Суфицитот на тековната сметка од платниот биланс на Европската Унија во првиот квартал од 2026 година изнесуваше 113,4 милијарди евра, односно 2,4 отсто од бруто-домашниот производ (БДП), што претставува зголемување во споредба со 99,2 милијарди евра или 2,1 отсто од БДП во претходното тримесечје, објави денеска Евростат.
Овој исход главно е резултат на зголемувањето на вишокот во размената на услуги, од 43,9 милијарди евра во четвртиот квартал од минатата година на 52,1 милијарда евра, како и на преминувањето на сметката на примарни доходи од дефицит од 4,3 милијарди евра во суфицит од 25,3 милијарди евра. Истовремено, суфицитот во размената на стоки е намален од 89 милијарди на 66,7 милијарди евра, додека дефицитот на сметката на секундарни доходи е зголемен на 30,7 милијарди евра.
Според податоците кои не се сезонски приспособени, Европската Унија во првиот квартал од 2026 година остварила најголем суфицит на тековната сметка со Велика Британија (72,8 милијарди евра), Швајцарија (38,7 милијарди евра), Бразил (11,1 милијарда евра) и Канада (10,1 милијарда евра). Најголем дефицит ЕУ забележала во размената со Кина, во износ од 66,3 милијарди евра, додека дефицитот со САД изнесувал 15,8 милијарди евра.
Сезонски неприспособените податоци за тековната сметка на платниот биланс покажуваат дека во првиот квартал од оваа година 16 земји членки на Европската Унија оствариле суфицит, додека 10 земји забележале дефицит, а податоците за Франција не биле достапни, наведува Евростат на својата веб-страница.
Најголем суфицит остварила Германија, во износ од 61,8 милијарди евра, а по неа следуваат Холандија со 26,3 милијарди евра, Ирска со 17,4 милијарди, Данска со 9,2 милијарди, Шпанија со 8,9 милијарди, Шведска со 8,8 милијарди и Австрија со 7,3 милијарди евра. Најголем дефицит на тековната сметка имала Грција, од 6,6 милијарди евра, пред Романија со 5,3 милијарди, Хрватска со 3,4 милијарди и Бугарија со 2,4 милијарди евра.
извор МИА








