Цените на нафтата на светските пазари нагло скокнаа по веста дека Соединетите Американски Држави подготвуваат терен за „долгорочна“ блокада на Иран. Како што објави Би-Би-Си, цената на суровата нафта Брент се искачи на околу 115 долари за барел во среда, што е значителен скок во споредба со вторникот, кога тргувањето заврши на нешто над 110 долари.
Овој пресврт на пазарот е директен резултат на пишувањето на Волстрит Џурнал, според кое американскиот претседател Доналд Трамп им наложил на своите соработници да подготват планови за проширување на сегашната блокада на иранските пристаништа. Целта е јасна – да се изврши максимален притисок врз иранската економија сè додека Техеран не попушти.
Тензијата беше дополнително поттикната од активноста на Трамп на социјалните мрежи. Заедно со објавата на неговата платформа Truth Social, каде што го повика Иран „што е можно поскоро да се вразуми“ и да го потпише договорот по неколкудневниот застој во преговорите, Трамп сподели и фотографија на која позира со автоматска пушка во рацете, пренесува Индекс.хр.
Фото Економија и бизнис






