Силно невреме во Словенија: Активирани 50 свлечишта, штетите се мерат во милиони евра

Силно невреме проследено со обилни врнежи ја погоди словенечката општина Жетале, предизвикувајќи големи штети на јавната инфраструктура и приватните објекти. Според локалните власти, во краток временски период наврнале дури 117 литри дожд на квадратен метар.

Градоначалникот Матјаж Копше изјави дека се активирале околу 50 свлечишта, а оштетени се два државни и еден општински мост, како и делови од патната инфраструктура. На терен се ангажирани служби за цивилна заштита, пожарникари и екипи за одржување на патиштата кои работат на обезбедување на безбедноста и воспоставување на сообраќајните врски.

Голема штета е регистрирана и на приватни објекти, а една куќа во населбата Черможе е загрозена поради свлечиште. Оштетен е и спортскиот терен кај основното училиште, каде минатата година беше поставена нова синтетичка подлога.

Локалните власти ги повикаа граѓаните на претпазливост и најавија проценка на штетите, кои според првичните информации се мерат во милиони евра. Според градоначалникот, општината нема да може самостојно да ги покрие трошоците за санација на последиците од невремето, пренесува Телеграф.

Повеќе од истиот автор

Најчитано