СО АЛБАНСКО-АМЕРИКАНСКИ ИЗВЕДУВАЧИ НА  КОНЦЕРТОТ „ЉУБОВ“ ОТВОРЕН ФЕСТИВАЛОТ ОХРИДСКО ЛЕТО

Со гала-концертот „Љубов“, на кој ќе настапат светски познатата албанска сопранистка Ермонела Јахо и американскиот тенор Чарлс Кастроново, вчера на сцената на Античкиот театар беше отворено 66. издание на фестивалот Охридско лето. Концертот ќе биде под диригентската палка на Италијанецот Марко Боеми, во придружба на Национална опера и балет.

Пред полнетиот аудиториум на Античкиот театар на отворањето се обрати покровителот на Фестивалот, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која ја истакна моќта на уметноста да ги надминува поделбите, конфликтите, границите…

–  Фестивалот „Охридско лето“ повеќе од шест децении претставува симбол на врвната уметност, културниот дијалог и духовното поврзување меѓу народите. „Охридско лето“ помни, симболизира и бележи долга и богата меморија и историја, просветителска и просветлувачка мисија, новоотворени музички и театарски хоризонти, космополитизам, меѓудржавно, меѓунационално, интеркултурно и меѓучовечко разбирање, рече таа.

Претседателката нагласи дека Охрид, со своето историско и природно наследство, е идеална сцена за манифестација од светски ранг, посочувајќи дека градот и Охридското Езеро со векови се сведоци на средби меѓу различни цивилизации, култури и јазици.

– За разлика од политиката којашто е далеку од уметност на можното, музиката и театарот, односно културата, остануваат креатори на неможното…истакна Сиљановска Давкова порачувајќи дека во време на поделби, конфликти и неизвесност, културата останува простор што создава надеж, разбирање и поврзување.

„Охридско лето“, рече таа, е извор на поетика на мирот и на љубовта, потврдувајќи дека уметноста е насушна потреба и придобивка, прогласувајќи го Фестивалот за отворен, а посакувајќи тој и натаму да биде место каде што уметноста ќе го потврдува својот универзален јазик.

Министерот за култура Зоран Љутков од своја страна истакна дека културата е најсилниот чувар на националниот идентитет и предуслов за достоинствено постоење на државата. Тој оцени дека фестивалот не е само уметничка манифестација, туку симбол на духовната традиција и потврда дека Македонија отсекогаш ја препознавала културата како стратешка вредност.

Директорот на НУ Охридско лето, Ѓорѓи Цуцковски, истакна дека фестивалот веќе 66 години успешно ја гради својата меѓународна репутација претставувајќи мост меѓу културите, народите и генерациите.

– Како директор на фестивалот чувствувам особена одговорност, но и привилегија да бидам дел од приказната што со децении ја обликува духовната и културната мапа на нашата земја и пошироко. Охридско лето не е само фестивал – тоа е традиција, вредност и мост што ги поврзува културите, народите и генерациите – рече Цуцковски.

Во рамките на 40-дневната програма ќе бидат реализирани 50-ина музички и сценски настани од областа на класичната музика, џезот, балетот и театарот, со учество на повеќе од 700 уметници од 24 земји.

Фестивалот годинава ќе одбележи и два значајни јубилеи – 100 години од раѓањето на оперската дива Ана Липша-Тофовиќ и 60 години од основањето на Факултет за музичка уметност – Скопје.

Во соработка со дипломатските претставништва ќе бидат организирани Австриска, Шпанска, Британска, Италијанска, Француска, Холандска, Грчка, Словачка, Унгарска и Полска вечер, како и Вечер на Европската Унија.

Пред свеченото отворање во црквата „Света Софија“, во соработка со Музичката младина на Македонија, се одржа  традиционалниот „Подиум на млади“, посветен на новата генерација музички уметници.

Новина во годинешната програма се концертите на џез-музика, што ќе се одржат од 13 до 16 август на сцените „Долни Сарај“ и „Света Софија“, со настап на врвни музичари од САД, Гана, Велика Британија, Холандија, Германија и Северна Македонија.

Според Цуцковски, минатогодишното издание на фестивалот било најпосетено во последната деценија, со повеќе од 10.000 посетители и публика од над 30 земји, што, како што оцени, претставува значаен придонес и за промоцијата на Охрид како културна и туристичка дестинација.

Фестивалот се одржува под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со финансиска поддршка од Владата преку Министерството за култура и туризам. Генерален спонзор е „А1 Македонија“, а поддршка во организацијата обезбедуваат и Општина Охрид, дипломатскиот кор и многубројни спонзори.


Фото: Охридско лето

Извор МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано