Додека Европската Унија бара начини да ја намали зависноста од увоз на критични минерали, особено од Кина, Шведска го направи следниот чекор. Владата во Стокхолм официјално го прогласи ископот на критични минерали и ретки земни елементи за прашање од национален безбедносен интерес, со што најави забрзување на процедурите за добивање дозволи и создавање поповолни услови за нови инвестиции во рударскиот сектор.
Според шведската Влада, станува збор за економска и геополитичка неопходност. Целта е земјата да ја зацврсти својата позиција како една од водечките европски рударски економии и истовремено да придонесе за поголема суровинска независност на Европската Унија.
„Оваа одлука треба да го олесни и забрза процесот на добивање дозволи за нови проекти за екстракција и да помогне во привлекувањето инвестиции. Шведска мора да стане водечка рударска нација“, изјави вицепремиерката и министерка за енергетика Еба Бош, додавајќи дека зависноста од кинеските суровини претставува системски ризик не само за шведската, туку и за европската економија.
Шведска веќе е еден од најзначајните рударски центри во Европа. Земјата располага со околу 60 проценти од познатите европски резерви на железна руда и обезбедува речиси 90 проценти од европското производство. Дополнително, четири од 47-те стратешки проекти на Европската Унија за критични суровини се наоѓаат токму во Шведска, меѓу кои и проектот „Пер Гејер“, едно од најголемите откритија на ретки земни елементи во Европа.
Во Македонија, пак, процесите се движат значително побавно. Земјата допрва треба да го усогласи законодавството со европската регулатива преку нови закони за рударство и геологија, додека нов инвестициски циклус практично не постои. Од четирите активни металични рудници, само „Бучим-Боров Дол“ експлоатира бакар, при што неговите резерви постепено се исцрпуваат.
Во такви околности, проектот за бакарниот рудник Иловица-Штука останува единствената поголема потенцијална инвестиција во секторот. Покрај значајниот капитален влог, проектот би можел да придонесе за зголемување на индустриското производство, извозот и буџетските приходи во период кога побарувачката за бакар достигнува историски високи нивоа.
На светските берзи бакарот годинава достигна цена повисока од 14.000 американски долари за тон, а според досегашните геолошки истражувања, локалитетот Иловица располага со ресурси што овозможуваат производство на повеќе од 10.000 тони бакар годишно. Дополнително, со новиот тарифник за концесиски надоместоци, 4 проценти од пазарната вредност на бакарот во секој произведен тон бакарен концентрат ќе се слеваат во државниот буџет, што дополнително ја зголемува економската тежина на ваквите проекти.
Домашната стручна јавност веќе подолго време укажува дека Македонија располага со минерални ресурси кои можат да бидат конкурентска предност, доколку нивната експлоатација се реализира во согласност со современите еколошки стандарди.
„Ова е моментот кога Европа и целиот свет се соочуваат со недостиг од критични минерали што ние ги поседуваме и тој потенцијал треба да се искористи. Секако, сè мора да се реализира со највисоки еколошки стандарди и без никакви компромиси во заштитата на животната средина“, оценува професорката по геологија и претседателка на Македонското геолошко друштво, Соња Лепиткова.
Слична насока препознава и Стратегијата за минерални суровини 2026–2046, во која се наведува дека силниот меѓународен интерес за критичните суровини претставува можност Македонија повторно да се позиционира како рударска земја и поактивно да се вклучи во европските и глобалните синџири на снабдување.
Во време кога европските држави го третираат пристапот до критични минерали како прашање на економска безбедност, конкурентност и индустриски развој, прашањето за Македонија повеќе не е дали располага со минерални ресурси, туку дали ќе успее навреме да ги претвори во нов инвестициски и развоен циклус.
(комерцијален текст)
фото: ВИ илустрација








