Холандија. Во европските земји има дел од граѓаните кои воопшто не слушнале за дигитално евро кое би требало да биде воведено во 2029 година.

Домашните банки и менувачниците во земјата речиси три години не вршат готовински купопродажби на овие скандинавски валути. Причината се поврзува со прекин на релациите за размена на овие валути со деловните банки во Шведска, во Данска и во Норвешка како последица на нивната претпазливост во регулативата за спречување на перење на пари.

Безготовинските економии стануваат сè позастапени во светот бидејќи овозможуваат побрзи, побезбедни и поефикасни финансиски трансакции, но потребно е да се обезбеди пристапност и безбедност за сите граѓани со цел транзицијата кон безготовинско општество да биде успешна и праведна. Нашава земја постепено се движи кон развој на безготовинска економија со сè поголема употреба на картички, на мобилно и на електронско плаќање, готовината сè уште има значајна улога во секојдневните трансакции, но за понатамошен напредок потребно е да се зголеми довербата во електронските плаќања и да се подобри дигиталната финансиска писменост кај населението.


Економија и бизнис, 01 јуни 2026г

Најчитано