Стопанската комора на Северна Македонија беше иницијатор и активен партнер на Управата за јавни приходи во подготовката на компаниите за една од најзначајните дигитални реформи во деловното работење.
Како дел од активностите за навремена подготовка на деловната заедница за воведување на системот за електронска фактура, Стопанската комора на Северна Македонија, во соработка со Управата за јавни приходи, во изминатиот период организираше серија стручни работилници во Скопје, Прилеп, Кичево и Битола, а во наредниот период ќе следуваат и во останатите регионални комори во составот на Стопанската комора на Северна Македонија.
Овие активности се надоврзуваат на иницијативата што Комората континуирано ја застапува повеќе од една деценија за воведување на електронското фактурирање како значајна дигитална реформа. На работната средба одржана во октомври 2025 година меѓу претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески и директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, беше потврдена заедничката определба институциите и бизнис-заедницата партнерски да работат на успешна имплементација на системот и навремена подготовка на компаниите.
Стручните работилници предизвикаа голем интерес кај деловната заедница, а на нив учествуваа стотици претставници на компании од различни стопански дејности. Преку презентации и практични примери, експертите од Управата за јавни приходи ги запознаа учесниците со функционирањето на системот за електронско фактурирање, законската рамка, постапките за регистрација, издавање и прием на електронски фактури, како и со процедурите за нивно прифаќање, исправка и сторнирање.
Посебен акцент беше ставен на практичните предизвици со кои ќе се соочат компаниите при користењето на апликацијата или интеграцијата на системот во нивните деловни процеси, како и на бројните прашања поврзани со специфични деловни ситуации, меѓу кои извозните трансакции, книжните одобренија и задолженија, корекциите на фактурите и усогласувањето на постојните ERP и сметководствени системи.
Економија и бизнис, 15 август 2026г








